Од 1 февруари почнува примената на проектот „Безбеден град“. Што знаеме досега?
Тест периодот започна на 1 декември 2025 г. До крајот на јануари возачите, како и досега, ќе добиваат само опомени, а од 1 февруари 2026 казни за прекршоците што ќе ги регистрираат камерите.
Освен во главниот град Скопје, системот ќе биде активен и во Куманово и Тетово. Опрема е поставена и на коридорите 8 и 10.
Од МВР велат дека целта во текот на 2026 година проектот да се имплементира на цела територија на цела државата.
За почеток, камерите регистрираат четири прекршоци: непрописно паркирање, поминување на црвено, управување возило со истечена регистрација и брзо возење.
За брзо возење, најавен е праг на толеранција кој ќе биде: од 6 километри на час за места каде максималните брзини се до 100 км/ч; од 8 за брзини над 100 км/ч и 12 км/ч за местата каде максималните дозволени брзини се над 200 км/ч.
„Тоа не значи дека ако некој направи некоја беља кога управува моторно возило и вози со 52 км/ч за него нема да важат одредбите од Кривичниот законик доколку имаме телесна или тешка телесна повреда на одреден учесник во сообраќајот“, вели министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Покрај камерите на сообраќајниците, МВР најавува дека ќе бидат пуштени во употреба и полициски возила кои, исто така, преку камери имплементирани во „Безбеден град“ ќе регистрираат прекршоци и праќаат опомени.
Во иднина, покрај проширување на територијата на цела држава, Министерството планира да го зголеми и опфатот на прекршоци што ќе се детектираат со камерите. Но, засега нема прецизен рок кога.
„Проширувањето на дијапазонот на прекршоци коишто ќе ги детектира системот е со цел да ги намалиме и причините а не само последиците. Крајната цел е безбедност на целата територија и намалување на алармантниот број на жртви во сообраќајот“, велат од МВР за Радио Слободна Европа.
Како функционира системот „Безбеден град“?
Кога ќе се направи сообраќаен прекршок, преку порака на СМС на телефонскиот број и на имејл адресата што сопственикот на возилото ја оставил при регистрација, пристигнува опомена. Во пораката има линк кој директно води до записникот за прекршокот. Во него пишува: со кое возило е направен прекршокот, во колку часот, на кое место, казната што треба да ја плати.
Казната доаѓа на име на сопственикот на возилото, без разлика кој управувал со него.
За време на тест-периодот, дел од граѓаните имаа и забелешки за слабостите на системот кои надлежните треба да ги решат.
За неправилности, промена на податоци и други прашања што ги имаат возачите, МВР отвори шалтер во зградата на МТВ во Скопје. Постои опција и за електронско испраќање забелешки на имејл адресата.
Од МВР најавуваат дека ќе биде пуштена во употреба и дигитална платформа преку која граѓаните ќе може да се ажурираат податоци и да ги добиваат информации со системот „Безбеден град“.
За да може да се применува системот, надлежните подготвија и измени на низа законски решенија, како што се законите за возила, за извршување на санкции, за прекршоци и Кривичниот законик. Дел од измените веќе се изгласани во Собранието, дел се во процедура и допрва треба да добијат зелено светло од пратениците.
Повеќето граѓани го поддржуваат проектот
А, што мислат граѓаните – дали воведувањето на проектот „Безбеден град“ е добра или лоша работа и дали ќе ја подобри безбедноста во сообраќајот, беше и прашањето што РСЕ го постави во видео-анкета низ главниот град. Повеќето од нив, дадоа поддршка.
„Одлична работа е. Мора да се реши овој хаос во сообраќајот. Мислам дека ова ќе биде превентивно. Ама Македонче, само казна и ќе биде се како што треба. Казнена политика, милост за никого, не да биде селективно, за едни вака-така. За сите исто и ќе се воспостави ред“, вели Слободан Даневски.
Добро е за да се стави во ред бидејќи многу бргу се вози, посочи и скопјанката Драгана.
Сепак, додаде таа, прашањето со приватноста треба да се регулира со закон.
„Ех, ќе се подобри“, скептично прокоментира друг скопјанец, додавајќи „Ќе соберат пари во Владата.
Тошковски тврди: Се намали бројот на повредени
Надлежните, пак, тврдат дека резултати веќе има и во изминатиот околу еден месец – колку што трае тест периодот во Скопје, кога е во прашање безбедноста во сообраќајот.
„Со смирувањето на сообраќајот во Скопје директно граѓаните придонесоа да се намали бројот на повредени кои се згрижувани во рамки на центарот за трауматологија при Клиничкиот центар. Со почитување на правилата кое е драстично во споредба со тоа кога почнавме со проектот – драстично се намалени опомените, имаме конкретно намалување на број на повредени лица кои се упатуваат на Клиниката за трауматологија“, изјави Тошковски на 26 декември.
Според податоците што ги објави МВР, првиот ден кога почна тест периодот – 1 декември, камерите во Скопје регистрираа дури 110.000 прекршоци. Од нив, околу 90% биле за брзо возење. Само за еден ден, односно на 2 декември, бројката драстично паднала на 50.652 прекршоци за 24 часа.
Фаталните последици од сообраќајни несреќи во Северна Македонија се над европскиот просек кој изнесува 45 жртви годишно на еден милион жители. Црниот биланс на македонските патишта, пак, е 65 жртви годишно на еден милион жители или за четвртина повеќе од европските земји.
Во првите осум месеци од 2025 година, во сообраќајни несреќи во земјава загинале 91 лице по 11,3 луѓе месечно. Во 2024, бројот на жртви на патиштата бил 142 лица или по 11,8 изгубени животи месечно.