Од 16 јануари во Косово започнува строга примена на Законот за сообраќај, според кој возилата со странски регистарски таблички не можат да учествуваат во сообраќајот во Косово повеќе од три месеци или врз основа на овластување, потврди за Радио Слободна Европа заменик-директорот на косовската полиција за Северниот регион, Ветон Елшани.
Во исто време, ќе се започне со строга примена и Законот за странци кога станува збор за лични документи, односно сите оние кои немаат дозвола за престој на Косово ќе мора да аплицираат за дозвола за престој во рок од 72 часа.
Овие мерки ќе влијаат на членовите на српската заедница што живее во Косово, кои досега возеа автомобили со регистарски таблички на град во Србија со овластување или немаат косовски документи.
Почитувањето на овие два закона без отстапување требаше да започне на 1 ноември минатата година, но Министерството за внатрешни работи на Косово го одложи до 15 јануари 2026 година, со цел да спроведе информативна кампања.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Граничните премини меѓу Србија и Косово блокирани за камиони и автобуси
Овие мерки на косовските власти се критикувани од српската заедница, но и од српскиот граѓански сектор и политичките претставници.
Како ќе влијае Законот за сообраќај врз српската заедница?
Косовската полиција вели дека возењето возила со странски регистарски таблички со одобрение е спротивно на Законот и дека досега овој феномен се толерирал за да се даде време регистарските таблички да се заменат.
Ветон Ељшани за РСЕ изјави дека полицијата на терен ќе го спроведува Законот за сообраќај од 15 јануари на полноќ, но дека возењето со одобрение сепак ќе се толерира во некои итни случаи со предупредување.
„Ако некој оди во болница, ќе го пуштиме, возилата нема веднаш да бидат конфискувани, но ако истото лице повторно биде запрено во наредните денови, може да се биде казнето со 200 евра“, рече тој.
На крајот на 2022 година, Косово престана да толерира возење возила со српски регистарски таблички за градовите во Косово, кои беа претежно на северот од Косово. Таа одлука предизвика излегување на Србите од косовските институции и ги зголеми тензиите на терен.
Дел од членовите на српската заедница што живеат во Косово потоа ги пререгистрираа своите автомобили со градски таблички во Србија и ги возеа со овластување.
Ова овластување ги содржи податоците од личната карта на возачот, која ја издаваат српските власти за градовите во Косово, а која не е признаена од официјална Приштина.
Како ќе влијае Законот за странци врз српската заедница?
Законот за странци може да влијае на оние членови на српската заедница кои немаат косовски документи, но живеат, работат или студираат на Косово.
Сепак, Ветон Елшани забележува дека овој закон нема строго да се применува на луѓето кои живеат во Косово и од некоја причина немаат косовски документи.
„Нема да ги депортираме таквите лица, да ги одвоиме мајките од децата или татковците од децата“, рече тој и додаде дека оние кои доаѓаат во Косово за туризам, за работа или за студирање, сепак ќе мора да се регистрираат како странци.
„Ќе го спроведуваме законот полека, нема веднаш да депортираме никого. На пример, во два часот наутро, полицијата наоѓа некого на улица и го идентификува, ако нема косовски документи, ги информираме дека мора да се пријават во полициската станица“, вели тој.
Во прирачникот „Водич за влез, движење, престој и вработување на странци во Република Косово“, кој беше објавен минатата година, е објаснета постапката за добивање дозвола за „краткорочен, привремен или постојан престој“.
Потоа Одделот за државјанство, азил и миграција при Министерството за внатрешни работи на Косово ќе одлучи за издавање дозволи.
Патем, во Северна Митровица постои Универзитет кој работи во српскиот систем, а каде што студираат или се вработени српски државјани. Исто така, има вработени од Србија во здравствените установи во српските области на Косово или во одредени културни институции.
Сепак, Приштина не ги признава српските власти и досега ги затвори повеќето од нив, освен образованието и здравството.
Реакции на граѓанскиот сектор и политичарите
Нема точни официјални податоци за тоа колку Срби живеат во Косово и поседуваат косовски документи, бидејќи членовите на оваа заедница, главно во четири општини на север, го бојкотираа пописот на населението во 2024 година.
Сепак, извештајот на невладината организација Актив од 2024 година насловен како „Анализа на трендовите, ставовите на српската заедница“ покажа дека повеќе од 93 проценти од 503 испитаници имале косовски документи.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Етничките Срби ги осудуваат рациите во паралелните институции во Косово
Група српски невладини организации претходно изјавија дека сè уште има илјадници косовски Срби кои не можат да добијат косовски документи бидејќи „граѓанската регистрација на косовските Срби, како и другите членови на немнозинските заедници, е попречена со години“.
Во периодот од ноември 2024 до април 2025 година, косовските власти им овозможија на Србите во Косово „последователно“ да добијат државјанство, имајќи предвид дека голем број не можеа да добијат косовски документи бидејќи имаа само, на пример, извод од матична книга на родените издаден од српските институции, кој косовските власти не го признаваат.
Српска листа, водечката партија на Србите во Косово, која има поддршка од Белград, на 14 јануари објави дека одржала десетици состаноци со меѓународни претставници во врска со спроведувањето на Законот за сообраќај и странци, и дека нашле разбирање, но не добиле одговор на барањата.
„Дури и во претходните неколку дена, па дури и денес, бевме во интензивен контакт со меѓународни претставници и им ги пренесовме загриженоста на нашите граѓани, особено во врска со последиците од евентуалното спроведување на вакви штетни одлуки“, се наведува.
Српската листа ги повика косовските власти повторно да го одложат спроведувањето на „правилата“ со цел да се најде соодветен модел.
Видете и ова: По изборите, без еуфорија на северот на Косово: „Само да имаме мир и слобода“Лидерот на Партијата за слобода, правда и опстанок, Ненад Рашиќ, кој на последните избори освои едно пратеничко место во Собранието на Косово, на 13 јануари за Косовскиот јавен сервис изјави дека овие мерки од страна на косовските власти треба повторно да се одложат бидејќи „не сме доволно подготвени“.
Српското народно движење на Милије Бишевац испрати отворено писмо до амбасадите и меѓународните мисии во Косово во октомври минатата година, изразувајќи ја својата загриженост поради најавата дека Законот за странци ќе биде „строго почитуван“.
Српската демократија на Александар Арсенијевиќ побара да се најде решение во рамките на дијалогот со Србија.