Резиме
- Поставени заштитни зони откако се регистрирани сипаници кај овци во три одгледувалишта. Иако сите се во Липково, Косово и Албанија веќе го забранија увозот на овци, но и на кози од целата територија на Северна Македонија.
- Болеста не се пренесува на луѓе – велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
- Семејството Сапаловски од селото Умлена во Малешевијата се надева дека нема со „див трансфер“ болеста да се рашири и на други места.
- Сточарите стравуваат од нови забрани а, но и дали ќе добијат обештетување од државата.
Сточарите стравуваат од загуби и очекуваат обештетување од државата, откако два пати во јануари и еднаш на почетокот на овој месец, надлежните регистрираа сипаници кај овци во населеното место Лопате во Липково, близу Куманово.
Болеста не се пренесува на луѓето и затоа нема опасност за нив, но таа се шири лесно и сточарите може да претрпат големи загуби – велат од Агенцијата за храна и ветеринарство во писмен одговор до Радио Слободна Европа.
А сточарите не стравуваат само затоа што дел од овците угинаа, додека за другите е наредено умртвување, туку и затоа што две држави веќе забранија увоз, но забраната се однесува и на кози.
Што предвидуваат забраните од Албанија и Косово?
Всушност, Албанија и Косово не само што го забранија увозот на живи животни од видовите овци и кози, сега забрануваат и увоз на нуспроизводи како кожа и волна.
Албанија чија забрана се однесува и на транзитот на овие животни, ги забрани и герминативните производи, но не и оние од животинско потекло, за што веќе испратила официјална информација до македонските власти – потврди АХВ .
Косово сепак отиде чекор подалеку. Тамошната забрана се однесува и на производите од животинско потекло од овие животни кои не се термички обработени или кои потекнуваат од Република Северна Македонија.
Видете и ова: Статус кво по ИПАРД аферата: Компании сѐ уште чекаат исплатиОд АХВ велат дека ваква информација не добиле од косовските власти. Македонската јавност дозна за забраната откако косовската Агенција за храна и ветеринарство објави соопштение.
„Мерката ќе остане на сила до понатамошна проценка на состојбата од страна на надлежните меѓународни органи, како и од Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Косово“, се вели во интегралното соопштение објавено на веб страницата на косовската АХВ.
Оваа институција сепак не одговори на прашањата од Радио Слободна Европа во врска со овој случај.
Џемаили: Проширувањето на болеста ќе го колабира сточарството
Претседателот на Сојузот на одгледувачи на овци, Насер Џемаили се надева дека властите ќе ги обештетат сите засегнати навреме, за разлика од претходниот случај на зараза со бруцелоза кај дел од овците во земјава.
„Има пракса на обештетување и на сточарите им се компензираше кога беше регистрирана бруцелоза. И во тој случај имаше умртвување на животните, но помина долго време дури да бидне исплатата“, вели Џемаили за Радио Слободна Европа.
Тој коментира дека дел од сточарите сѐ уште чекаат исплата и на субвенции.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Трипуновски: Има голем интерес за мерката за враќање на младите во селата
Доколку не ги добијат субвенциите дури и откако тие ќе им бидат исплатени на лозарите, сточарите ќе излезат на штрајк. Поради ваквата незавидна состојба со сточарството, вели Џемаили, ако заразното заболување се прошири во останатите делови од државата, тоа ќе значи колапс за оваа гранка.
Формирани две зони како заштитна мерка
А за да се заштитат одгледувалиштата надвор од Липково, надлежната Агенција донесе мерка за воспоставување две зони околу потврденото жариште.
Едната е „заштитна“ и опфаќа три километри околу одгледувалиштата.
Таму е наредено убивање на овците, нештетно отстранување на мршите од овците кои угинале или се убиени, простирката, цврстото и течното ѓубре за кои постои сомнение дека се контаминирани, како и храната за животни под официјален надзор. АХВ нареди и чистење, дезинфекција и третман на просториите каде биле сместени овците, возилата користени за нивен превоз и опремата во одгледувалиштата.
Мерката за заштитната зона беше донесена на 5-ти февруари, а ќе се спроведува најмалку 21 ден.
АХВ тогаш донесе мерка и за „зона под надзор“ која опфаќа десет километри околу одгледувалиштата.
Таму се забранети и движењето и превозот не само на овците туку и на козите, освен ако се движат кон одобрен објект и оператор со храна – кланица за домашни чапункари во зоната под надзор, третман на суровото млеко и производите од млеко и следење на епидемиолошката состојба во зоната.
Иако како што потврдуваат од Агенцијата, сипаниците се откриени само кај овци, забраната за движење, но и забраните за увоз од двете соседни земји, се однесуваат и на кози.
Видете и ова: Земјоделците се жалат на државата, граѓаните - на цените на овошјето и зеленчукотОд Агенцијата за РСЕ, брифираат дека тоа се должи на фактот дека тие спаѓаат во истата група на приемчиви животни, односно мали преживари кои се подложни на исти заразни болести.
Оттука, покрај заштитните мерки во Липково, Агенцијата ја забрани работата на добиточните пазари за сите приемчиви животни. Забрането е и да се одржуваат и изложби или други видови спортски настани ширум државата.
Досега нема пријава на сомнеж во останатите делови од североисточниот регион, во кој спаѓа и населеното место Лопате, ниту на други делови од територијата на државата. Од Агенцијата за РСЕ, нагласуваат дека се надлежни за „откривање на изворот на болеста и спроведување на епидемиолошка истрага, но не може да утврдат одговорност кај одгледувачите на овци и кози во Липково“.
Како се манифестира вирусот кај заразените животни?
Иако вирусот на сипаници се излачува и со млекото, урината, изметот, а може да е присутен и во волната, надлежните очекуваат дека актуелните мерки за заштита значително ќе го намалат ризикот од негово понатамошно ширење.
Овој вирус може да доведе до висока смртност и кај овците и кај козите, но и кога не настапува смрт, кај заразените животни се јавуваат бројни здравствени проблеми како треска или лезии на белите дробови.
Сипаниците се пренесуваат преку изложеност на аеросоли по близок контакт со животни кои покажуваат тешки клинички знаци. Инфекцијата може да се случи и преку абразирана кожа или контакт со други мукозни мембрани – објаснуваат од АХВ.
Сточарите бараат заштита од државата
Ситуацијата е стабилна, но за да се заштитат на пример, сточарите од Малешевијата се договориле да не донесуваат стока „од надвор“. Ова за РСЕ, го раскажува Ефимија Сапаловска од пехчевското село Умлена.
„Ние си оставаме подмладок од сопствено стадо или менуваме меѓу нас за да не донесеме болест“, вели Сапаловска за Радио Слободна Европа.
Видете и ова: Ни казни за маркетите, ни отштета за граѓаните за високите цениТаа се надева оти некој нема да направи „див трансфер“ па болеста да ја донесе и во тој крај.
„Знаеме што е тоа, некое заразено животно да се пушти“, вели Ефимија кај која има сомнеж дека се работи и за манипулација за да се исплашат сточарите кои бараат поголема заштита од државата.
„Од тоа корист би имале трговците, за да земат евтино јагне, а да го продадат скапо. Производителот и крајниот купувач најмногу страдат, а некои измеѓу се богатат“.
Семејството на Сапаловска има 150 грла овци, а со сточарство се занимаваат веќе 18 години. Нивните овци не се вакцинирани против сипаници и како што вели Ефимија, ако нема див трансфер нема ни да има потреба од тоа. Сепак, додава таа, ако надлежните кажат дека тоа е потребно, сточарите така и ќе постапат.
„Ако се појави потреба, ќе ги вакцинираме. Превентивата е пред сѐ. Но досега такво нешто немало тука“, посочува таа.
Но, затоа пак, семејството Сапаловски ги вакцинира овците за други заразни заболувања на секои шест месеци. Трошокот е голем, вели Ефимија, а покрај тоа, има и ревакцинација. Најевтината вакцина е 30 денари, но за некои цената достигнува и до 60 денари.
Пад во сточарството
Според Ефимија, институциите може да ги заштитат сточарите не само со поевтини вакцини, туку и лекови воопшто. Но, за да опстанат, ним им е потребна и поевтина сточна храна.
Стапаловска вели дека во цените на оваа храна се случуваат вистински „турбуленции“, поради кои сега во пресрет на Велигден, сточарите инсистираат цената за килограм јагнешко месо, да биде минимум триста денари.
„Ниту откупот не се случува на време, па сакаат да ја намалат цената. Значи, гледаат да нѐ угнетат. Имаме доволно за да се нахрани цела држава, но тоа што го имаме, не се цени. Затоа сточниот фонд се намалува и ќе стане страшно“, коментира Ефимија.
Видете и ова: Големо намалување на бројот на земјоделци во земјаваНа ист став за цената на јагнешкото е и Џемаили, претседателот на Сојузот на одгледувачи на овци.
„Ние под 300 денари за килограм нема да прифатиме, но не сме сепак ние тие што регулираме цена. Во соработка со кланиците и надлежното Министерство ќе седеме за да се најде прифатлива цена“, вели тој за РСЕ.
Падот на домашното сточарство е евидентен и во податоците на Државниот завод за статистика за периодот 2000-2024 година. Најдраматичниот пад се забележува по 2006 година, а за сите 24 години, бројот на грла овци се намалил за речиси 59 проценти. Падот се забележува и кај другите категории добиток освен кај козите.
Според сточарите, ова не се статистики, туку човечки судбини. Со оваа порака тие лани во декември организираа собир пред Владата и побараа исплата на субвенциите за претходната година.