Достапни линкови

Вести

Позитивни економски сигнали во САД

Американските берзи растат по владината објава дека во декември се остварени нови 155 илјади работни места во САД.
Се очекува Доу Џонс да ја оствари својата најдобра недела за изминативе 6 месеци со пораст од 3,5 насто. Слично растат и индексите Насдак и Стандард анд Пур. Берзите посебно позитивно реагираа по договорот во Конгресот за одбегнување на фискалната бездна во САД.

Четиристрана средба за кипарското прашање во 2013

Анкара ќе бара решавањето на кипарското прашање да се случи преку свикување на четиристрана средба, што не се предвидува во резолуциите на Советот за безбедност на ОН, изјави портпаролот на кипарската Влада Стефанос Стефану.
Портпаролот изјави дека Никозија ќе се придржува кон резолуциите на ОН, кои ја определуваат како суштината на решението, така и процедурите кои ќе го следат создавањето на двозонална федерација.
На крајот на минатата година турскиот министер за ЕУ Егемен Багаш изјави дека ја поддржува идејата за четиристрана конференција за Кипар со учество на премиерите на Грција и на Турција и на лидерите на двете кипарски заедници по претседателските избори во Кипар во февруари идната година.
Кипар е поделен на меѓународно признаената Република Кипар, каде живеат претежно кипарски Грци и на Севернокипарска турска република, признаена само од Анкара.
Директни преговори меѓу двете заедници за уредување на кипарскиот проблем се водат од септември 2008 година, но сега дијалогот е „замрзнат“ поради разидување на позициите на двете страни.

Илјадници луѓе протестираа во Ирак

Киркук
Киркук
Илјадници луѓе, претежно сунити и денеска како и во изминативе две недели демонстрираа во Ирак против премиерот Нури ал Малиќи.
Во Адхамија, претежно сунитиски кварт на Багдад демонстрантите бараа ослободување на затворениците и поголеми права во затворите.
Демонстрации имаше и во Диџала, Киркук и Ниневах, Анбар и Мосул.

Авганистан - од затвор пуштени 80 заробени милитанти

Авганистанските власти соопштија дека ослободиле 80 затвореници кои биле заробени во операции против талибанците и другите милитантни групи.
Како што јави Радио Слободен Авганистан, затворениците биле ослободени вчера од воениот затвор во Баграм, северно од Кабул, како и други затвори низ целата земја.
Нивното ослободување е со надеж дека тоа би можело да им помогне на напорите за мир и помирување.
Се очекува вкупно 1.200 затвореници да бидат ослободени во следните неколку недели.

Двајца романски новинари осудени заради изнудување

Букурешт - Собрание
Букурешт - Собрание
Апелациски суд во Клуж ги осуди условно на три години Флорин Асимионесеј, директор на весник и Алин Токан уредник на весник поради изнудување политичари и бизнисмени во периодот 2001-2004 година.
Двајцата се осудени да платат по 22.000 евра обештетување на министерот за транспорт Релу Фенекиу и други лица. Фенекиу изјави дека откако не одобрил рекламирање во нивниот весник, новинарите му публикувале статии со клевети за семејството и неговите бизнис интереси. Весникот, кој сега се вика „Добар ден Јаш“, публикуваше редакциски материјал во кој го оквалификува решението на Судот како политички мотивирано.

Турција - напредок во разговорите со Оџалан

Турските власти постигнаа значителен напредок во преговорите со лидерот на курдските бунтовници Абдула Оџалан, кој е во затвор. Преговорите се со цел да се стави крај на конфликтот во кој загинаа десетици илјади лица во изминатите три децении.
Ова го изјави Нуретин Џаникли кој е заменик претседател на парламентарната група на владејачката Партија на правдата и развојот.

Претседателските избори во Кипар на 17 февруари

Димитрис Христофиас
Димитрис Христофиас
Претседателските избори во Кипар ќе се одржат на 17 февруари, а евентуалниот втор круг е закажан за 24 истиот месец, соопшти денеска кипарското Министерство за внатрешни работи. Актуелниот претседател Димитрис Христофиас изјави дека нема да се кандидира за втор мандат. Најголеми шанси за победа, според анкетите, има лидерот на Демократскиот собир Никос Анастасиадис.

Ал Џезира ја купува телевизијата на Ал Гор

Американски медиуми јавуваат дека „Ал Џезира“ се согласила да потроши околу 500 милиони долари со цел ја купи кабелската телевизија „Курент ТВ“ што ја отвори поранешниот американски потпретседател Ал Гор. Оваа кабелска телевизија емитува во повеќе од 40 милиони американски домови, додека Ал Џезира на англиски јазик, која е во сопственост на катарскста влада, е достапна само во 5 милиони домови во САД.

ЕУ со апел за смирување на страстите во Македонија

Брисел
Брисел
„Ние во Европската унија со загриженост ги набљудувавме политичките судири во и околу собраниската зграда и ги повикуваме сите страни веднаш да запрат сите агресивни и провокативни акции.“ Ова денеска во Брисел го изјавил портпаролот на Европската комисија Себастијан Брабант, додавајќи: „Унијата ги повикува лидерите на сите политички партии во Македонија и нивните поддржувачи да стават крај на овие конфронтации, без одлагање. Ги повикуваме да се однесуваат на начин кој е во согласност со Уставот и законите, но и да делуваат низ расправа во Собранието што е во најдобар интерес на граѓаните кои ги избрале за да ги претставуваат нивните интереси во Парламентот.“

Над десетина загинати во Дамаск

Дамаск
Дамаск
Над десет лица, меѓу нив и деца, загинале во експлозија на автомобил бомба во Дамаск, соопшти денеска невладината Опсерваторија за човекови права во Бејрут. Бомбата била подметната во дел од градот каде што живеат алавити, верско малцинство на кое му припаѓа и сиријскиот претседател Башар ал Асад. Агенцијата Сана прецизира дека цел на нападот била една бензинска станица. Во последниве месеци зачестија нападите со автомобили бомби во Сирија каде што од почетокот на конфликтот пред 22 месеци загинале над 60 илјади луѓе.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG