Достапни линкови

СЈО – Љубовна приказна со тажен крај


Архивска фотографија: Човек со маица СЈО на протестите на Шарената револуција

Реакциите на социјалните мрежи по објавувањето на бонусите што ги добивале обвинителите од СЈО, но и роднини на други функционери, предизвикаа подеднакво жестоки реакции како и криминалот против кој требаше да се борат.

Врската на македонската јавност со СЈО се распаѓа драматично, како што се распаѓа секоја бурна врска – со многу емоции. Има плачење, озборување, па и омраза. Како што се гаси и последната надеж за правда, така реакциите против Катица Јанева и нејзиниот тим стануваат посилни. Се чини дека реакциите на социјалните мрежи по објавувањето на бонусите што ги добивале обвинителите од СЈО предизвикаа подеднакво жестоки реакции како и криминалот против кој требаше да се борат.

Преку алатката „Отворени финансии“, што ја објави Министерството за финансии, може да се види дека шефицата на СЈО Катица Јанева добила бонуси од 157 илјади евра за четири години, додека другите обвинители зеле меѓу 80 и 100 илјади евра. Но, освен нив од обвинителското чекмеџе се омрсиле уште стотина други луѓе. Па така во СЈО или за него работеле и Берниса Рахиќ, ќерката на директорот на затворот Шутка, Есад Рахиќ, Марија Василевска, ќерката на Сашо Василевски, поранешен директор на МЕПСО, новинарот Сашо Орданоски и роднини на други функционери.

Чарлиевите ангели, кои учесниците во Шарената револуција гордо ги носеа на своите маици и имаа статус на селебрити во Македонија, па луѓе чекаа да се сликаат со нив како да се рок ѕвезди, станаа мета на презир, и тоа токму од оние од кои ја добиваа најголемата поддршка.

Противниците на СЈО, и челниците на ВМРО-ДПМНЕ, пак, ликуваат и се однесуваат како оние што го тешат напуштениот љубовник – ти реков дека не е таа за тебе.

Семкарницата во објектот на СЈО добивала по околу 1600 евра месечно. Подоцна беше соопштено дека тие пари обвинителството ги плаќало за кирија за просторијата, а не за набавка на апетисани, но социјалните мрежи веќе беа преплавени со коментари.

Во ситуација со набиени емоции ретки се оние кои се обидуваат да бидат рационални. Агрументираат дека бонусите од околу 100 илјади евра кои ги зеле обвинителите за четири години се под две илјади евра месечно, што и не се големи пари ако се земе предвид работата што им беше доверена. Проблемот, велат тие, е што работата не беше завршена.

Во ваква ситуација дел од луѓето ја разбираат изјавата на претседателот Стево Пендаровски дека да не бил претседател, и тој би заминал од Македонија.

XS
SM
MD
LG