Достапни линкови

Албанија: ноќ на отворено и страв од нови земјотреси


Втора ноќ под шатори со страв од нови потреси
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:39 0:00

Втора ноќ под шатори со страв од нови потреси

Над 2.000 луѓе во Драч ја минаа нивната втора ноќ во шатори откако им беа уништени домовите од силниот земјотрес во вторникот. Тие исто така страхуваат од нов поголем земјотрес со оглед на тоа што досега беа регистрирани стотици помали.

Фудбалскиот стадион во Драч е претворен во камп за луѓето кои останаа без нивните домови.

Нивниот број постојано се зголемува.

За голем дел од преживеаните во земјотресот нема место во шаторите, па решија да ја минат ноќта во своите автомобили.

Тие чекаат да бидат подигнати повеќе шатори за да можат да се преселат.

Обезбедна им е храна и вода, но проблем им е студеното време.

Стотици потреси го следеа земјотресот со сила од 6,4 степени што ги погоди крајбрежните градови на Албанија во вторникот, при што, до средата биле извлечени тела на над 30 загинати.

Повредени се околу 700 луѓе.

Силен земјотрес во средата попладне го потресе и Тумане во момент кога косовскиот претседател Хашим Тачи им се обраќаше на медиумите при неговата посета на уништениот град.

Шеесет и тригодишната Мерија Мехија од Драч вели дека не сака да се врати во својот дом.

„Зошто да одам дома, се плашам. Се вратив само за да земам лекови и започна ново тресење и избегав. Јас сум исплашена, зошто да се вратам назад“.

Нетилда Ќата, мајка на 6-месечно бебе пак вели:

„Вечерва остануваме надвор со бебето“.

Претходно, албанскиот премиер Еди Рама им вети на сите кои останаа без домови дека ќе бидат преселени во блиските хотели.

„Оние луѓе чии куќи се уништени, ќе ги однесеме во хотел да живеат како господа. Но, ве молам, бидете трпеливи“.

Во меѓувреме, операциите за спасување продолжуваат, бидејќи властите очекуваат да најдат повеќе загинати под урнатините на станбените блокови.

Екипи од неколку земји се приклучија во спасувањето.

Еден неименуван локален спасувач вели:

„Има 56 спасувачи од земји од Турција, Италија, Македонија, Швајцарија и Грција и тие работат заедно тука“.

Албанската влада во средата прогласи вонредна состојба во главниот град Тирана и во вториот по големина град во земјата Драч.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG