Две стари термоцентрали, „Косово А“ и „Косово Б“, со децении го носат товарот на снабдување со електрична енергија за повеќе од 1,5 милиони граѓани на Косово.
За нивна рехабилитација, со цел да се зголеми безбедноста на снабдувањето во услови на растечка побарувачка за електрична енергија, само во 2025 година се издвоени милиони евра, според податоците на актуелната Влада.
Операторот на систем, пренос и пазар (КОСТТ) и Косовската компанија за дистрибуција на електрична енергија (КЕДС) најавија повеќемилионски инвестиции во мрежата.
Сепак, крајот на годината се чини дека ги уништува сите пресметки. Падот на температурата и доаѓањето на дијаспората во Косово става дополнителен товар на системот.
На 22 декември, КЕДС ги повика граѓаните да штедат енергија во часовите на максимална потрошувачка, со цел да се зачува стабилноста на снабдувањето. Потрошувачката достигна повеќе од 1365 мегавати за еден час во последните денови.
Поради големото оптоварување на дистрибутивната мрежа, имаше прекини на електричната енергија во неколку градови. Деловните субјекти пријавија големи штети.
Производство наспроти увоз
Косово произведува 94 проценти од својата енергија, или околу 800 мегавати на час, преку согорување на јаглен, додека остатокот го обезбедуваат обновливи извори: хидроелектрани, соларни панели и ветерни турбини.
Поранешниот министер за енергетика на Косово, Етем Чеку, за Радио Слободна Европа вели дека суштината на кризата е недостатокот на капитални инвестиции во енергетскиот сектор и неможноста за привлекување големи инвеститори, поради што цената на електричната енергија ќе продолжи да расте.
„Инвестициите се делумни. Блоковите Косово А и Б не можеа да го одржат производството, пазарот не е отворен за приватни инвестиции во сончева и ветерна енергија.“
Според него, државните пари главно одат за купување енергија, што е сосема погрешна политика.
Податоците од царината на Косово покажуваат дека во периодот јануари-ноември 2025 година, земјата увезла електрична енергија во вредност од околу 248 милиони евра, додека извезла околу 48 милиони евра.
Косово обезбеди увоз главно од Северна Македонија (114 милиони евра) и Албанија (94 милиони евра), додека износи од 3-4 милиони евра имаше од Словенија, Србија и Данска.
Неодамна, во медиумите се појавија бројни обвинувања и извештаи дека Косово соработува со српски бизнисмени за купување електрична енергија преку разни шеми, но сегашната влада ги отфрли сите овие тврдења.
Пропуштена можност за изградба на термоцентралата „Косова е Ре“
Во 2017 година, Косово потпиша комерцијален договор со американската компанија „Контур Глобал“ за изградба на термоцентралата „Косова е Ре“.
Вредноста на проектот беше 1,3 милијарди евра, а капацитетот за производство на енергија требаше да се зголеми за 500 мегавати.
Планирано беше термоцентралата да биде функционална во 2023 година, со очекуван век на траење од 40 години.
Граѓанското општество во Косово и меѓународните актери беа против изградбата на нова термоцентрала на јаглен од еколошки причини.
Во 2020 година, „Контур Глобал“ се повлече од проектот, наведувајќи дека повеќе не планира проекти на јаглен, како и поради промената на владата во Косово.
Движењето „Самоопределување“ и Демократскиот сојуз на Косово беа на власт во тоа време и изразија загриженост за можно зголемување на цената на електричната енергија.
Сепак, Чеку смета дека Косово морало по секоја цена да ги убеди Европската Унија и Соединетите Американски Држави да изградат нова термоцентрала со силни инвеститори.
„Немаме друга алтернатива, хидроенергијата е минимална, енергијата на ветерот е мала, сончевата енергија е премногу скапа, иако има доволно сончеви денови. Моравме да ја задржиме основата на развојот на енергетскиот сектор на лигнит“, вели тој, додавајќи дека европските земји имаат и резервни планови за производство на енергија базирана на јаглен, особено по почетокот на руската војна во Украина, што ја влоши енергетската криза.
Планови на Косово за иднината
Во март 2023 година, Косово ја усвои Стратегијата за енергија 2022-2031 година.
Покрај реновирањето на постојните термоелектрани, приоритет се дава на обновливите извори, за кои се очекува да произведуваат 35 проценти од електричната енергија за десет години.
Дополнително, Косово потпиша договор за декарбонизација - отстранување на јагленот од употреба - до 2050 година.
Во оваа насока, од 2022 година, Владата на Косово доделува субвенции за граѓаните кои купуваат ефикасни уреди за греење (клима уреди, топлински пумпи, котли на биомаса), но експертите сметаат дека оваа одлука не била добро осмислена, бидејќи само додала товар на енергетската мрежа.
„Политиката на субвенции, понекогаш за сметки, понекогаш за други работи, не е решение за проблемот. Тоа е само прикривање на проблемот“, оценува поранешниот министер Чеку.
Уште еден голем енергетски проект беше презентиран во април 2024 година од страна на Косово и Корпорацијата за милениумски предизвици на американската влада.
Програмата вредна 236 милиони долари предвидува трансформација на енергетскиот сектор, бидејќи ќе се градат постројки или батерии за складирање на енергија, така што таа ќе може да се користи подоцна, во зависност од потребите.