Достапни линкови

logo-print

Скопје ден потоа, повредени, приведени


Повредени и приведени по вчерашните повреди, но протестите продолжуваат, со најави и за други градови. Од МВР велат дека постапувале согласно законите. Во болница има шест полицајци задржани на лекување. Студентскиот пленум реагира на упадот на полицијата во читалната на Браќа Миладиновци.

Ден по протестите пред Владата по објавувањето на информациите на опозицијата за убиството на Мартин Нешкоски и за наредните денови се најавуваат слични протести, а по социјалните мрежи има информации дека и во други градови ќе има протести, при што се споменуваат Прилеп и Битола.

Полицијата со најмала употреба на кое било полициско овластување успеа со потиснување да ја разбие масата, меѓутоа тогаш не беа користени други мерки на присилба за разбивање на масата.

Во меѓувреме МВР на прес - конференција излезе со информации за протестите што се случуваа пред Владата. Според нив, епилогот од протестите е 38 повредени полицајци од кои шест се задржани во болница, како и еден повреден цивил, додека 30 лица се лишени од слобода од кои двајца малолетници кои по разговорот со службено лице се пуштени дома, а идентификувани се 12 лица кои учествувале во нападот врз полицијата.

Министерката Гордана Јанкулоска изјави дека полицијата не ги пречекорила своите службени овластувања на протестите пред Владата, кога ја разбиле толпата во три правци кон околните булевари.

Полицијата бркајќи ги демонстрантите, влезе во библиотеката Браќа Миладиновци, направи паника, почнаа да маваат по маси, по столчиња, да влечат луѓе надвор. Се создаде тензија при толпата, имаше повредени не можам да гарантирам од што.

„Полицијата со најмала употреба на кое било полициско овластување успеа со потиснување да ја разбие масата, меѓутоа тогаш не беа користени други мерки на присилба за разбивање на масата, туку со максимално трпение и професионален однос за да се избегнат дополнителни ескалации на настаните, полицијата успеа да ја разбие толпата“, изјави Јанкулоска.

Студентскиот пленум објави видео снимки дека специјалци влегле во читалната на библиотеката Браќа Миладиновци и насилно извлекувале студенти под сомнение дека се демонстранти.

„Полицијата бркајќи ги демонстрантите, влезе во библиотеката Браќа Миладиновци, направи паника, почнаа да маваат по маси, по столчиња, да влечат луѓе надвор. Се создаде тензија при толпата, имаше повредени не можам да гарантирам од што, дали е од удар на полиција, од оградата, не можам да гарантирам, ама имаше деца кои беа повредени, полесно, но имаше повредени“, изјави Стефан Дојчиновски, студент кој бил во читалната.

Влегувањето на полицијата во читалната, според Јанкулоска, било поради потрага по насилните демонстранти кои се обиделе да се скријат во околните објекти.

Од Градската болница каде се задржани шест полицајци, изјавија дека нивната состојба е стабилна.

„Повреди на главата, стомакот, подколениците, стапалата, претежно како што велат тие удари здобиени од метални шипки и од бекатони“, изјави доктор Јасминка Чабуковска, директор на Градската болница.

Инаку, Јанкулоска нема информација дали во нередите е повредена мајката на Мартин Нешкоски, а досега во МВР тоа не е пријавено. Јанкулоска истакна и дека се уште не се прегледани и сите снимки од безбедносните камери.

За време на протестот уништени се седум полициски возила и друга опрема, а било симнато и македонското знаме од јарболите пред Владата.

Јанкулоска рече дека не е важно дали осудениот Спасов за убиството на Нешкоски добил или не наредба и дека во кривичната пријава е детално објаснета фактичката состојба дека лицето кое е осудено имало писмена наредба на локација во Куманово и дека во моментот кога се случило убиството, таа наредба немала важност

Братот на Нешкоски, Александар на протестите бараше ревидирање на целиот случај со убиството.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG