Достапни линкови

Колектив Зет за климатска и социјална правда


Акција на која учествувале Колектив Зет од 2019 година

Млади активисти, здружени под името Колектив Зет, дејствуваат за поправедно и правично општество. Тие имаат посебен фокус на заштита на животната средина и велат дека се потребен посмели и радикални реформи во оваа област.

Кон крајот на минатата година, пет девојки го официјализирале Колектив Зет, здружение за климатска и социјална правда. Иницијативата постои од пред четири години, кога биле дел од мрежата Young Friends of the Earth Europe. Здружението го започнале Софија Гетова, Ена Утевска, Марија Попризова, Анкица Соколиќ, Симона Гетова, од неодамна се приклучил и Александар Динев.

„Во нашата работа се залагаме за заедничка визија која се сочинува од заедници кои напредуваат со љубов, солидарност и длабока грижа, дом на слободни луѓе кои ја слават различноста и живеат достоинствено и во хармонија со сите живи суштества. За да ја постигнеме оваа визија веруваме дека ни е потребен силен, обединет фронт со радикална визија за нашата иднина, вкоренет во солидарност, правда и грижа за нашите заедници и нашето опкружување. Вредностите за кои се залага Колектив Зет и кои се водилка во постигнување на нашата визија се интерсекционалност, правда, феминизам, солидарност и заедништво“, објаснуваат од Колектив Зет.

Членови на Колектив Зет
Членови на Колектив Зет

РСЕ: Меѓу последните настани ви е панел дискусија „Зошто (НЕ) учествуваме во креирање на политики?”. Кој е вашиот став за тоа колку младите се вклучени во креирање на политики?

Колектив Зет: Панел дискусијата „Зошто (НЕ) учествуваме во креирање на политики?” е настан кој ја допре темата на тоа како се одвива моменталниот процес на донесување на одлуки и политики и какво е граѓанското и младинско учество во овој процес. За темата бевме инспирирани и поттикнати од неодамнешните случувања за климатска акција во политиките на национално ниво, поточно од Јавната расправа за долгорочната стратегија за климатска акција на РСМ. На оваа јавна расправа, ние Колектив Зет заедно со другите членови од Коалицијата на иднината, учествувавме со забелешки, прашања и различни предлози во врска со стратегијата со цел праведно и фер постапување со алармантноста на моменталната климатска криза. Наше убедување беше дека, со оглед на сериозноста и ургентноста на климатската криза, политика во кој се адресира стратегијата на државата за климатска акција во следните 30 години, мора да тргнува од тоа што може максимум да се направи, а во споредба со темата и важноста на оваа стратегија, расправата немаше доволен одзив односно посетеност од организации и други граѓани и млади од нашата држава. Мотивирани од ова случување, преку настанот „Зошто (НЕ) учествуваме во креирање на политики?” сакавме да поттикнеме дискусија на тема зошто луѓето не се вклучуваат во процесот на создавање политки - политики кои ќе влијаат на сите, политики кои сега се анализираат во документи, а подоцна со години и години ќе се „имплементираат“. Нашето верување е дека документ како што е Стратегијата за климатска акција не треба да е само еден документ и политика кој ќе предизвика одбивност за вклучување или досада кај граѓаните, туку напротив, да предизвика чувство на масовно учество во донесување на одлуки за нашите заедници и нашиот дом, планетата Земја.

Онлајн панел дискусија организирана од Колектив Зет
Онлајн панел дискусија организирана од Колектив Зет

Сметаме дека климатската криза влијае на сите граѓани и заедници во светот, и е особено значајно како ќе дејствуваме сега за идните генерации. Затоа, учеството во креирање политики, а особено младинскиот глас и младинското учество се важни во поставувањето на темелите кон градење на визијата за нашата иднина и идните акции за климатска правда. Ние како младинска група составена од млади членови - активисти се обидуваме да присуствуваме и гласно да го споделиме нашиот став и мислење за клучните прашање на повеќето настани и конференции кои се во корелација со политиките за справување со климатска криза, со тоа што би го поттикнале властите да преземат и создадат поамбициозни цели и акции, и ќе продолжиме со тоа и во иднина.

РСЕ: На кој начин сметате може да се зголеми инклузивноста на младите? Колку постои интерес меѓу младите, а колку институциите ги слушаат?

Колектив Зет: Живееме во длабоко партизирано општество кое како такво ја прави институционалната структура многу подложна на корупција, одредување приоритети кои не се во полза на граѓаните и животната средина туку на мала политичка и бизнис елита, и злоупотреба на средства и позиции на моќ за одржување на овој систем. Јасно ни е дека за вистинска вклученост на младите во донесувањето на политики е потребен систем на директна демократија и реобмислени институции кои вистински функционираат во интерес на здравјето и благосостојбата на сите граѓани, како и на животната средина.

