Ако има консензус законот за ЈО ќе се усвои до крај на август

Архивска фотографија- Претседателот на Собранието Талат Џафери

Предлог законот за јавно обвинителство денеска влегува во собраниска процедура. Претседателот на Собранието Талат Џафери најави дека е можно седницата за прво читање да биде в понеделник, а да биде усвоен кон крајот на август, но само под услов да има консензус.

Американската амбасадорка Кејт Мари Брнс на утринската средба со претседателот на Собранието Талат Џафери се интересирала дали до 15 септември предлог законот за Јавно обвинителство може да помине во Собранието. Ова го кажа Џафери по средбата со неа. На редовниот брифинг со новинарите го соопшти и неговиот одговор, дека не до 15 септември, туку дека ако предлог законот биде доставен деновиве, тој може да биде донесен и до крајот на август.

“Но, тоа не зависи од парламентарните процедури туку од усогласеноста и консензусот меѓу политички партии кои што се претставени во Собранието. Доколку тие имаат консензус може да се обезбеди во тој рок. Ако нема консензус и месеци да седиме овде не може да се донесе законот”, вели Џафери.

Тој прецизираше дека ако предлог законот стигне деновиве, на 29 јули може да се свика седница за прво читање, а потоа во рок од седум дена од првото читање законот треба да помине и на матичната комисија, по што од 26 до 30 август може да се свика седница и за второ читање на законот.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Законот за ЈО може да помине до крајот на август

Консензусот што го споменува претседателот на собранието, засега се чини недостижен. Владејачкото мнозинство може да го изгласа законот и без поддршка од 35-те пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, но за да стигне до потребното мнозинство од 80 гласа, неопходни се гласовите од осумтемина од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и од Алијансата за Албанците и Беса.

Зијадин Села од Алијансата за Албанците најави амандмани како услов за поддршка оти не се задоволни целосно од владиниот предлог, а задршки околу предлогот обвинителката Вилма Русковска да го води новиот оддел имаат и од ДУИ и Беса.

ВМРО-ДПМНЕ чии работни групи четири месеци преговараа со Министерството за правда за решавање на статусот на СЈО, се уште го анализираат предлогот, за нив Русковска е неприфатлива, но не отстапуваат од идејата тие да предложат свој закон до Собранието.

Пратениците, пак, заминуваат на годишен одмор во август, но Собранието е во постојано заседание, инсистираше Џафери и на прашањето што ако во тој период стигне барање за одземање на пратенички имунитет, а поврзано со случајот Рекет.

„Каде и да се, се знае дека треба да бидат подготвени да се вратат за одредено време. Ако има потреба ќе планирам со координаторите на пратеничките групи за да имаат информација кој пратеник каде ќе биде и во случај на потреба ќе знаеме во кој рок ќе може пратениците да се вратат во Собранието“,рече Џафери.

Тој одби да даде конкретен коментар на гласините дека двајца пратеници може да бидат вмешани во случајот Рекет, наведувајќи дека не може да се изјаснува хипотетички.