Достапни линкови

СДСМ од Штип: Изборни притисоци врз бизнисот


Претседателот на Oпштинската организација на СДСМ Штип, Владимир Милошев во последната така наречена бомба објави изборни нерегуларности, притисоци врз бизнисот и партиски вработувања.

Изборни нерегуларности, партиски вработувања, притисоци и казни за бизнисмените во Штип кои не попуштале под заканите на ВМРО-ДПМНЕ, и злоупотреба на штипскиот универзитет од страна на функционери на владеачката партија. Ова денеска го објави претседателот на Oпштинската организација на СДСМ Штип, Владимир Милошев во последната така наречена бомба.

Тој започна објавувајќи прислушувани разговори, како што рече, меѓу Антонио Милошоски и ректорот на Универзитетот Гоце Делчев во Штип Саша Митрев, во кои според СДСМ, се слуша како Милошоски правел план негов човек прво да волонтира, за потоа да биде вработен на штипскиот Универзитетот.

Вториот разговор пратеничките Силвана Бонева и Надица Танчева-Тулиева, како што велат од СДСМ, договарале запишувње на Бонева на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Милошев истакна дека во разговорот Бонева признава оти тоа е срамота, а Тулиева и одговара дека „ќе биде работата“. Ова, истакнаа од СДСМ, е доказ за упадот во автономијата на Универзитетот Гоце Делчев и негова злоупотреба за партиски и лични интереси на ВМРО-ДПМНЕ.

„Јавноста во Штип многу добро знае дека Универзитетот во Штип се злоупотребува за лични интереси на функционерите од власта“, рече Милошев.

Тој објави и разговор, како што рече, меѓу Бонева и Танчева Тулиева, за тоа какво е мислењето на пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ за поранешниот градоначалник на Штип, Зоранчо Алексов, како и разговор помеѓу актуелниот заменик министер за земјоделство, кој тогаш бил директор на Централниот регистар и директорот на царинската управа Влатко Мијалков, во кој Мијалков рекол дека поранешниот градоначалник на Штип, Алексов не бил во ред со паметот, велат од СДСМ.

Во третиот сет разговори Милошев рече дека се слуша какво е мислењето на Миле Јанакиески и Александар Николоски за актуелниот градоначалник на Штип и ниви сопартиец, Илчо Захариев. Од снимката според СДСМ, се слуша како Николовски вели дека Захариев бил „невиден бандит, а имал најјак рејтинг.“

„Треба ли воопшто да кажеме нешто друго за градоначалникот Илчо Захариев, за кој како што чувме сметаат дека е бандит“, рече Милошев.

Јавноста слушна за изборниот криминал на Никола Груевски во цела Македонија, а Штип не е исклучок, продолжи Милошев со така наречената бомба, објавувајќи разговори кои како што рече, покажуваат дека на локалните избори во 2013 година, премиерот Груевски преку неговата секретарка барл да се забрза акцијата во Штип со неопределените граѓани, а требало сите да бидат извададени во согласност со списоците на ВМРО-ДПМНЕ. Во другиот разговор од овој сет, рекоа од СДСМ, во Општина Центар бил ангажиран директорот на Централниот регистар, Ванчо Костадинов.

„Разговор меѓу Ванчо Костадинов и поранешниот директор на ЕЛЕМ Влатко Чинговски кој ја покажува поклопеноста на државниот систем, како вработувањата се реализираат исклучиво по партиска линија и како прво се одредуваат списоци на имиња, па потоа врз основа на тој список се распишува оглас за вработување. Тој додаде дека како и во Прилеп, исто така и во Штип фирмите биле под жесток притисок на власта. Оние што не подлегнале под притисокот биле казнети со инспекции и драконски казни, а тоа, го докажуаат сетот разговори што ги објавија на Миле Јанакиески, Ванчо Костадинов и Влатко Мијалков“, рече Милошев.

Прес-конференцијата СДСМ ја зврши со разговори за тоа каво мислење имале Ставрески и Јанкулоска за Миле Јанакиески и дека Антонио Милошоски на спорно земјиште тајно градел куќа во медитерански стил.

Милошев ги повика и штипјани на протестен марш во 18.30 часот, за „враќање на слободата, демократијата, правото и достоинството во Република Македонија.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ реагира дека „раскажувачот Заев и неговите клонови по градовите пуштаат креирани, сечени, лепени и прелепувани, монтирани материјали кои самите по себе не докажуваат ништо“.

Според нив, главната активност на СДСМ се состои во напорите да се раскажува нешто скандалозно, иако тоа е далеку од тоа што СДСМ сака да го претстави.

„Вистината не е во сечените материјали, туку во тоа што е сработено. На секој штипјанец, но и секој граѓанин од било кое друго населено место во државата му е совршено јасно и знае како гласал на изборите и зошто ја дал својата доверба. СДСМ не може со било каква манипулација или смислени лаги да ги убеди во нешто што не постои. На изборите се мери угледот на секој политичар, а тоа што во Штип СДСМ години наназад катастрофално губат на иборите најдобро покажува што мислат граѓаните за СДСМ“, се вели во реакцијата на ВМРО ДПМНЕ.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG