Достапни линкови

Заев: ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ си го покривале незаконското работење


Бизнис зделките меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ и како меѓусебно се покривале е тема на новата „бомба“ на СДСМ. Заев рече по оставките од ВМРО-ДПМНЕ, очекува оставки и од министрите од ДУИ.

Денеска јавноста ќе слушне за тоа како функционирала коалицијата меѓу ВМРО ДПМНЕ и ДУИ во делот на меѓусебната заштита и покривање на незаконското однесување, изјави лидерот на СДСМ Зоран Заев на почетокот од денешната прес конференција. Ќе слушнете, рече тој, нови докази како се местени милионски тендери и како се испумпувале пари во приватни компании кои потоа завршувале во ВМРО-ДПМНЕ. Денеска јавноста ќе ја дознае и вистината за тоа кој стои зад купувањето од страна на МВР нов автомобил Мерцедес вреден речиси 600 илјади евра. Кој го нарачал и за каква цел.

Почнуваме со сет од 4 разговори за бизнис зделките на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, истакна Заев. Првите два разговора се меѓу Муса Џафери и Сашо Мијалков. Тие, според овие разговори, биле задолжени од Никола Груевски и Али Ахмети да решаваат голем дел од меѓукоалициските проблеми. Заев тврди дека Џафери бара од тогашниот директор на УБК да среди работа на негов близок човек да се врати запленетата роба.

Од друг телефонски разговор меѓу тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и министерот за здравство Тодоров, Заев рече дека се слуша како разговараат за незаконски активности на поранешниот министер за здравство Бујар Османи, но дека тоа до ден денеска не е обелоденето во јавноста. Во спорното реновирање на охридската болница извршено во време на Османи, тврди Заев, била вклучена фирма за надзор која, како што рече, била сместена во куќата на тогашниот министер за транспорт Миле Јанакиески, што според шефот на СДСМ, било доказ за добрите бизнис- релации меѓу ВМРО ДПМНЕ и ДУИ.

Од дел од разговорите, меѓу, како што вели Заев, Влатко Чингоски и Кирил Божиноски, се слуша како се собираат пари со рекет од фирми, истите фирми, вели Заев, од кои претходно барале да вработуваат луѓе.

„Тие од исток е ОК, а тие што се од „Г“, не е собрано доволно, требало 14, а се собрало, 10, вели едниот машки глас, на што следува предлогот – Треба да ги провериш.

Јавноста не доби потврда дали ВМРО за затвори финансиската дупка за изборите во 2013 година, рече Заев, најавувајќи сет од разговори во кои, како што рече се слуша како овие фирми ги плаќале огласите во провладините медиуми за изборите.

На почетокот на прес конференцијата Заев нагласи дека вчерашните оставки на Јанкулоска, Мијалков и Јанакиески биле потврда дека снимките што ги објавуваат биле точни, додавајќи дека нема потреба од триумфализам, бидејќи тоа не било нивната крајна цел, туку враќање на слободата и демократијата. Тој најави дека очекува и други функционери да поднесат оставки, меѓу кои, како што рече и функционери од ДУИ.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG