Младите битолчани бараат нови начини за решавање на стари проблеми

Илустрација, битолски автобус „украсен“ со поезија

Ако младите се подготвени да ги истражуваат своите ставови и може да ѕирнат и во сопствените стравови, таму ги чека широко поле за дискусија на важни теми. Дел од нивните ставови на виделина ги извади проектот „Поезија во движење низ Битола“.

Здружението за граѓански активизам ФОРУМ 16 од Битола се здружи со Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ Битола (УСС УКЛО), преку проектот „Поезија во движење низ Битола“ за да разубави 15 градски автобуси во Битола, со исто толку парчиња поезија.

За да стигне до таму, тргна од мотивирање на младите да размислуваат за важни теми, преку развивање на нивните креативни творечки способности со работилници за креативно пишување, со поетесата Ана Голејшка Џикова.

„Од досегашната работа на ФОРУМ 16 со младите луѓе од Битола и регионот се заклучува дека тие често се окарактеризирани како „невешти“, „неспособни“, „незаинтересирани“, „мрзеливи“ и слично. Ваквите предрасуди и стереотипи често знаат да ги обесхрабрат младите не само да се вклучат во бројни општествени процеси, туку и да се изразат за било што. Затоа, ФОРУМ 16 преку СТ(АРТ) програмата се обидува да најде креативни начини за изразување и притоа да се предочат некои општествени проблеми или потреби од интерес за младите“, изјави за РСЕ, Наташа Чавдаровска, претседателка на ФОРУМ 16.

Видете и ова: Со години политики за младите, без младите

Идејата тргнала од пример за поезија во автобуси во Канбера, Австралија, но и примерите во други земји каде поезија се објавува во метро, трамвај, на стојалишта. Со примена на ваков концепт во Битола, целта е да се таргетираат локални прашања поврзани со урбан простор, животна средина, јавен превоз и слични теми, но и да се мотивираат младите да ги користат градските автобуси.

„Проектот „Поезија во движење“ го спроведовме во критична година, година на пандемија, па загриженоста кај младите беше присутна за време на дискусиите, односно работилниците за креативно пишување. Се дискутираше за внатрешната и надворешна миграција на младите, за загадениот воздух и животна средина, за (не)развојот на Битола и за наративот кој се користи за градот, за узурпираниот јавен простор, но и за шармот на битолскиот дијалект, за убавата и магична природа, за страста кон кафето и кафе-муабетот и за многу други теми. Сè ова е рефлектирано во творбите за кои еден од закучоците за време на работилниците кои ги имавме со студентите беше пораките кои ќе ги комуницираат меѓудругото да бидат позитивни, да мотивираат и инспирираат“, додаде Чавдаровска.

Поема изложена во битолски автобус

Младите едвај чекаат да го споделат она што им тежи

Најдобрите 15 од сите пријавени поеми се избрани на конкурс. Оние кои ги нема во автобусите ги има во електронски зборник.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Рецитал во автобус за ширење позитивна енергија


„Она што на младите им е најважно е - нивниот глас и порака да бидат чуени, да се дискутира за нив, да им се даде фидбек и да се споделат најважните аспекти од темите кои ги засегаат. Во случајов, тоа беа комуникацијата на градот со младите, можните новитети кои би му дале нова димензија на градот, но и на животот на самите луѓе во него. Насушни, реални потреби кои откако пандемијата влезе во нашите животи, некако стивнаа на сметка на стравот и безизлезноста. Младите го имаат само сега и овде моментумот, за нив е драгоцена можноста да имаат шанса да го кажат она што им тежи. Мојот впечаток е дека со храброст, но и голема желба за промена му пристапуваат на она што сакаат да го реализираат“, вели за РСЕ, поетесата Ана Голејшка Џикова.

Видете и ова: Младински предлози за зелени општини

За Голејшка Џикова, не била воопшто тешка мисијата - низ работилниците да ги мотивира младите да го извадат ставот од себе на креативен начин.

„Кога приоѓате искрено, со љубов и желба да пренесете искуство и да направите добра тимска атмосфера, нема тежина, напротив... Добивате повеќе елан да им дадете на младите патека и опција со која ќе си ги истражат сопствените ставови, но и стравови. Никој не се родил учен, ниту пак јас тргнав од супериорната идеја дека ќе ги просветлам. Сакав да разговараме отворено, да им ги прикажам идејните вредности кои мене ми помогнале да научам одредени нешта и така да сме сите инспирирани“, истакна поетесата.

Поема изложена во битолски автобус

Важни пораки за радикални промени

Ефектите на проектот ќе се чувствуваат преку реакции и реализирани акции. Претседателката на УСС УКЛО, Дона Петрова, очекува проширување на идејата за да расте и нејзиното влијание.

„Можеби ќе поттикнеме и во другите градови каде што има јавен превоз да се направи еден ваков проект, а ние во иднина можеби ќе го прошириме и ќе ставиме повеќе поеми. Ова е само еден почеток, меѓутоа навистина позитивен. Ем на некој начин го разубавивме просторот во автобусите, а од друга страна оставивме многу добри пораки, а и можност за големи, радикални промени, баш преку тие пораки“, вели Петрова за РСЕ.

Поезијата во случајов е алатка за промоција, почеток на мотивација, ама и доказ повеќе дека кога младите се прашани на вистинскиот начин, тие имаат што да кажат.