Достапни линкови

Бомбашот од Бостон обвинет за злосторства


Бостонската болница каде што е сместен Џохар Царнаев

Бостонската болница каде што е сместен Џохар Царнаев

Преживеаниот осомничен за бомбашките напади на маратонот во Бостон, Џохар Царнаев и формално е обвинет за злосторства, вклучувајќи и употреба на оружје за масовно уништување. За тоа тој би можело да добие доживотен затвор или смрттна казна.

Американските федерални власти во болницата во Бостон каде што, во тешка задравствена состојба, е сместен 19 годишниот Џохар Царнаев соопштија дека по неговото сослушување постојат првични докази дека тој и неговиот брат Тамерлан биле мотивирани од верски екстремизам.

Сепак, како што се додава, тие по се изгледа не биле инволвирани во некоја исламистичка терористичка организација.

Џохар и Тамерлан, двајцата етнички Чеченци, се обвинети за активирање на две бомби со кои пред една недела на бостонскиот маратон беа убиени три лица, додека над 170 беа ранети.

Џохар беше уапсен во минатиот петок по масовната потрага по него откако претходно во престрелка со полицијата бил убиен неговиот брат Тамерлан.
Тој нема да биде третиран како непријателски борец. Ќе го судиме како терорист во нашиот граѓански правен систем. Според американските закони, на граѓанин на Соединетите држави не може да му се суди во воени судови.

Во Вашингтон, портпаролот на Белата Куќа Џеј Керни изјави дека Царнаев ќе се соочи со граѓански суд.

„Тој нема да биде третиран како непријателски борец. Ќе го судиме како терорист во нашиот граѓански правен систем. Според американските закони, на граѓанин на Соединетите држави не може да му се суди во воени судови. Важно е да се има на ум дека од нападите на 11 септември ние против терористите го користиме федералниот судски систем“, Изјави Керни.

Некои републикански конгресмени побараа Царнаев да биде прогласен за непријателски борец. Тоа, според аналитичарите, на истражните тимови им дава поголема слобода во испрашувањето на осомничениот и во натамошниот тек на постапката.

Во јужната руска република Дагестан, мајката на осомничените изјави дека телефонски зборувала со нејзиниот постар син веднаш пред тој да биде убиен во престрелка со полцијата.

Зубеидат Царнаева изјави дека Тамерлан и рекол дека полицијата ги бркала и оти почнала да пука на нив. Тој исто така рекол дека бил со неговиот брат и пред да исклучи и кажал дека ја сака.

Родителите на Џохар и на Тамерлан инсистираат дека нивните синови се невини и жртви на „местенка“ на американските тајни служби.

Во меѓувреме, еден член на Исламската заедница во Бостон каде што браќата оделе на молитви изјави дека немало индикации оти некој од нив бил радикален исламист.

Никол Мосалам, шефица на канцеларијата на Исламскиот центар во Бостон додаде дека тие не биле многу ни многу познати во рамките на заедницата.

„Всушност степенот на вклученост на браќата во нашата заедница беше тој што тие повремено беа присутни на молитвите во петок. Според информациите што ги имам, помалиот брат само еднаш бил на молитва. Значи тие повремено доаѓаа тука каде што муслиманите доаѓаат скоро секој ден по пет пати за да се молат“, изјави Мосалам која не сакаше да ги коментира извештаите во медиумите дека Тамерлан во последниве шест месеци на двапати налутено ги прекинал молитвите несогласувајќи се со говорникот.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG