Две варијанти во игра за укинување на техничката влада по лидерската средба

Лидерска средба, Скопје / 14 јануари 2026

Резиме

  • Техничката влада, реформската агенда, измените на Изборниот законик, но и на Законот за прекршоци, како и изборот на новиот народен правобранител, попладнево се најдоа на маса меѓу партиските лидери кои се сретнаа во Клубот на пратеници.
  • Средбата која ја иницираше премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, помина во конструктивна атмосфера – оценија политичарите во изјавите за медиумите.
  • На средбата која траеше три часа, како што и претходно најави, не се појави лидерот на СДСМ, Филипче.

Техничката односно Пржинската влада треба да се укине, се согласија политичарите кои денеска (14 јануари) имаа лидерска средба во Клубот на пратеници. Според она што го изјавија за медиумите, тие размислуваат за две варијанти на ова решение.

Првата е или да се укине веднаш, или на изборите кои всушност, ќе следуваат по следните парламентарни избори.

Премиерот, Христијан Мицкоски рече дека измените на Законот за Влада со кои би се избришала техничката влада не треба да бидат „ донесени на сила“. При тоа, Законот ќе треба да претрпи измени и поради новите ресори со кои институциите се реорганизираа по последните парламентарни избори.

„На пример, Министерството за социјална политика сега има нови ингеренции, а труд замина кај Економија. Треба да се допрецизираат, ако веќе и следните избори функционира техничката влада каде овие дополнителни министри или заменици министри ќе бидат номинирани“, рече Мицкоски.

Тој рече дека има подготвеност ако не се согласни сите парламентарни групи да се избрише техничката влада за следните избори, тоа да се случи барем за оние потоа.

„Од една страна сакаме да бидеме дел од европското семејство, а од друга страна бараме техничка влада. За мене некои работи се какафонични, но за да излеземе од ќор-сокак го прифаќаме и тој компромис. Ја ценам оваа средба како нов начин за решавање на проблемите, очекувам предлози од опозицијата што ќе значат додадена вредност. Мора да зрееме во процесот“, додаде Мицкоски.

Барање за консултации со меѓународниот фактор

Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети бара за прашањето за техничката влада да се консултира и меѓународната заедница, но според Мицкоски, токму пред неа треба да се покаже дека „можеме и сами да носиме зрели одлуки“.

Видете и ова: Техничката влада созреа за укинување?

Со сличен став излегоа и градоначалникот на Тетово, Биљал Касами од коалицијата „Вреди“ и лидерот на Левица, Димитар Апасиев. Пратеникот од ЗНАМ, Бобан Карапејовски кој исто така беше дел од денешната средба, ја оцени техничката влада како „анахрона“ и рече дека таа денес наместо да придонесува за стабилност создава нефункционалност и ја кочи ефикасноста на извршната власт.

Филипче: спремни сме да настапиме на избори кога и да се случат

На средбата на присуствуваше лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, нешто што тој и претходно го најави.

Но, откако заврши средбата, тој на прес конференција го повтори ставот на партијата дека укинување на техничката влада не треба да има. Филипче смета дека ќе има предвремени парламентарни избори, на кои СДСМ ќе настапи кога и да се случат.

Одговарајќи на новинарско прашање, дали при предвремени избори, партијата би номинирала свои министри во техничката влада, тој истакна „секако би учествувале во техничката влада“.

Прашан дали сепак ќе се согласат за укинување на техничката влада ако до крајот на мандатот на актуелната, се донесе реформската агенда, тој потсети дека таа беше воведена токму за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.

„Парламентарни избори после времето на Никола Груевски, ВМРО-ДПМНЕ нема организирано. Тогаш беа окупирани институциите, ние сега кажуваме дека се исто така. Максимално партизирани. Не е случајно што тогаш се воведе како техничка влада во присуство на Европа и САД како наши стратешки партнери за да се овозможи фер изборен циклус. Истите аномалии како до 2016, се соочуваме и сега. Услови за укинување нема поради сите овие работи“, додаде Филипче.

Нов Изборен законик до крајот на јуни

Освен за техничката влада, политичките лидери денес дискутираа и за измените на Изборниот законик.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Кондарко:Потребен ни е целосно нов Изборен законик

Касами рече дека тие бараат да се најде можност за поголемо учество на гласање на дијаспората. Сепак, немаат јасен став околу тоа колку изборни единици се потребни.

„Најважно е дека како и да се одлучи, и да се одлучи за една изборна единица ние сме за тоа да има отворени листи“, рече Касами.

Ставот на Левица е дека треба да има една изборна единица
„со или без изборен цензус, отворени или затворени листи“. Партискиот лидер, Апасиев најави дека комуникацијата ќе продолжи на ниво на координатори на пратенички групи во Собранието, но начелно е договорено до крајот на јуни да се донесе нов Изборен законик.

Дека треба да има една изборна единица сметаат и од ДУИ, чиј претседател Ахмети предлага праг од 5 проценти и со отворени листи.

„Сега ова прашање останува за понатамошни дискусии“, рече лидерот на ДУИ.

Одговарајќи на новинарско прашање за иницијативата на владиниот коалициски партнер Вреди, со која се предлага дијаспората да добие повеќе права и можности за гласање на некои од наредните избори, Мицкоски истакна дека пред сè треба да се дефинира дали државата ќе има една изборна единица.

Втората работа, според него, е фактот дека постојат држави кои не дозволуваат екстериторијално гласање надвор од дипломатско-конзуларните претставништва.

И „Безбеден град“ на маса

Сепак, според него, најакутно на оваа средба, било наоѓањето на решение за измените на Законот за прекршоци кои се неопходни за да профункционира проектот „Безбеден град“.

„Мислам дека на овој состанок најдовме еден компромис. Тоа е законот за прекршоци за да може од први февруари да започне да функционира Безбеден град со носењето на овој закон, кој е дво-третински, не е потребно бадентерово мнозинство“, додаде Мицкоски.

Видете и ова: Што ќе казнува „Безбеден град“ од февруари?

Но, и покрај неговиот став дека е најден компромис, според Ахмети, останува координаторите на пратеничките групи да се сретнат и да изнајдат решение.

„Не се направени потребните консултации, туку дејствијата биле преземени произволно, а консензуалната демократија има свои правила. Она што останува е координаторите на пратеничките групи да бараат решенија и дополнителни консултации за тоа како може да се реши ова прашање“, нагласи Ахмети.

Сепак, овие законски измени имаат поддршка од ЗНАМ бидејќи како што истакна Карапејовски, со нив ќе се спасат што поголем број животи.

„Повикуваме во најбрз можен рок да се усвои од сите политички фактори во Собранието“, додаде тој.

Избор на нов Народен правобранител

Лидерите на средбата разговараа и за избор на нов Омбудсман.

Додека Левица предлага тој да биде од ромска националност, од ЗНАМ единствено сметаат дека новиот Омбудсман треба да биде лице со висок политички интегритет.

Лидерот на Левица, Апасиев рече дека ова нивно решение е „соломонско“ бидејќи ромската заедница е најдискриминирана, а нема никакви луѓе на власта.

Видете и ова: Институцијата Народен правобранител „жртва “ на политички пазар

Тој во изјавата за медиумите по средбата, посочи дека побарале обештетување на семејствата на жртвите од Кочани, но не наишле на слух.

„Имаше разни експликации, дел е дека тоа бил приватен, а не јавен објект како што е Модуларната болница во Тетово и дека веќе има проекти кои се доволни за самиот град. Ние сметаме дека тоа не е доволно, ќе инсистираме и понатаму, но ова е сензитивна тема и не инсистиравме толку зависно од приликите бидејќи средбата помина во, би рекол, конструктивна атмосфера што за мене е изненадувачки“, истакна Апасиев.

Покрај овие прашања, дел од средбата на партиските лидери беше и реформската агенда.

На средбата не присуствуваше лидерот на движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, но неговиот сопартиец Карапејовски одговарајќи на новинарско прашање за ова, рече дека станува збор за техничка работа, а не за нешто „спектакуларно“.

Премиерот Христијан Мицкоски ја најави лидерската средба на 7 јануари кога рече дека ќе упати покани до политичките партии за средба, која би се одржала пред неговото заминување на Светскиот економски форум во Давос.