Автомобил стар 19 години, увезен од Германија, купен „на старо“ и се вози веројатно во Скопје.
Вака во една реченица може да се сумираат вкрстените податоци од институциите за возниот парк со кој располагаат македонските граѓани.
Северна Македонија, според податоците на Царинската управа во 2025 година, забележа рекорден увоз на возила – дури 69.400. Овде спаѓаат автомобили, товарни возила и автобуси. Од нив, најголемиот дел или 60.459 се автомобили од кои дури 77,4% се половни возила додека останатите се нови.
Кон половните граѓаните најчесто посегнуваат кога решаваат да купат автомобил, а главната причина е цената.
„Долго време разговаравме со сопругот, каква кола да си купиме, и да бидам искрена ме исплаши опцијата кредит на седум години за нова кола, навистина е заглавување со рата во банка кога и за да го преживеам месецот не ни стигаат парите. Тоа беше клучната причина зошто се решивме за половна кола, иако и тие поскапеа“, вели скопјанката Николина.
Построги услови за почист воздух?
Но, во меѓувреме и во домашните и во европските регулативи се најавува заострување на правилата и условите. Со барања во оваа насока, со години наназад излегуваат и екоактивистите, според кои, ова е еден од начините да се влијае и на намалување на аерозагадувањето.
Главниот град Скопје, во време на грејната сезона, често е во врвот на најзагадени градови во Европа и светот. Според податоците од Државниот завод за статистика (ДЗС), една третина од автомобилите во земјава се во главниот град – од вкупно 580.210 регистрирани во 2024, во Скопје се 193.356 или 33%.
„Сметаме дека давачките за увоз на возила треба да имаат скалесто одданочување – според емисии на загадувачки супстанции. Парите од тие даноци да бидат наменети за подобрување на условите за јавен превоз, пешачење и користење велосипеди и останати микромобилни сообраќајни средства“, вели за Радио Слободна Европа (РСЕ) Дарко Арсовски Петровски од невладината организација „Биди зелен“ (Go Green).
Аргументирајќи ги ставовите, тој се повикува и на извештајот за Националниот инвентар на стакленички гасови во Северна Македонија, според кој, секторот транспорт е на второ место по емисии на стакленички гасови со 27,7% учество (по секторот „енергетика“).
„Во овој сектор 99% отпаѓа на патниот транспорт, додека емисиите од железничкиот сообраќај се 0,4% (во 2016 година), а емисиите од домашната авијација се блиску до нула“, додава Арсовски Петровски.
„Биди зелен“ беше една од десетината невладини организации што се потпишаа на иницијативата што на крајот на 2024 беше поднесена до Владата, а со која се бараше забрана на увоз на користени возила кои се постари од 10 години и под еколошкиот „еуро 5“ стандард.
„Возилата испуштаат над 200 токсични соединенија од кои голем дел се канцерогени и мутагени што значи влијаат врз генетскиот материјал, мутираат гените. Тие се особено токсични за децата кои се во развој. Сите ние како граѓани по пешачките патеки се движиме покрај сообраќајниците. Децата се приближно на висина каде директно овие издувни гасови ги вдишуваат и навистина се најпогодени“, рече тогаш на прес-конференција пред Владата, Татјана Чакулев од О2 Иницијативата.
Според јавно достапните информации, за увоз минимален дозволен еко-стандард за штетни емисии од моторни возила е „еуро 4“, додека најстрогиот односно со најниски емисии е увоз на „еуро 6“.
Измени и во домашните и во европските регулативи
Дали се планира заострување на условите, до објавување на овој текст не добивме одговор. Но, најави за „строги правила и јасни процедури“ во декември даде Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини најавувајќи измени на Законот за возила, со цел усогласување со европските регулативи.
По работен состанок со експерт од Словенија, оттаму посочија дека целта е да се дефинираат конкретни чекори за да има јасен и предвидлив систем кој меѓу другото ќе обезбеди „современи процедури за одобрување и увоз на возила“, како и „построг и ефикасен надзор“ и засилен институционален ред во сите фази на процесот – од документирање, до контрола“.
Паралелно, во Европската Унија се планира следните години да се воведат построги правила кога е во прашање извозот на стари автомобили во трети земји. Односно, посебни сертификати за исправност на дел возилото, како и поправки пред евентуален извоз. Сето тоа би ја зголемило откупната цена, од што стравуваат и домашните препродавачи.
„Знаејќи ја куповната моќ на 90 отсто од нашите клиенти, ова ќе биде негативна работа и за купците и за препродавачите. Со ова автоматски би се зголемиле цените на автомобилите, а со тоа и давачките дома“, вели за РСЕ препродавач на половни автомобили од Кочани, кој најчесто преку Бугарија увезува и препродава возила од западните европски земји.
Најмногу се увезува од Германија
За увоз, возилата од Германија се најчест избор за препродавачите и купувачите. Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС), во првите 11 месеци од 2025 половните автомобили увезени од германскиот пазар се доминантни – дури 24.955. Втора е Франција од каде се увезени 5.368, додека на трето место е Јапонија со 2.853.
„Топ 5“ листата на земји од каде најмногу се носат користени автомобили во земјава ја заокружуваат Шпанија и Италија со 2.058 односно 1.652 автомобили.
Слично било и во 2024, кога од Германија биле увезени 24.843 половни возила.
За една деценија 200.000 автомобили повеќе
Податоците со кои располага Државниот завод за статистика, исто така, покажуваат и дека расте бројот на автомобили низ македонските патишта.
Од година во година, тој константно расте, па за една деценија има 200.000 повеќе. Ако во 2015 бројот на регистрирани патнички автомобили изнесувал 383.833 во 2024 тој изнесувал 580.210. Најголем број, 193.356 се во Скопје, а по речиси 30 илјади возила биле регистрирани во следните два града по бројот на жители, Битола и Куманово.
Просечната старост на регистрираните возила во 2024-та, според податоците од ДЗС, била 19,4 години. Овој просек се однесува и на последните десетина година. Најнизок бил во 2004 и 2008-та, кога во просек староста на регистрираните автомобили била 15.4 години.