Спасувачки чамец од Уставниот суд за поранешните функционери

Можна амнестија за криминалите на претходната власт, земјотресот во Албанија, како и бонусите на специјалните обвинители се главните теми во дневниот печат.

Можна амнестија за криминалите на претходната власт и парите што ги зеле како надоместоци за специфичната работа обвинителите во СЈО или земјотресот во Албанија, со веќе 47 жртви под урнатините и солидарноста на Македонија. Овие теми доминираат во печатените медиуми, нивните електронски изданија и во многубројните портали.

Видете и ова: Уставниот суд на чекор до „правно харикири“

Порталот СДК.МК како завршен чин ја објавува веста: „Се активираат амнестиите на Иванов за Груевски, Јанкулоска, Мијалков, Јанакиески, Протуѓер – пет уставни судии ја ставија точката на дневен ред“, па додава дека гласовите, пет спрема четири за ставање на дневен ред се во пракса и гласовите во конечното гласање за иницијативата.

И неделникот Фокус со наслов: „Уставен ќе ги спаси сите обвинети од СЈО ако го поништи членот 11-а, а пресудите и обвиненијата ќе завршат в ѓубре!“

На Павле Трајанов од Демократскиот сојуз му „Смрди на амнестија, особено затоа што Уставниот суд се зафати со ова прашање 3 години по помилувањата од Иванов, а во пресрет на предвремените парламентарни избори“ – пишува во порталот Либертас. Истиот портал има и друга колумна со наслов: „Уставниот предизборен ’нож во грбот‘ за ВМРО-ДПМНЕ“.

Порталот Република со подбивен наслов: „Бадемите се изедеа, мерцедесот стооо. Кате, Фате, Лиле и Бубе земале повеќе од осудените“.

Порталот Курир со наслов: „Какви хипотеки има Заев кон СЈО: за 12 илјади евра бараше оставки од ДИК, а сега ги правда обвинителите за стотици илјади евра“. Во рубриката „Вечер тема“ оди со наслов: „Сите чекори на корупцијата во СЈО одат кон Заев: Ќе се спаси ли од обвинение?“

Видете и ова: СЈО – Љубовна приказна со тажен крај

СДК.МК го пренесува одговорот на премиерот Зоран Заев на пратеничко прашање на седницата во четвртокот: „Тоа што се трошело во СЈО било 70-80 отсто од законски дозволеното, не треба да се унакази цела институција“, но Заев, додава порталот, „остави простор ако нешто е трошено незаконски, да има одговорност“. Истиот портал и со друг цитат од премиерот: „Немојте под превезот на македонштината да зборувате за заштита на криминалот, ѝ рече Заев на опозицијата во Собрание“. Со дополнувањето од премиерот дека „не можат да поминат обвинувањата и тезите дека не постоеле случаите за злоупотреба на парламентарните избори, индициите за незаконско рушење на ’Космос‘, за недоследностите при градењето на делницата од кинеските кредити.“

Нова Македонија исто така со заклучок од одговорот на премиерот во Собранието: „Заев нема да дозволи да се наруши дигнитетот на СЈО заради поединечна одговорност“, а го објави и одговорот на обвинителката Фатиме Фетаи на новинарски прашања: „Надоместоците во СЈО не се далеку од патните трошоци на некои пратеници“.

Плусинфо објавува ироничен ФБ статус на еден свој редовен колумнист: „Груевски, врати се бе брат – овде велат дека СДСМ и ДУИ се де јуре на власт, а ВМРО де факто, значи сите си се на власт. Така, дојди си, во слога и хармонија да нè крадете.“

Речиси сите весници и портали објавуваат вести за земјотресот соседна Албанија и за солидарната помош од Македонија. Вести.мк наслови: „Скопските пожарникари во Албанија ја покажуваат солидарноста на дело“, а Слободен печат објави: „Тимот од Град Скопје заеднички работи со екипи од Италија и со Армијата на Албанија“. „Пошта и Црвен крст организираат собирање основна помош за Албанија“ и „Преку телефонски донации собрани над 2 милиона денари за настраданите во Албанија“ – објави Нова Македонија. Порталот на истиот весник информира дека „Владата издвои 6 милиони денари како првична финансиска помош, а Град Скопје 3 милиони денари. Градоначалникот Шилегов информира дека како град на солидарноста, Скопје во Драч упати и специјална екипа со термални дронови за пребарување на преживеаните под урнатините“.