Во моменталниот систем, учеството на младите во справувањето со климатската криза може да се зголеми преку директно вклучување во процесот на создавање на политики, стратегии и слично. Сведоци сме дека во изминатите година-две, постои малку поголем интерес од страна на институциите за она што дел од младите имаат да го кажат, но само времето ќе покаже дали овој изострен слух е чекор во правец на вистинско вклучување на младите и засегнатите заедници, или само површно и симболично. Тоа што ние како млади можеме и треба да го правиме е да бидеме упорни во своите ставови и барања, кон институциите и пошироко, непрекинато да се бориме и залагаме за нашите цели и да бидеме дел од донесувањето на одлуки кои не’ засегаат нас, нашата сегашност и иднина.

РСЕ: Имате посебен фокус на животната средина. Каде сметате дека македонските институции потфрлаат во заштита на животната средина? Од друга страна пак, колку културата на граѓаните (не) штети на животната средина?

Колектив Зет: Важна порака да се пренесе е дека животната средина не е само област на делување само на одредени институции кои ја носат таа дејност во својот назив, туку добросостојбата на животната средина е тесно поврзана со многу процеси кои се одвиваат паралелно од повеќе институции и актори во општеството. Она што сметаме дека е сегашна состојба е фактот дека институциите немаат целосно разбирање дека токму кризите и нееднаквостите во моменталната состојба се испреплетени, и дека секоја институција би требало да има удел во борбата за подобра живота средина и справувањето со климатската криза. На овој начин би бил искористен и во пракса пристапот на интерсекционалности, односно интра-секторско/институционално работење кон една цел.

Моменталниот стаус на подготвеноста на македонските институции за заштита на животната средина е евидентен и во нивната стратегија за климатска акција, за која како што споменавме, сметаме дека е навистина конзервативна во однос на она што е неопходно да се направи - смели, радикални акции за подобра трансформација кон општество какво што посакуваме. Ова претставува една реална слика колку институциите се подготвени да ја приоритизираат моменталната очајна потреба за колективно дејствување.

Од друга страна, културата на граѓаните лежи во нивната достапност до информации, што е во сопственост на веќе постоечкиот систем. Начинот на пристап и квалитетот на информациите за овие тематики се клучни кон создавањето на култура на граѓаните и нивната (ре)акција за климатска правда и броба за животната средина. Тука исто така мораме да земеме предвид начинот и општествениот статус на одредени групи на граѓани при нивната достапност до релевантни информации. Во таа насока, веќе постоечкиот систем ја има улогата во информирање на граѓаните за тековните информации во областа на животната средина и климатска криза, со што не можеме да очекуваме промена во однос на граѓаните и нивната култура, се додека тоа не добие поголемо значење во јавноста и големо медиумско покривање. За да дојдеме до вистинските чекори и да направиме радикални промени во областа на животната средина потребно е СИТЕ да дејствуваме бидејќи она со што се соочуваме е навистина еден од најголемите предизвици на човештвото - климатската криза.

Акција во која учествувале Колектив Зет
Акција во која учествувале Колектив Зет

РСЕ: Работите и на таканаречен Зелен договор. За што поточно станува збор и која е идејата?

Колектив Зет: Зелениот договор е сеопфатен прогресивен план за борба против климатската катастрофа при отстранување на општествено-економските нееднаквости во државата. Тоа е план креиран на база на долгорочна колективна визија за општествено-праведно и еколошко и климатски-одржливо општество во 2030-та година, со конкретни краткорочни чекори за започнување на преуредувањето на моменталниот политичко-економски систем.

Краткорочните чекори може да бидат во форма на предлози за градење и менување на политики за постигнување на климатска, социјална, економска и енергетска правда, како и локални иницијативи за подобрување на животите на засегнати групи и заедници, истовремено зачувувајќи ја природата и локалните екосистеми.

Ваков Зелен договор ни е потребен поради трансформирање на сегашноста преку градење заедничка визија за праведна и одржлива иднина во која сакаме да живееме ние и индните генерации и оранизирање кон постигнување на таа визија со подобрување на животите на нашите заедници.

Процесот преку кој го градиме Зелениот договор е колективно визионирање, а еден од начините да се учествува е преку дигитална платформа за партиципативна демократија Зелен глас, во делот на Сподели визија. Преку едноставен прашалник/форма на платформата, секој посетител може да ја сподели со нас неговата визија за иднината, во една или повеќе тематски групи. Врз основа на овие собрани визии, тематските групи на Коалицијата на инднината работат кон интерпретирање на истите кон конкретни предлози, препораки, акции кои влегуваат во овој документ.

Во градењето на националниот Зелен договор, го инициравме создавањето на Коалицијата на иднината која е сочинета од организации и индивидуалци кои преку одредени тематски групи придонесуваат кон содржината на Зелениот договор. Ги поттикнуваме сите граѓани и здруженија кои имаат пасија и желба кон оваа тема да се приклучат во овој процес - се уште не е доцна!

Прва средба на Коалиција на иднината
Прва средба на Коалиција на иднината

Моментално се залагаме и сме посветени кон создавањето на национален и Балкански Зелен договор, што претставува еден патоказ кон остварување на нашата колективна визија за праведно и одржливо општество, токму преку принциот на интерсекционалност во пракса и вредностите како водилка во нашата работа.

XS
SM
MD
LG