Достапни линкови

Вести

НАТО бара од Израел ослободување на цивилите

НАТО денеска побара итна и непристрасна истрага за израелскиот напад врз конвојот бродови со хуманитарна помош за Појасот Газа. Претставниците на 28-те земји членки, се состанаа во Брисел на барање на Турција. Генералниот секретар Андерс Фог Расмусен побара веднаш да бидат ослободени заробените цивили и бродови кои ги држи Израел.

Тројцата македонски државјани се неповредени, но во притвор во Израел

Македонскиот конзул во Израел, остварил директен контакт со тројцата македонски граѓани кои се наоѓаат во екстрадициски притвор во израелскиот град Бер Шева, кои беа учесници во хуманитарниот конвој за Газа. Македонскиот дипломатски претставник се уверил дека тројцата, се во добра и стабилна состојба и без повреди. МНР информира дека е потпишано барање за екстрадиција на македонските државјани согласно израелските закони. По завршувањето на процедурите, се очекува најверојатно за три дена тројцата да бидат депортирани во Република Македонија. Јасмин Реџепи (28) и Сами Емини (57) од Скопје и Сеад Хасипи (50) од Куманово, беа во хуманитарниот конвој што вчера изутрината беше нападнат од израелските специјалци во близина на Појасот Газа.

Тачи - Владата не е за НАТО и ЕУ

Претседателот на ДПА, Мендух Тачи, на денешната прес- конференција во Тетово по повод двегодишнината од владината коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ И ДУИ, истакна дека власта во изминативе години глумела дека сака да ја однесе државата во НАТО и ЕУ. Тоа, рече Тачи, e потvрдено од последните изјави на премиерот Никола Груевски. Мислам дека последиците ќе бидат катастрофални ако меѓународната заедница брзо не интервенира, рече Тачи. Според него, „Охридскиот договор е претворен во лакрдија, а интеграциите во НАТО и ЕУ се попречени“. Додека не се реши спорот со Грција Македонија не може да се надева на членство во евроатлантските структури, оцени Тачи

ЕУ загрижена за човековите права во Русија

Претседателот на Европската Унија Херман Ван Ромпеј изјави дека на денешниот самит со рускиот претседател Дмитриј Медведев, Унијата изразила сериозна загриженост за третманот на активистите за човекови права и новинарите во Русија. По состанокот во Ростов на Дон, Ромпуј изјави и дека на Медведев му била искажана европската загриженост за состојбата во чеченија и во други региони на Северен Кавказ. Медведев пак изјави дека бил изготвен нацрт договор за укинување на визите меѓу Европската Унија и Русија, изразувајки надеж дека наскоро ќе биде потпишан.

Нови бродови со помош за Газа

Про-палестински активисти денеска испратиле уште еден брод со хуманитарна помош за Појасот Газа, само еден ден откако во интервенцијата на израелските војници 9 лица загинаа, а неколку беа повредени. Египет најавил дека ќе ја отвори својата граница за доставување хуманитарна помош за палестинските територии. Про-палестинските активисти соопштија дека во текот на неделава уште неколку брода со помош ќе заминат за Појасот Газа.

ХП ќе укине 9.000 работни места

Компанијата за компјутери, Хјуит Пакард, соопшти дека ќе укине 9 илјади работни места во наредните неколку години, како дел од пакетот за модернизација на производството. Милијарда долари е вредна инвестицијата, која според компанијата, ќе им овозможи на клиентите поефикасно и побрзо водење на бизнисите.

Потрошувачката кошница во мај 12.378 денари

Вредноста на потрошувачката кошница за исхрана и пијалаци за едно четиричлено македонско домаќинство, пресметана врз основа на цените на мало, во мај годинава изнесувала 12.378 денари и во однос на претходниот месец е пониска за 2,2 отсто, соопшти Државниот завод за статистика. Намалувањето на трошоците на животот, како што се додава, е резултат на пониските индекси на зеленчукот за 14,9 отсто, овошјето и алкохолните пијалаци за 0,3 отсто, месото и јајцата за 0,2 отсто. Цените на мало во мај годинава, во споредба со мај лани, бележи пораст од 1,8 отсто, а трошоците на животот бележат пораст од 0,2 отсто.

Српскиот министер за економија Динкиќ утре во Скопје

Потпретседателот на српската влада и министер за економија Млаѓан Динкиќ утре ќе престојува во Скопје, јавуваат српските медиуми, наведувајќи дека тој ќе оствари средби со македонскиот премиер Никола Груевски и со вицепремиерот Владимир Пешевски. Главна тема на разговорите ќе биде унапредувањето на економската соработка меѓу двете земји.

Ирачкиот Врховен суд ги потврди изборните резултати

Врховниот суд на Ирак денеска ги потврди резултатите од парламентарните избори одржани на 7 март и официјално прогласи дека на нив победи коалицијата Иракија на поранешниот премиер Ијад Алави. Ова, како што јавуваат агенциите, претставува важен чекор кон решавање на ирачката изборна криза и кон формирање на новиот парламент.

Русија и ЕУ го осудија израелскиот напад

Русија и Европската унија денеска побараа сеопфатна и непристрасна истрага за израелскиот напад врз флотилата која превезувала хуманитарна помош за Појасот Газа, се наведува во соопштението издадено во текот на денешниот самит ЕУ, Русија што се одржува во Ростов на Дон. Исто така е побарано и отворање коридор за хуманитарна помош за Газа. Денешниот самит е посветен на можноста за укинување на визите и за модернизација на руското стопанство.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG