Достапни линкови

Уставниот суд на чекор до „правно харикири“


Архивска фотографија- седница на Уставен суд на Република Македонија
Архивска фотографија- седница на Уставен суд на Република Македонија

Шест уставни судии гласаа за, а тројца против на дневен ред да биде ставена иницијативата за оценувањето на одлуката на претседателот Иванов за повлекување на аболицијата. Правни експерти велат дека тоа не значи пропаѓање на процесите на СЈО, туку дека се отвора пат за тоа да се случи.

Ако Уставниот суд донесе одлука да го поништи укинувањето на помилувањата кое го донесе претседателот Ѓорге Иванов пред три и пол години тоа ќе има катастрофални последици и ќе биде голем удар за правосудниот систем. Вакви се квалификациите што ги даваат правните експерти откако шест уставни судии гласаа за, а тројца против да се стави на дневен ред иницијативата за преиспитување на членот 11-а од Законот за помилување.

Извори запознаени со работата на судот за РСЕ велат дека најверојатно во текот на декември оваа точка и ќе биде на дневен ред на седницата на која ќе треба и деветте уставни судии преку гласање да донесат конечна одлука. Сепак, извори од судот не очекуваат ова и да помине, но ако помине велат дека ќе се оди кон тоа да бидат прекинати постапките кои СЈО ги покрена пред судовите, но и кон поништување на пресудата од две години затвор за поранешниот премиер Никола Груевски кој сега е азилант во Унгарија.

Граѓани - Нема правда, има само политика
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:55 0:00

Поранешниот уставен судија Трендафил Ивановски вели дека не очекува судот да направи „такво харикири на правниот систем“.

„Овие кои се намерачиле на правото во државата сакаат да го спасат сиот криминал и сите криминалци. Се оди кон тоа таа одредба да ја укинат мислејќи дека со тоа ќе ги вратат дејствијата многу од порано и нема да се водат сите овие постапки. Но, на крајот, јас не очекувам тоа да се донесе“, вели Ивановски.

Ќе биде ли слободен Груевски?

Адвокатот Александар Тортевски, пак, не смета дека евентуалното укинување на одлуката на Иванов за поништување на помилувања би значела веднаш и ослободување на осудените, или прекин на постапките за дел од 56- те лица кои поранешниот претседател ги помилуваше пролетта 2016 година.

„Таквата одлука би предизвикала натегања дали оние решенија што ги донесе Иванов имаат правна важност за конкретен предмет. Одбраната сигурно ќе настапи со теза дека бидејќи сега е поништена можноста да се поништи аболицијата таа е во сила и за конкретниот предмет и на пример дека за него Груевски е веќе аболиран. Судот во таков случај ќе треба да се изјаснува за секој предмет поединечно и преку расправии ќе се одолговлекуваат постапките се додека на овој или тој начин не застарат додека оваа правна дилема се расчисти“, вели Тортевски.

На прашањето, пак, дали ако ова помине на Уставен суд Груевски ќе биде слободен човек, адвокатот одговара:

„Тоа не може баш така да се каже оти и решенијата за помилување беа непрецизни. За решението за аболиција да има правна сила треба да има конкретен број на предмет и за кое конкретно дејство се однесувала“, вели Тортевски.

Кој се беше помилуван?

Иницијативата да се разгледа поништувањето на одлуката за амнестија е поднесена до Уставниот суд пред околу три години. Со неа конкретно треба да се разгледа уставноста на одлуката на поранешниот претседател донесена во јуни 2016 година да ги поништи помилувањата. Таа одлука пак тој ја донесе по два месеца протести кои почнаа веднаш по одлуката за помилување, а потоа прераснаа во Шарена револуција.

За да му се овозможи на Иванов да го повлече помилувањето Собранието на 19 мај 2016 година, околу еден месец по одлуката за аболиција, го донесе членот 11 од дополнението за Законот за помилување. Со него му се даде можност на претседателот во рок од 30 дена од денот на донесувањето на тој закон да го поништи помилувањето дадено без претходна постапка за помилување без да ја образложи одлуката, што Иванов и го направи на шести јуни.

Специјалното јавно обвинителство, пак, беше формирано со закон кој беше донесен на 15 септември 2015 година, а во ноември се комплетираше и тимот обвинители со што почна со работа.

Тогашниот претседател Иванов во април донесе одлука за помилување на 56-те лица, голем дел од нив тогашните функционери од ВМРО-ДПМНЕ. Меѓу помилуваните беа Никола Груевски, Мартин Протеѓер, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Сашо Мијалков, Кирил Божиновски, азилантите во Грција а поранешни разузнавачи Никола Бошкоски и Горан Грујевски, актуелниот премиер Зоран Заев, поранешниот претседател Бранко Црвенковски, специјалните обвинители Гаврил Бубевски. Фатиме Фетаи и Лиле Стефанова и други.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG