Достапни линкови

Граѓани на улиците до демократизација на институциите


Ако граѓаните се истрајни во барањето на демократизација на институциите, владејачката партија нема да може уште долго да го игнорира граѓанскиот протест.

Веќе со недели илјадници граѓани се секојдневно на улиците, пред сè испровоцирани од одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да помилува политичари и нивни соработници, но имаат и редица други барања. Покрај повлекување на аболицијата, оставка од Иванов, повлекување на одлуката за избори на петти јуни, тие бараат и граѓаните да бидат вклучени во процесот на разговори за надминување на кризата.

Ако граѓаните се јасни, ако мобилизацијата е конзистентна и стои зад принципите сè до нивно исполнување, нема да имаат избор, затоа што моќта на граѓаните ќе мора да ги наведе институциите да се демократизираат и да ја стават државата во вистинската насока.

Протестот на улица е за да се врати владеењето на правото, кое сега не постои, исто како што не функционираат институциите, а и Уставот е скршен повеќе пати, вклучително и со одлуката на Иванов, оценува Игор Мицевски, активист во движењето „Протестирам“. Според него, нема друг избор за државните моќници, освен да ги слушнат и граѓаните кои се на улиците.

„Ако граѓаните се јасни, ако мобилизацијата е конзистентна и стои зад принципите сè до нивно исполнување, нема да имаат избор, затоа што моќта на граѓаните ќе мора да ги наведе институциите да се демократизираат и да ја стават државата во вистинската насока. Граѓанското присуство во тој процес е императив, не може повеќе да се случуваат политички промени во кои граѓаните не се прашани за тоа каде сакаат да оди ова општество”, вели Мицевски.

Граѓаните и според Уставот се носители на суверенитетот и пред сè владејачката партија нема да може уште долго да ги игнорира, оти на сите им е јасно дека во спротивно револтот може да се радикализира, смета и професор Темелко Ристевски.

„Јас мислам дека на крај и владејачката гарнитура изложена на огромен притисок од граѓаните дека ќе се вразуми и ќе создаде услови за тоа да се седне на преговарачка маса и да се преговара со цел политичките партии од власта и оние кои се стремат да бидат сервис на граѓаните, но сепак пред сè мислам на владејачката партија, тие треба да ја одиграат одлучувачката улога во тој процес”, вели Ристевски коментирајќи ги условите кои треба да се создадат за воопшто да се отвори можноста за решавање на проблемите преку дијалог.

Последната шанса во Виена пропадна поради двете барања на СДСМ – повлекување на одлуката за аболиција и поништување на одлуката за избори на петти јуни, нешта за кои владејачката гарнитура не покажа спремност за компромис.

Во меѓувреме протестите продолжуваат и се проширија во повеќе градови. Паралелно со тоа пораснаа и критиките во дел од јавноста дека движењето „Протестирам“ се криело за да не преземе одговорност за инцидентите, а и дека негови членови земале огромни суми пари. Во интервјуто што в целост ќе го емитуваме в недела Мицевски како активист во движењето целосно ги негира ваквите написи.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG