Достапни линкови

Битолската „бомба“ во фокусот на дневниот печат


Нелегално снимените телефонски разговори за нарачки за лустрација и за партиски вработувања, што беа објавени на прес-конференција на СДСМ во Битола се дел од главните теми во весниците.

Битолската опозициска „бомба“ е главна тема во некои печатени медиуми. Информации за неа пренесуваат Утрински - „Бомба за лустрацијата и за партиски вработувања“; Нова Македонија - „СДСМ во Битола објави 13 нови телефонски разговори за кои тврди дека се однесуваат на коруптивното работење на градоначалникот Владимир Талески, изборни нерегуларности, притисок врз приватни фирми и партиски вработувања“; Слободен печат - „Нуклеарна бомба во Битола!“

СДСМ во Битола објави 13 нови телефонски разговори за кои тврди дека се однесуваат на коруптивното работење на градоначалникот Владимир Талески, изборни нерегуларности, притисок врз приватни фирми и партиски вработувања.

Вечер и Дневник не објавуваат информација за опозициската активност во Битола. Наместо тоа, во насловите го цитираат словенечкиот европратеник, Иво Вајгл, дека „Бомбите на Заев се неприроден начин на водење политика“. Дневник и Вечер со истата тема: „СДСМ досега ги амнестира Ахмети и неговите од снимките - Заев и ДУИ во премолчан брак“, наслови Дневник.

Собирање потписи за Заев да се прогласи за велепредавник.

Собирање потписи за Заев да се прогласи за велепредавник.

Истиот весник пишува дека „Заев страстната недела ќе ја помине на распит во Обвинителството“, а во друг наслов оди со претпоставка дека „До крајот на мај можна пресуда за Заев и Верушевски?“ И Утрински ги брои посетите на Заев во Обвинителството: „Заев во десет дена седум пати на суд“.

Редици луѓе чекаат да се потпишат на иницијативата за одговорност на Заев.

Слободен печат го пренесува пишувањето на порталот Либертас, кој објавува документ од Викиликс со извештај на поранешниот американски амбасадор во Скопје, Филип Рикер до своите надлежни, во кој се чита дека Груевски уште во 2008-та бил за амнестија на хашките случаи.

Премиерот во Тетово изјави дека „она што го прави опозицијата е рамно на велепредавство“, објави Вечер, кој ја следи и иницијативата на „Спасителите на Македонија“ за собирање потписи со кои се бара Заев да биде прогласен за велепредавник. Па насловува: „Редици луѓе чекаат да се потпишат на иницијативата за одговорност на Заев“.

Слободен печат го објавува одговорот на лидерот на СДСМ: „Со собирањето потписи за велепредавство власта ги турка граѓаните во нов криминал - лажна пријава“.

Во меѓувреме, „Околу 100.000 хонорарци останаа без здравствено осигурување поради административни процедури, објави левичарското движење Солидарност“ - информира Утрински.

Истиот весник информира и за продолжувањето на средношколскиот бојкот поради лошите образовни реформи во пет скопски гимназии, потоа во Струмица и Куманово...

„Судската администрација најавува штрајк доколку не се направат итни промени во новиот Закон за судска служба донесен лани“ - информира исто така Утрински.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG