Трамп го критикува НАТО затоа што не помогна во војната со Иран

Американскиот претседател Доналд Трамп говори на Самитот „Future Investment Initiative (FII)“ во Мајами Бич, Флорида, на 27 март 2026 година.

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно ја доведе во прашање американската поддршка за НАТО поради, како што рече, недостигот на помош во војната со Иран, сугерирајќи дека Вашингтон можеби нема да им помогне на земјите-членки во случај на потреба. Во исто време, тој изјави дека разговорите за завршување на војната напредуваат, и покрај зголемувањето на бројот американски жртви.

„НАТО направи ужасна грешка кога не испратија дури ни мала количина воена опрема, кога дури не ни признаа што правевме за светот и што преземавме против Иран,“ изјави Трамп на економски форум спонзориран од Саудиска Арабија во Мајами на 27 март.

„Едноставно не беа таму. Зошто ние би биле таму за нив ако тие не се таму за нас? Тие не беа таму за нас.“

„Ние трошиме стотици милијарди долари годишно за НАТО, стотици, ги штитиме, и секогаш сме биле тука за нив, но сега, врз основа на нивните постапки, претпоставувам дека не мора да бидеме, нели?“, изјави Трамп.

Видете и ова: Продолжуваат воздушните напади во Иран поради неизвесноста околу мировните планови

НАТО го процени својот воен буџет за 2025 година на околу 5,3 милијарди долари и соопшти дека САД учествуваат со околу 15,9 проценти, односно 842 милиони долари. Сепак, вкупниот буџет на Министерството за одбрана на САД е проценет на повеќе од 882 милијарди долари за тековната фискална година.

САД се доминантна сила во НАТО уште од неговото основање по Втората светска војна.

Најновите критички изјави на Трамп кон НАТО најверојатно ќе предизвикаат загриженост меѓу американските сојузници во алијансата, како и меѓу демократските лидери во САД. Тие може да предизвикаат загриженост и кај некои членови на Републиканската партија на Трамп, вклучително и кај членови на Конгресот.

Трамп реагираше луто на одбивањето на членките на НАТО да се вклучат во американско-израелската војна со Иран и на нивната неподготвеност да помогнат во обезбедувањето на бродските рути во Ормускиот Теснец сè додека не биде воспоставено примирје.

Видете и ова: Рубио до групата Г7: „Направете повеќе за Иран“

Трамп, кој долго време ја доведува во прашање одржливоста на НАТО, често изразува сомнеж за својата подготвеност да ја поддржи алијансата, велејќи дека нема да им помогне на членките доколку тие не издвојуваат доволно средства за сопствената одбрана.

САД „преговараат во моментов“

На 27 март, Трамп инсистираше дека Иран „е во повлекување“ и дека разговорите со Техеран се во тек.

„Сега преговараме и би било одлично ако можеме да постигнеме нешто, но тие мора да го отворат,“ рече Трамп на инвестицискиот форум, мислејќи на Ормускиот Теснец.

Специјалниот пратеник на САД, Стив Виткоф, изјави дека администрацијата на Трамп е „полна со надеж“ дека „ќе има средби оваа недела“ меѓу Вашингтон и Техеран.

„Имаме договор од 15 точки на маса што Иранците го имаат веќе извесно време. Очекуваме одговор од нив и тоа би го решило сè,“ рече тој на инвестицискиот форум во Мајами.
Високи ирански функционери негираа дека Техеран преговара со Вашингтон, но Иран на 25 март соопшти дека разгледува американски предлог од 15 точки и изнесе пет услови кои, според нив, треба да бидат исполнети за да заврши конфликтот.

Видете и ова: Иранските ракетни напади со долг дострел ја ставија Европа во состојба на висока готовност

Американскиот план, наводно, ги повторува барањата на Вашингтон Иран да ги демонтира своите нуклеарни капацитети, да ги ограничи ракетните способности и да ја прекине поддршката за регионалните прокси-сили.

Американскиот државен секретар Марко Рубио, говорејќи на маргините на состанок на Групата седум (Г7) во Франција на 27 март, изјави дека САД сè уште не добиле одговор од Иран и посочи дека контактите биле индиректни.

И покрај неизвесноста околу преговорите, Рубио рече дека САД очекуваат да ја завршат воената операција во Иран во рок од „неколку недели, а не месеци“ и сметаат дека е можно да се постигнат целите без копнени сили, во услови на извештаи дека Пентагон распоредува неколку илјади нови војници во регионот.

Американски војници повредени во Саудиска Арабија


На терен во Блискиот Исток, повеќе медиуми објавија дека 10 до 12 американски војници биле ранети, од кои двајца сериозно, во ирански напад врз воздухопловната база „Принц Султан“ во Саудиска Арабија.

Овие најнови жртви се надоврзуваат на повеќе од 300 американски војници кои се повредени од почетокот на војната со Иран, најмногу на американски бази лоцирани во земјите сојузници од Заливот.

Американската војска претходно на 27 март соопшти дека 273 од повредените веќе се вратиле на должност. Загинале 13 американски војници.

На други места, властите во Бахреин соопштија дека изгаснале пожар во објект кој бил цел на ирански напад, додека Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), честa цел на ирански ракети и дронови, соопштија дека нивните одбранбени сили пресретнале серија проектили и дронови од Иран рано на 28 март.

Третата недела од војната во Иран низ фотографии

Во емиратот Абу Даби, властите соопштија дека избувнале пожари во индустриска зона рано на 28 март по ракетен и дронски напад од Иран, при што биле повредени пет лица.
Еден од клучните лидери на ОАЕ изрази гнев кон Техеран по неколкунеделните напади.

„Едноставно примирје не е доволно,“ напиша Јусеф Ал Отаиба во авторски текст за Wall Street Journal.

„Потребен ни е конечен исход што ќе ги адресира сите закани од Иран: нуклеарните капацитети, ракетите, дроновите, терористичките прокси-сили и блокадите на меѓународните поморски рути.“

Отаиба изјави дека ОАЕ се подготвени да се приклучат на „координиран“ меѓународен напор за повторно отворање на Ормускиот Теснец, низ кој во мирнодопски услови поминува околу една петтина од светската нафта и течен природен гас.

Израел повторно цели кон Техеран

Во нешто што станува речиси редовен ноќен настан, Израел рано на 28 март соопшти дека „ги нападнал целите на иранскиот терористички режим низ Техеран“, без да наведе детали. Претходно соопшти дека погодил објект за преработка на ураниум и реактор за тешка вода во централниот дел на Иран.

Во Израел, властите соопштија дека едно лице загинало, а неколку други биле полесно повредени кога ирански ракети погодиле шест локации во и околу Тел Авив доцна на 27 март.
Во потенцијално загрижувачки развој, израелските власти пријавија прво лансирање ракета од Јемен откако бунтовниците Хути, сојузници на Иран, се заканија дека ќе се вклучат во војната.

Хутите се организација што САД ја означуваат како терористичка и која претходно напаѓала меѓународни бродови во теснецот Баб ел-Мандеб и Црвеното Море. Тие досега се држеа настрана од војната. Доколку се вклучат во конфликтот, експертите предупредуваат дека тоа би предизвикало сериозни потреси на глобалните енергетски пазари.