Политичка математика со функционерските плати

Пари, денари, просечна плата во Македонија.

Резиме

  • Власта најавува намалување на функционерските плати за 200 евра,
  • Опозицијата тврди дека не може да се намали нешто што не сте го добиле, односно дека нивните плати ќе се „замрзнат“.
  • Пресметките покажуваат дека февруарската плата ќе им биде за неколку десетици до неколку стотина денари помала од јануарската, односно дека нема да го добијат очекуваното зголемување од околу 200 до 300 евра.

Дали функционерските плати ќе се намалат или замрзнат е прашањето кое се наметна во јавноста откако во Собранието во скратена постапка помина пакетот закони со кои се намали коефициентот со кој се пресметува платата на функционерите.

Станува збор за измени на законите за плати на пратениците, плати на избрани и именувани лица, судии и обвинители и членови на Совет на обвинители и Совет на судии. Овие измени доаѓаат на само неколку дена пред да им „легне“ во банка февруарската плата на над илјада назначени фунционери.

Прашањето кое се наметна во јавноста е за колку денари ќе биде помала платата што ќе ја добијат функционерите во март. Практично, намалувањето на коефициентот кое го предлагаат пратениците го „јаде“ растот на основицата, па нето-ефектот е минимален, коментираат синдикатите.

Тоа значи дека со предложените измени се намалува коефициентот кој се множи со просечната плата за премиерот, преседателот на државата, собранискиот спикер, министрите, пратениците, градоначалниците и директорите.

Премиерот Христијан Мицкоски кој според последните информации на веб страницата на Владата имал основна плата од 140.450 денари, со намалувањето на коефициентот од 3,47 на 3,17 во март на сметка ќе му легнат 140.469 денари.

Доколку на оваа пресметка се додаде и стажот на премиерот од 12 проценти, неговата основна плата, без другите додатоци во платата, ќе изнесува 157.569 денари.

Доколку не се намалеше коефициентот со усогласувањето со просечната плата за 2024 година која се зема како репер, ќе требаше да добие 153.762 денари основица која со стажот ќе изнесуваше 184.514 денари.

Видете и ова: Во Собранието не помина предлогот за минималец од 600 евра

Основната плата на претседателката Гордана Силјановска Давкова изнесува 140.469 денар, а со тоа што таа веќе има полни 40 години стаж, тоа значи дека основицата ќе и изнесува 168.824 денари.

Коефициентот на пратениците со предлог измените се очекува да се намали од 2.69 на 2.45 со што нивната јануарска плата од 108 877 денари ќе се намали на 108 564 денари.

Министрите со овие измени ќе добијат намален коефициент на плата од 2,85 на 2,6 што значи дека нивната јануарска плата од 115.353 денари ќе се намали на 115.211 денари.

Власта и опозицијата низ различна призма ги гледаат пратеничките плати

Според предлагачите на законските измени, намалувањето на коефициентот ќе им донесе 10 до 13 илјади денари помала плата на функционерите.

„За пратениците и функционерите во извршната власт ги намалуваме коефициентите со што директно го кратиме буџетскиот товар. За судиите и јавните обвинители предвидуваме усогласување на коефициентите со цел нивните плати да бидат во корелација со реалните економски можности на државата. Додека за градоначалниците предлагаме нова скала зависно од бројот на жители“, изјави пратеникот Бојан Стојаноски.

Но, со ваквиот став не се согласува пратеникот од опозициската СДСМ Оливер Спасовски кој тврди дека ова е манупулација затоа што, не може да намалите нешто што не сте го добиле. Тој вели дека пратеничката група на СДСМ ќе ги поддржи измените со кои се „замрзнува“ нивната плата

„Значи тврдењето дека намалуваат платите за 200 или 300 евра воопшто не е вистина. Заради тоа што практично ние ќе ги замрзнеме платите на ова ниво кое што е сега, затоа што не може да се смета за намалување нешто што во иднина би го добиле. Така да ние би поддржале такво нешто. Зошто? Заради тоа што сметаме дека приоритет мора да бидат работниците, приоритет мора да биде минималната плата“, вели Спасовски за РСЕ.

Тој додава дека проблемот во манупулацијата е што владејачкото мнозинство во Собранието не гласаше за зголемување на минималната плата, туку само за сопирање на растот на платата на функционерите.

ССМ : Пратениците не си ги намалија платите

Претседателот на Сојузот на Синдикати Слободан Трендафилов, вели дека до Собранието предложиле измени на законите со кои основицата на функционерската плата би се множел со минималната наместо со просечната, со што реално би се намалила нивната плата за 40 проценти. Но, како што вели, за жал, ниту еден пратеник не ја поддржал нивната иницијатива.

„Важно да се знае дека тие не си ги намалуваат платите за 12.000 до 13.000 денари како што се обидуваат да го објаснат тоа на јавноста, туку само ги задржуваат нивните за 79% зголемени плати, односно владеачкото мнозинство покажа дека за да си ја спасат сопствената позиција и плата, во еден ден по скратена постапка променија 4 закони, а две години им се потребни за да променат еден закон за да ги зголемат работничките плати и се уште не го менуваат !“, вели Трендафилов.

Видете и ова: Дали ќе се зголемат платите на функционерите?

Обвинителите бараа повлекување на законските измени од пленарната седница

Во списокот на функционери на кои ќе добијат помала од очекуваната плата се обвинителите и судиите. Први со бурна реакција беа Здружението на Обвинители, кое побара од пратениците да ја трнат точката од дневен ред на планарната седница.

Според предлог измените на законот за плати на обвинителите, платите на основните обвинители во март ќе пораснат за 273 денари, додека на обвинители од Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ќе им порасне платата за 134 денари.

Според Здружението, неуставен е обидот на владата за промена на коефициентоте во нивните плати, затоа што според законот за платите на јавните обвинители, нивната плата може да биде промената само при утврдена дисциплинска постапка.

„Сметаме дека тоа е противуставно и незаконито решение со кое се загрозува независноста на јавните обвинители преку економски притисок“, се вели во нивната реакција.

Дополнително оттаму велат дека нивната плата која се движи од 90.000 до максимални 130.000 денари е најниска во регионот каде што обвинителските плати се од 100 до 270 илјади денари. Обвинителите обвинуваат дека законски предвидените додатоци за сложеност на трудот со години наназад не им се исплаќаат поради недостаток на средства во Буџетот.

На ваквото барање на обвинителите пратениците од власта им порачаа да работат на зголемување на довербата, а не да мислат само на плати

„И наместо да земат и да работат на зголемување на онаа 2% доверба од граѓаните, тие исклучиво мислат само на плати. Но, ќе повторам се работи за мала група на луѓе коишто се под контрола на СДС и ДУИ, инаку и таму има многу чесни луѓе коишто за жал не можат да дојдат до израз од овие“, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски.

Коефициентите за функционерите досега два пати се намалија

Ова е трето намалување на коефициентите за функционерските плати откако Уставниот суд ја „одмрзна основицата“.

Во декември 2024 година, пратениците во Собранието од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, Дафина Стојаноска и Ели Панова поднесоа предлог измени на Законот за плата и други надоместоци на избрани и на именувани лица, со кои се намалија коефициентите на платите.

Тогаш од 3.92 како најголем коефициент утврдување на платата на претседателот на државата, претседателот на Собранието и премиерот беше намален на 3,47.

Ваков потег направи и претходната власт предводена од СДСМ и ДУИ во февруари 2024 година со измени на шест закони го сопреа растот на месечните примања на носителите на јавни функции која највисокиот коефициент од 4,50 го намали на 3,92.