Еден од предизвиците со кои во сферата на надворешната политика ќе се соочи идниот претседател е актуелниот спор за името со нашиот јужен сосед. Потенцијалните претседателски кандидати велат дека се подготвени да водат конструктивна и одговорна надворешна политика која ќе ги затопли односите со сите соседи. Без да ја прецизира конкретната стратегија доколку биде избран за
претседател, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓе Иванов очекува во иднина да се најде заедничко разбирање за овој проблем од двете страни.
„Што повеќе да го поттикнуваме процесот преку ОН, со посвежи идеи, поголема кооперативност, да дојдеме до нешто што ќе биде заедничко и нема да биде навредливо ниту за нас, ниту за нив.“
Претседателкиот кандидат на Социјалдемократскиот Сојуз пак, Љубомир Фрчкоски вели дека најпрво би направил дипломатска операција на контакти со стратешките партнери, со цел да се обнови довербата
дека Македонија е нормална држава, а не негативно чудо на Балканот кое се занимава со антика. Во неделното интервју на Радио Слободна Европа Фрчкоски отворено зборува за конкретната стратегија по ова прашање:
„Македонскиот идентитет, нација и јазик да биде гарантиран, за него никогаш не се преговарало, и да се преговара за име за меѓународна употреба, кое ќе го замени ФИРОМ. Термините Северна или Горна Македонија, се подобри од термините Република Македонија (Скопје)“
За претседателскиот кандидат на Демократската унија за интеграција, Агрон Буџаку надворешната политика на земјава подразбира добрососедски односи, што пак подразбира компромис со Грција во што поскоро време.. Тој вели Албанците треба да бидат активно
вклучени во преговорите за името. Еве што според Буџаку е неприфатлив предлог за решавање на спорот:
„Не смее на никој начин да се загрози мултиетничкиот карактер на државата. Во тој компромис не треба да се загрозува идентитетот на нашите сограѓани и треба да се зема предвид и културната, историската чувствителност на нашиот јужен сосед.“
Имер Селмани пак кој во претседателската трка влезе како кандидат на најновата албанска партија Нова Демократија, вели дека новиот претседател треба да наметне подинамичен стил на преговори, но без
притоа да го повреди идентитетот на македонскиот народ.
„Многу граѓани се плашат дека било која промена, една буква ако се смени во уставното име, по дефолт ќе биде сменет и идентитетот на македонскиот народ. Апсолутно тоа прашање не е предмет на разговори и договрање со грчката страна, туку исклучиво ќе се работи за преговори за името,“
вели Селмани.