Резиме
- Јавното обвинителство во Скопје истражува дали петте тони марихуана, запленети во Србија, потекнуваат од Северна Македонија.
- Во полициска акција во централна Србија е уапсен и функционер на владејачката Српска напредна партија.
- Српските официјални лица ги демантираат тврдењата дека се обиделе да ја прикријат оваа афера.
Јавното обвинителство во Скопје отвори предмет во врска со заплената на пет тони марихуана во селото Коњух, во централна Србија.
Наводно, опојната дрога пристигнала од Северна Македонија, а меѓу уапсените е и локален функционер на владејачката Српска напредна партија (СНС), на чиј имот на 29 јануари бил пронајден канабисот.
Надлежните соопштија дека ова е најголемата заплена на марихуана во Србија.
За споредба, во познатиот случај „Јовањица“, кога во Војводина во 2019 година беше откриена најголемата плантажа на марихуана во Европа, полицијата заплени нешто повеќе од тон и половина од оваа опојна дрога.
Овие два случаи ги поврзуваат и наводите за врски меѓу власта и уапсените, што власта ги демантира.
„Организиран криминал никаде не постои без врски со државните структури, односно со политичката власт“, изјави за Радио Слободна Европа (РСЕ), Предраг Петровиќ од невладината белградска организација Центар за безбедносна политика (БЦБП).
Последната акција беше проследена и со напади од таблоиди блиски до власта врз Обвинителството за организиран криминал (ТОК), кое го водеше овој случај, а кое во последните месеци е на мета на државни функционери поради повеќе предмети што ги води против членови на СНС.
Македонското обвинителство презеде активности
Од Јавното обвинителство на Северна Македонија за Радио Слободна Европа (РСЕ) изјавија дека ден по полициската акција во Коњух биле информирани за настанот и дека веднаш презеле активности во рамките на своите законски надлежности.
Видете и ова: Обвинителството во Северна Македонија оформило предмет за петте тони марихуана запленети во СрбијаКако што наведуваат во писмениот одговор, Обвинителството воспоставило „интензивна и континуирана комуникација“ со надлежните институции во Србија, „со активна размена на релевантни информации и координација на дејствувањето“.
„Обвинителството отвори предмет и веќе се преземаат конкретни, насочени и координирани дејствија за целосно утврдување на сите факти и околности во врска со поврзаноста на Република Северна Македонија со овој случај“, наведува Јавното обвинителство во Скопје.
Што се знае за заплената?
Полицијата на 29 јануари заплени пет тони марихуана на подрачјето на селото Коњух кај Крушевац, околу 200 километри јужно од Белград.
Покрај опојната дрога, пронајдено е и огнено оружје, најмалку четири автоматски пушки и една „золја“, како и парични средства во износ од околу 12.700 евра.
Обвинителството покрена постапка против петмина осомничени: советникот од редовите на Српската напредна партија Раде Спасојевиќ и неговиот син Небојша, како и против Иван Драгниќ, Урош Младеновски и Александар Мијаловиќ, означен како организатор на групата, кој се наоѓа во бегство.
Оружјето што беше пронајдено за време на заплената на дрога во селото Коњух, на 29 јануари 2026 година.
Осомничените на сослушувањето на 31 јануари во Обвинителството за организиран криминал се бранеа со молчење, по што Вишиот суд во Белград им одреди едномесечен притвор на Иван Драгниќ, како и на Раде и Небојша Спасојевиќ.
Според информациите на Обвинителството за организиран криминал (ТОК), оваа организирана криминална група ја донела марихуаната во јануари 2026 година од Северна Македонија.
„Според планот на организаторот, опојната дрога преку границата ја пренесувал осомничениот Иван Драгниќ до магацин на семејството на осомничените Спасојевиќ, од каде што за понатамошна продажба ја преземал осомничениот Урош Младеновски“, соопшти ТОК на 31 јануари.
Како што наведува Обвинителството, Драгниќ е сосопственик на трговското друштво „ALPHAPHARM“ во Скопје, регистрирано за производство и преработка на медицински канабис.
Одгледувањето медицински канабис е легализирано во Северна Македонија, додека во Србија не е дозволено.
Министерот за внатрешни работи, Ивица Дачиќ на 2 февруари изјави дека марихуаната била спакувана за дистрибуција и дека најверојатно била испратена во Србија од Северна Македонија или од Албанија, но дека со истрагата ќе бидат утврдени сите детали.
Врски со владејачката партија
Во видео-изјава за таблоидот „Српски телеграф“, сопругата на уапсениот Раде Спасојевиќ изјави дека нејзиното семејство е „колатерална штета“.
„Тоа беше таму само два-три дена. Наводно некој требаше да дојде да го земе, меѓутоа се случи ова“, изјави Ана Спасојевиќ.
Дел од опозицијата набргу по информацијата за апсењето на осомничените укажа на врските на Спасојевиќ со врвот на Српската напредна странка.
Видете и ова: Криминални групи од Балканот и шверц на кокаин: Венецуелската врскаПретседателот на опозициското Народно движење на Србија, Мирослав Алексиќ, наведе дека уапсениот е „пријател и близок соработник“ на семејството на министерот за одбрана Братислав Гашиќ, кој исто така е од Крушевац.
Министерот за одбрана Братислав Гашиќ не ги коментираше директно обвинувањата на опозицијата, ниту го спомена името на уапсениот, а во соопштението наведе дека полициската акција покажува оти „во Србија нема заштитени“.
Се огласи и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој ги демантираше тврдењата дека државата има каква било поврзаност со случајот со заплената на дрога.
„Ние ја спроведовме таа акција“, изјави Вучиќ на 1 февруари за телевизијата Пинк.
На слична линија беше и изјавата на министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ ден подоцна, кој како аргумент наведе дека новинарите биле присутни кога се случила заплената.
„Да сакал некој нешто да сокрие, сигурно немаше да ги повика новинарите“, рече Дачиќ.
Во деновите по спроведувањето на најголемата заплена на наркотиците, таблоиди блиски до власта објавија дека целиот случај го водело Вишото јавно обвинителство во Белград, обвинувајќи го Обвинителството за организиран криминал дека „присвојува заслуги“ и дека „се кити со туѓи перја“.
Од овие две обвинителства не добивме коментар на написите објавени во медиумите.
Сепак, факт е дека осомничените биле сослушани во Обвинителството за организиран криминал и дека токму тоа обвинителство комуницирало со јавноста од моментот кога акцијата беше спроведена на 29 јануари.
Ова обвинителство веќе со месеци е на мета на државни функционери, поради истрагите што ги води против повеќе функционери на владејачката партија, во предмети поврзани со паѓањето на настрешницата во Нови Сад и укинувањето на заштитата на културното добро на зградата на Генералштабот во Белград.
Дали е побарана смена на инспекторите?
Предраг Петровиќ од БЦБП не е оптимист дека бројните непознати околу случајот со магацинот за марихуана и вмешаноста на функционери на Српската напредна партија ќе бидат целосно разјаснети.
„Тешко дека ќе добиеме одговори, освен ако луѓето кои работеле на овој случај не се осмелат да излезат во јавност“, објаснува тој.
Тој нагласува дека откривањето на големиот магацин за марихуана кај Крушевац е „заслуга на луѓето во полицијата кои подолг период работеа на тој случај“.
„А тоа се професионалци“, вели Петровиќ и додава дека тоа е резултат на нивната работа во соработка со Обвинителството за организиран криминал (ТОК).
Видете и ова: Пет тони марихуана од Северна Македонија запленети во Србија, тројца се во притворСпоред објавите на некои медиуми, токму овие полицајци се соочуваат со закана од преместување по овој случај.
Неделникот „Радар“ објави дека неодамна поставениот началник на Управа за криминалистичка полиција (УКП), Марко Кричак, под чија надлежност сега е Службата за сузбивање на дроги, побарал смена на Раша Поповиќ, началник на Службата за сузбивање на дроги, и на неговиот заменик Никола Ѓокиќ.
„Дадена им е информација дека ќе бидат преместени во Секторот за информатика. Тоа е сериозен парадокс - оперативците, луѓе со знаење и храброст, да бидат преместени на позиција каде ќе бидат во некаков вид работен однос, но без никакви ингеренции“, изјави за РСЕ Милан Радоњиќ, новинар на „Радар“.
Марко Кричак е именуван за началник на Управата за криминалистичка полиција во декември 2025 година.
Вниманието на јавноста го привлече како командант на Единицата за обезбедување на одредени личности и објекти (ЈЗО). Студентката Николина Сињелиќ го обвини за закани со силување и претерана употреба на сила по приведувањето за време на антивладиниот протест во Белград на 14 август минатата година.
Според зборовите на Милан Радоњиќ, поставувањето на Кричак на чело на УКП е дел од промена на „крвната слика во клучните служби во полицијата“.
„Со тоа мислам на УКП и на Службата за борба против организиран криминал. Двете се клучни кога станува збор за откривање на крупен криминал“, вели Радоњиќ.
Од Министерството за внатрешни работи не одговорија на прашањето на РСЕ дали информациите за најавеното преместување на двајцата инспектори се точни.
Првиот човек на министерството, Ивица Дачиќ, изјави на 2 февруари дека сите полицајци кои работеле на овој случај треба да бидат наградени.
Милан Радоњиќ смета дека изјавата на Дачиќ е во функција на „контрола на штетата“.
„Навистина е голем скандал тие луѓе, кои имаат таков резултат зад себе, да бидат сменети.
Видлив е јасен тренд дека на важни позиции се поставуваат луѓе лојални на режимот“, вели новинарот на „Радар“.
Случајот Јовањица без епилог
Радоњиќ повлекува паралела со случајот „Јовањица“, кога беа сменети инспекторите кои ја открија плантажата за марихуана, одгледувана на земјиште за органска храна.
Станува збор за полициска акција од декември 2019 година, кога на оваа плантажа во близина на Белград беа пронајдени 1.600 килограми марихуана.
Инспекторите кои го водеа случајот беа сменети во август 2023 година.
Во овој случај пред Специјалниот суд во Белград се водат два судски процеси против Предраг Колувија, сопственик на имотот „Јовањица“.
Во двата постапки тој се товари дека бил организатор на група која одгледувала марихуана за продажба, а се брани од слобода.
Видете и ова: Вучиќ најави задолжителен воен рок од декември 2026 или март 2027 годинаОткако судот му го укина притворот на Колувија во 2021 година, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека тој имал „само „еден тон марихуана“.
„Многу чудно, бидејќи тој не убил никого и нема обвинение дека некого убил, немал десет тони кокаин или нешто слично, туку, колку што разбрав, еден тон марихуана, која голем дел од околината, Германците и други, ја легализирале, што тој, исто така, негира дека ја имал“, изјави Вучиќ во октомври 2021 година.
Во предметот „Јовањица 1“, Колувија, заедно со уште девет лица, се товари дека од мај 2016 до ноември 2019 година одгледувал канабис.
Во вториот предмет, „Јовањица 2“, припадници на полицијата, Безбедносно-информативната агенција и Воено-разузнавачката агенција се товарат дека му обезбедувале заштита на Колувија.