Достапни линкови

Странските агенции за протестите во Скопје


Насилство и жестоки пресметки. Вака дел од светските новински агенции ги пренесоа информациите за синоќешните антивладини протести во Скопје. До ова дошло неколку часа откако лидерот на опозицијата Зоран Заев ја обвини власта дека го прикривала убиството на Мартин Нешкоски.

Жестоки судири во македонскиот главен град меѓу полицијата и демонстрантите кои протестираа поради убиството на 22-годишно момче кое било претепано од полицијата за време на прославите по изборите во 2011 година.

Ова се наведува во информацијата на новинската агенција Асошиетед прес, во која се наведува дека до ова дошло откако „македонскиот опозициски лидер го обвини примерот за обид за прикривање на смртта на Мартин Нешкоски“.

Лидерот на социјалдемократите Зоран Заев претходно објави неколку аудио снимки на кои луѓе, за кои се наведува дека биле премиерот Никола Груевски, шефот на разузнавањето, министерот за внатрешни работи и други официјални претставници разговарале како да го прикријат убиството.

Нешковски, како што се додава, ја прославувал изборната победа на Груевски.

Ќорсокакот ја турна земјата во длабока политичка криза и ја поттикна Европската унија да покрене дијалог.

Член на обезбедувањето на премиерот и на специјалната полиција беше обвинет за неговото убиство и казнет со 14 години затвор, наведува Асошиетед прес, додавајќи дека на синоќешните протести демонстрантите извикувале „убијци, убијци“ и барале оставка од владата.

До судирите, според оваа агенција, дошло откако некои од нив почнале да фрлаат предмети врз полицијата.

Асошиетед прес ја цитира и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска која го обвини Заев за, како што се наведува, „монструозна конструкција на мрачно сценарио за политички цели“.

Агенцијата Ројтерс наведува дека на протестите имало над 2 илјади луѓе и оти притоа некои од нив палеле контејнери и фрлале камења врз полицијата која ја обезбедувала владината зграда, по што интервенирале полициските сили кои ги растуриле демонстрациите.

Агенцијата посетува дека „Груевски, конзервативец кој е на власт девет години, е во конфликт со лидерот на СДСМ Заев што претставува закана за македонската кршлива демократија“.

Заев во изминативе неколку месеци објавува снимени разговори за тоа како да се вработат членови на ВМРО-ДПМНЕ во државни служби, како да се избираат судии и како да се местат изборни резултати.

Груевски ги отфрла ваквите обвинувања, а прислушуваните разговори ги оцени како заговор од странски служби.

Агенцијата Франс прес, информирајќи за антивладините протести во Скопје, оценува дека политичките тензии во Македонија се интензивираа од јануари годинава кога владата ги обвини лидерот на најголемата опозициска партија Заев и четири други лица за шпионажа и насилство врз претставници на највисоките државни тела.

„Заев ги отфрли обвинувањата наведувајќи дека власта прислушувала најмалку 20 илјади луѓе.

„Ќорсокакот ја турна земјата во длабока политичка криза и ја поттикна Европската унија да покрене дијалог“, наведува Франс прес, која објавува дека опозицијата најавила масовен антивладин протест за средината на мај.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG