Достапни линкови

Изборите главна тема во весниците


Изборната сцена, и политичката и медиумската, се загреваат. Главните теми во сите дневни весници се поврзани со изборите.

Изборната сцена, и политичката и медиумската, се загреваат. Слободен печат објавува: „Власта ги компромитира изборите - Отчетот на шефот на владејачката партија и премиер, Никола Груевски, претставува грубо кршење на Изборниот законик. ВМРО-ДПМНЕ свесно ја крши изборната регулатива зашто знае дека нема пред кого да одговара, нејзини се и полицијата и судовите. Молчи и ДИК.“. И Утрински го објавува обвинувањето од СДСМ искажано на прес конференција дека „Премиерот, министрите и ВМРО-ДПМНЕ го кршат Изборниот законик. СДСМ поднесе претставки до ДИК и до Агенцијата за аудио-визуелни медиумски услуги“.
Власта ги компромитира изборите - Отчетот на шефот на владејачката партија и премиер, Никола Груевски, претставува грубо кршење на Изборниот законик.

Утрински објави и дека СДСМ оспорува 22.000 запишани гласачи, а ДУИ - 453, кои треба да гласаат во Тирана и дека „ДИК состанчи, се чека одлука за приговорите“. А Јанкулоска, на новинарско прашање зошто МВР издава лични карти на Македонци кои не живеат овде, изјави дека прашањата за избирачкиот список треба да се упатат до ДИК, информира Утрински.

Слободен печат оди со интересен наслов за молчењето на ДИК за овие претставки: „Иванов дели награди, Спасов бања пензионери, а Рилкоски молчи“.
Темата за корупцијата влезе и во албанскиот блок - ДПА ги стави настрана националните прашања и отвори фронт против ДУИ - за корупција.

На терен, како што информира Дневник: „Битка на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ - се проверува избирачкиот список, се крстосуваат Европа, САД и Австралија“.

Утрински насловува: „Темата за корупцијата влезе и во албанскиот блок - ДПА ги стави настрана националните прашања и отвори фронт против ДУИ - за корупција“. Станува збор за случаите на пратеничката Ермира Мехмети и за советникот во градот Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Поповски.

Слободен печат го става прашањето од портпаролот на СДСМ, Шилегов, во наслов: „Премиеру и директоре на УБК, дали извлековте 1 милијарда евра од Македонија?“ Во друг број продолжува да го цитира портпаролот Шилегов: „Братучедите преку Панама и Лугано во ЗИК Пелагонија и во Бетон-Штип“.

Вечер, пак, го возвраќа ударот со наслов: „ВМРО-ДПМНЕ открива уште еден тендерски скандал во Струмица - Шилегов, адвокат на богаташите од СДСМ“.

Инаку, Вечер оди и со вакви наслови: „Ефектите од субвенциите се рекорден извоз на храна“ или: „Илјадници километри нови и рехабилитирани патишта низ Македонија“ или: „Владините мерки и странските инвеститори отворија нови работни места“.

Според Националниот совет за млади во Македонија, чие истражување го објавува Утрински, половина од младите невработени отишле во странство, а младите Македонци мигрираат дури за 60 отсто повеќе од светскиот просек.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG