Достапни линкови

logo-print

Сложни коалиционери бизнис прават


Како функционирала коалицијата меѓу ВМРО ДПМНЕ и ДУИ во делот на меѓусебната заштита и покривање на незаконското однесување и како се местени милионски тендери и како се испумпувале пари во приватни компании кои потоа завршувале во ВМРО ДПМНЕ, дел од „бомба“ 31 на СДСМ.

Договори меѓу функционери на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за незаконски или пак прикривање на незаконски активности. Местење на тендери за ЕЛЕМ за луѓе блиски до власта, како што тврди претседателот на СДСМ Зоран Заев, да се слушнат од разговорите кои ги објави на денешната прес конференција.

Од разговорите на кои, како што рече, се слушале гласовите на Сашо Мијалков и Муса Џафери се слуша како се разговара за интервенирање за да се ослободи запленета стока за близок на министерот од ДУИ.

„Машки глас 1: Ме прашуваше тој човекот. Компјутерите се уште во Скопје. И тој е во Скопје. Види, да ги чека да ги зема, ќе им ги дадат...
Машки глас 2: Зборев јас со нив. Ми кажаа вака: поради некоја најава ова-она и поради тоа што со наредба треба да се направи некоја копија, вика утре сабајле 9-10 да дојдат, да си ги земат.
Машки глас 1: Ама се извинувам, нема да ти свртам телефон, пошто и тој ми досади.
Машки глас 2: Не, не, не. Ја зборев пред саат време и тоа ми рекоа, пошто мене и Абдулаќим ми се јави...
Машки глас 1: Кажи ми чисто...
Машки глас 2:Абдулаќим ми се јави пред саат време. Она што ми пушти порака, прво ми се јави, па ми пушти порака. Пошто он ми се јави, јас проверив. Се јавив таму, викам што е работата. Вика све е уреду, дојдоа луѓето, си отидоа, се договоривме. После тоа ми пушта Абдулаќим, зборел со луѓето, луѓето рекле не е договорено. Па јас проверив накнадно. Сега го барав него, он е недостапен. Тебе ти кажувам дека утре 9-10 си ги зимаат.
Машки глас 1: Океј.
Машки глас 2:Иначе, иначе они ве мафтаат вас малце. Таму се им функционира.
Машки глас 1: Не бе не, ова телефонски. Може и тоа. Ќе го видиме тоа.
Машки глас 2: Ве мафтаат и нека не прават притисок, нема смисла сега. Кај им правиме попуст, они...“

Од друг телефонски разговор, тврди Заев, се слушало како премиерот Груевски нарачувал мерцедес за себе чија набавка одела преку МВР, а како што рече сумата од речиси 600.000 евра ја платиле граѓаните. За набавеното возило во друг телефонски разговор, како што вели, Заев разговарале Мијалков и тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

„Машки глас: До локалните ние нема да објавуваме дека го презимаме возилото туку ќе глумиме дека е на МВР и вие ќеси го користите коа ќе ви доаѓа некој познат ова она, ќе го користите а ние ќе го користиме само коа ќе одам на пат или кога имам дестинации кајшто не ме чекаат новинари...
Женски глас: Нема проблем претседателе, јас пошто...
Машки глас: Така да заради тоа ќе го задржиме... ќе комбинираме...
Женски глас: Да да добро нема проблем...
Машки глас:Таму...кај шо ме чекаат куп новинари ќе си одам со старата
Женски глас: Да де да...
Машки глас: ...или ако е на пат ќе одам со новото а некаде таму ќе се пребацам у друго и така, до локални, после локални ќе смислиме некој начин ќе објавиме дека сме го превземале од МВР и дека од сега...бидејќи 20 години више ќе направи претходното и дека сме го превземале тоа и така...
Женски глас: Добро јас нема проблем пошо нели веќе се заврши све...
Машки глас: Така, до локални нека си биде на вас, на ваше како се вика тоа...
Женски глас: Не, може и после да си биде на МВР возилото, значи нема никаков проблем...
Машки глас: Нека си биде
Женски глас: Значи сопственик си е МВР нема никаков проблем, у принцип мислам кај нас се задолжува возило на име за... да си внимава некој да не не го оставаме така...

Од еден од пуштените разговори денеска, пак, како што рече Заев, се покажувал диктаторскиот однос на Груевски со неговите соработници конкретно со Миле Јанакиески со кого се слуша разговор за презентација на новите автобуси.

„Машки глас 1: Значи...ти идеш у Ѓорче или од кај тргаат не знам од негде од подалеку, аа еден по еден наредени сите 15, презентација негде у Центар кај шо може да се паркираат, да не закочат све, мада добро е и за закочат малце, застануваат тука искачаш ти од автобусот или влагаат камерманите унатре те снимаат ова она, даваш изјава и после они да кружат пола ден да кружат низ цело Скопје така 15 по ред...
Машки глас 2: Океј...
Машки глас 1: Може?
Машки глас 2: Добро, добро...
Машки глас 1: Значи нека си продужат до Драчево па од Драчево накај Бутел, не знам накај Партизанска, па Илинденска, па не знам каде и така нека извртат едно 10-15 круга, едно 4-5 саата нека возат...
Машки глас 2: Добро...
Машки глас 1: Напрај им траса, да знаат кај треба да одат...
Машки глас 2: Океј, ќе го организирам утре...
Машки глас 1: За да ги глеа народ...
Машки глас 2: Добро...овие денеска цел ден го изгубив со тие...
Машки глас 1: Викни го и Коце на отварање, на тоа на донесување...
МЈ: Да, да, и Коце и овај Мишо...
Машки глас 1:: Мишо, Коце и така...
Машки глас 2: Ќе биде то оти негде околу први втори...
Машки глас 1: Викни го и Зоки Ставрески.“


На почетокот на прес конференцијата Заев нагласи дека вчерашните оставки на Јанкулоска, Мијалков и Јанакиески биле потврда дека снимките што ги објавуваат биле точни, додавајќи дека нема потреба од триумфализам, бидејќи тоа не било нивната крајна цел, туку враќање на слободата и демократијата и побара оставка и од Никола Груевски. Тој најави дека очекува и други функционери да поднесат оставки, меѓу кои, како што рече и функционери од ДУИ.

На новинарско прашање дали СДСМ ќе се врати во Собранието и ќе учествува во работата на анкетната комисија, Зоран Заев изјави дека неговата партија ќе се врати само по оставка на премиерот.

„Ќе се вратиме во Парламентот само после оставката на Никола Груевски за да ги дефинираме чекорите за формирање на преодната влада. Само со негово заминување може да се вратат работите во нормала“, изјави Заев.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG