Достапни линкови

logo-print

Незадоволството расте - потребно е политичко решение


Повод за протестот беше Нешкоски, но на протестот се изли сето насобрано незадоволство. Има најави и за нови протести, со што на повидок е безбедносна криза, велат познавачите и апелираат организаторите и партиите да повикуваат на смиреност.

Пред десетина дена претседателот на СДСМ Зоран Заев, најави дека ќе објават сензитивни материјали поврзани со смртта на Никола Младенов, петкратното убиство кај Смиљковско Езеро, ликвидациајта на Мартин Нешкоски и прашањето за името.

Се случува нешто многу сериозно на безбедносен план. За тој аспект мислам дека сите овие изрази на протест кои се случија и она што во најава ќе се случува, ќе предизвика сериозен проблем на внатрешен безбедносен план.

Уште по вчерашната т.н. бомба поврзана со убиството на младото момче за време на прославата на изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ во 2011 година, Скопје не беше мирно. Според безбедносниот аналитичар Благоја Марковски, поводот за протестите вчера бил Нешкоски, но на нив се видело акумулираното незадоволство од многу области во земјава.

„Во Република Македонија се случува нешто многу сериозно на безбедносен план. За тој аспект мислам дека сите овие изрази на протест кои се случија и она што во најава ќе се случува, ќе предизвика сериозен проблем на внатрешен безбедносен план во Република Македонија и од тој аспект нè очекува сериозна безбедносна криза“, вели Марковски кој додава дека за да не дојде до посериозни проблеми потребна е поголема внимателност од сите.

„Политичарите се тие и организаторите на овие протести, кои треба постојано да го повикуваат граѓанството, односно протестантите да го изразуваат својот протест на мирен начин, но од друга страна пак не смее да се дозволи злоупотреба на полицијата во политички цели, како што тоа синоќа беше од страна на власта“, вели Марковски.

И аналитичарот Алберт Муслиу смета дека во периодов што следи се поголем број како што вели засегнати групи ќе го изразуваат револтот на ваков начин. Затоа вели дека најважно за да не дојде до посериозни безбедносни проблеми е да се постигне политичко решение.

„За жал, искуствата кај нас не укажуваат дека нашите политичари се секогаш свесни за потребата на моментот, јас сигурно се надевам дека тоа ќе се случи, но според реакциите, според најавите, според активностите кои се преземени вчера и денеска, ни укажува на тоа дека сигурно во наредните денови нема да имаме некои поинтензивни преговори за да се изнајде решение, а верувам дека интензитетот ќе се зголемува и се надевам дека што поскоро ќе изнајдат начин да се договорат“, вели Муслиу.

Во периодов пак речиси и нема никакви сигнали за посериозен политички дијалог и решение на проблемите. Засега нема најава ниту за продолжение на единствените јавни средби на претставници на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ што се одвиваат во Брисел со посредство на европските пратеници.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG