Достапни линкови

Во аферата „кеш“ за СЈО има и советничка од ВМРО ДПМНЕ


Архивска фотографија- прес конференција на Специјалното јавно обвинителство
Архивска фотографија- прес конференција на Специјалното јавно обвинителство

ВМРО-ДПМНЕ исплатата на луѓето кои биле ангажирани од СЈО веќе и даде име- афера Кеш. Тврди дека се проневерувале пари од обвинителството со функционери од СДСМ. Но, податоците објавени на базата Отворени финансии покажуваат дека од таму пари земалА и членка на ВМРО-ДПМНЕ.

Базата на податоци за исплати од државната каса која ја објави Министерството за финансии покажува дека и членка на ВМРО-ДПМНЕ била ангажирани од Специјалното јавно обвинителство. Советничката од опозициската партија во советот на општина Гевгелија Марија Магдинчева Шопова на 30 мај годинава од Специјалното јавно обвинителство добила 180 000 денари или околу 3000 евра. Таа во краткиот разговор за Радио Слободна Европа потврди дека била ангажирана од СЈО како вешто лице за материјално финансиско вештачење за еден предмет во текот на минатата година, а исплатата се реализирала годинава.

Извадок од базата отворени финансии на Министерството за финансии
Извадок од базата отворени финансии на Министерството за финансии

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски, пак, вели дека нема информации за тоа каде била професионално ангажирана неговата сопартијка. Тој додава дека ако се докаже некакво незаконско работење или дејствие треба да си подлежи санкциите.

Инаку од опозициската партија тврдат дека СЈО функционирало како злосторничко здружение преку кое се проневерени пари помеѓу обвинителите и функционерите на СДСМ. Од таму постојано истакнуваат дека обвинителството не работи професионално, туку во соработка со партијата на Зоран Заев, a на исплатите од СЈО обелоденети деновиве на базата и дадоа и име "афера Кеш".

„Не само што се злоупотребувале овластувањата и законите за рекет и уцени, туку организирано се ограбувал буџетот на институцијата, односно се ограбувале милиони евра на граѓаните. Без никаква основа и без никакви критериуми стотици илјади евра се делеле секој месец на лица блиски до Зоран Заев и Катица Јанева, односно на лица кои што треба да му прибават било каква корист на Зоран Заев“, рече на прес конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски за аферата „Кеш“
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски за аферата „Кеш“

Магдинчева Шопова вели дека не сака да навлегува во овој партиски став, туку дека сака да зборува за работата за која што била ангажирана со решение за конкретен предмет и како што вели ја извршила „максимално професионално“. Таа е професорка на Факултетот за туризам и бизнис логистика на Универзитетот Гоце Делчев во Штип.

Дека политички поврзани или јавни личности биле ангажирани во обвинителството може да се види од базата на министерството за финансии. Па така во СЈО или за него работеле и Берниса Рахиќ, ќерката на Есад Рахиќ, директорот на затворот Скопје и Марија Василевска, ќерката на Сашо Василевски, поранешен директор на МЕПСО.

И новинари може да се најдат меѓу имињата кои ги има базата на податоци а кои имале исплати од СЈО како на пример Сашо Орданоски кој примил пари во неколку наврати во 2018 година. Слично е и со Димитар Апасиев од Левица кој е жесток критичар на СЈО и владата на СДСМ.

Но, најмногу внимание во јавноста предизвика висината на бонусите кои ги земала поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева надвор од платата, односно сумата од 157.000 евра вкупно за годините додека постоеше обвинителството, нешто што порано од таму го класифицираа како таен податок.

Обвинителката Фатиме Фетаи, која исто како и останатите обвинители од СЈО земале бонуси, вели дека генерално секој обвинител примил околу 22 илјади евра годишно што не било многу далеку од примањата за патни трошоци кои ги имале некои пратеници.

Минатата недела истражители по налог на Јавното обвинителство беа во просториите на СЈО за да обезбедат финансиски документи за исплатите.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG