Организирани криминални групи од Балканот имаат врски и во Венецуела. На тоа укажуваат случаите на заплена на кокаин, апсења и судски постапки што се завршени или сè уште се во тек.
Овие групи се означени во меѓународни организации, како што се ЕУРОПОЛ и ИНТЕРПОЛ, меѓу клучните актери во криумчарењето кокаин од земјите на Латинска Америка кон Европа.
Венецуела, како транзитна држава за шверц на кокаин, доспеа во фокусот на светската јавност откако силите на Соединетите Американски Држави (САД) на почетокот на јануари го уапсија оспоруваниот венецуелски лидер, Николас Мадуро.
Нему ќе му се суди во САД по обвинение дека ја надгледувал мрежата за трговија со кокаин која соработувала со насилни групи, вклучувајќи ги мексиканските картели Синалоа и Зетас, колумбиските левичарски бунтовници ФАРК и венецуелската банда „Трен де Арагуа“.
Видете и ова: Како ќе влијаат превирањата во нафтено богатата Венецуела врз трговијата со далечни партнери?
Мадуро на сослушувањето одржано на 5 јануари пред суд во Њујорк ја негираше вината.
Која е важноста на Венецуела за криминалните групи од Балканот?
Како што за Радио Слободна Европа укажува Саша Ѓорѓевиќ од Глобалната иницијатива за борба против транснационалниот организиран криминал (GI-TOC), Венецуела е значајна за кокаинските текови, во кои се вклучени и криминални мрежи од Западен Балкан, бидејќи претставува „стратешки излезен коридор од Латинска Америка кон Атлантикот“.
„И потоа, во најголем дел, кокаинот од тој регион оди директно кон Европа или преку Западна Африка пристигнува во Европа“, појаснува Ѓорѓевиќ.
За криминалните групи од Балканот, Венецуела, според неговите зборови, е значајна, но не и примарна дестинација за шверц на кокаин од Латинска Америка кон Европа. Во таа смисла, далеку позначајни се Колумбија и Бразил, а во последните неколку години и Еквадор.
Апсењето на Мадуро и акцијата на САД насочена против криминалните групи што се занимаваат со шверц на кокаин, според Ѓорѓевиќ, нема да имаат големо влијание врз групите чии членови потекнуваат од балканските држави.
„Со оглед на тоа што овие групи секогаш биле флексибилни, мојата претпоставка е дека оние групи што ја користеле Венецуела ќе пронајдат алтернативни патишта во земјите во кои, според мене, постојат многу позначајни упоришта“, оценува Ѓорѓевиќ.
Кои се главните актери?
Поврзаноста на криминалните групи од Балканот со Венецуела беше разоткриена со заплената на кокаин крај брегот на Аруба, во близина на Венецуела, во февруари 2020 година.
Тогаш холандската морнарица го пресретна бродот „Ареса“, кој претходно пристанал во венецуеланското пристаниште Гуарано. На бродот беа запленети пет тони кокаин.
Во акцијата беа уапсени 11 државјани на Црна Гора, членови на екипажот на бродот.
Видете и ова: Што може да значи апсењето на Мадуро за Русија?
Како што тогаш соопшти Управата за полиција на Црна Гора, заплената на кокаин во Аруба е резултат на соработка меѓу Црна Гора, Обединетото Кралство, Србија и Холандија.
Пред судот во Аруба, уапсените црногорски државјани во март 2021 година беа осудени на затворски казни од девет до петнаесет години.
ЕУРОПОЛ го поврза со кокаинот запленет во Аруба, српскиот државјанин Мирослав Старчевиќ, уапсен во мај 2023 година заедно со уште 12 лица. Тие пред надлежните органи на Србија се товарат за меѓународна трговија со дрога.
Како што за Радио Слободна Европа беше потврдено од Вишиот суд во Белград, судската постапка што се води против оваа група се наоѓа во фаза на главна расправа.
Српската полиција го означи Старчевиќ како водач на „најголемата криминална организација за трговија со дрога од Балканот“, која беше разоткриена со помош на ЕУРОПОЛ.
За картелот што го предводел Старчевиќ, полицијата во Србија верува дека стои „зад повеќетонските пратки кокаин што пристигнале во Европа од Колумбија, Бразил, Еквадор, како и преку Западна Африка“.
Групата на Старчевиќ во извештаите на Глобалната иницијатива за борба против транснационалниот криминал се доведува во врска со кавачкиот криминален клан, со потекло од Црна Гора.
Кавачкиот и шкаљарскиот клан настанаа во Црна Гора. Станува збор за два завојувани криминални клана, во чии меѓусебни пресметки од 2014 година досега животот го загубиле повеќе од 60 лица.
Без одговор од полициите на Србија и Црна Гора
Дали и во која мера организираните криминални групи, чии членови потекнуваат од Србија и Црна Гора, и понатаму се вклучени во шверц на кокаин поврзан со Венецуела, не е познато.
Видете и ова: Kако Западен Балкан реагираше на нападот на САД на Венецуела?На овие прашања, до заклучувањето на текстот, одговор не дадоа ниту во Министерството за внатрешни работи на Србија, ниту во Министерството за внатрешни работи на Црна Гора.
Од ЕУРОПОЛ за Радио Слободна Европа кратко изјавија дека организацијата нема директна соработка со Венецуела, поради што податоците за вклученоста на организираните криминални групи од Балканот ги добиваат посредно, преку полициските служби на тие држави.
Организираните криминални групи, чии членови потекнуваат од земјите на Западен Балкан, во извештаите на меѓународни агенции како што се ЕУРОПОЛ и ИНТЕРПОЛ се означени како клучни за шверцот на кокаин од Латинска Америка, првенствено кон земјите на Западна Европа.
Таа позиција, како што се наведува во извештаите на Глобалната иницијатива за борба против транснационалниот организиран криминал, тие ја граделе со децении, пред сè преку директни врски во земјите што произведуваат и дистрибуираат кокаин.
По што е Венецуела специфична?
Она што ја прави Венецуела интересна, вели Саша Ѓорѓевиќ од Глобалната иницијатива, е тоа што за транспорт на кокаин од таа држава се користат и поморскиот и авионскиот сообраќај.
„Станува збор за помали авиони, за кои контролата и надзорот се значително помали отколку кај комерцијалните летови“, вели Ѓорѓевиќ.
Во Венецуела не се произведува кокаин.
Сепак, во извештаите на Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC), Венецуела е означена како една од клучните транзитни држави, од која кокаинот, произведен главно во соседна Колумбија, понатаму се дистрибуира кон САД и Европа.
Дека постојат цврсти индикации оти делови од државниот апарат на Венецуела се длабоко вклучени во криминални активности, покажуваат наодите од најновото издание на Глобалниот индекс на организиран криминал, според кој Венецуела се рангира меѓу првите десет држави во светот според влијанието на криминалните актери внатре во државата.
Видете и ова: Мицкоски: Македонската Влада ги поддржува аргументите на САД за МадуроГодишните извештаи за Индексот на организиран криминал ги објавува Глобалната иницијатива за борба против транснационалниот организиран криминал (GI-TOC), организација на граѓанското општество со седиште во Женева.
Во најновиот извештај, објавен во ноември 2025 година, се наведува дека колумбиските герилски групи „управуваат со синџирите на снабдување во соработка со корумпирани венецуелски функционери“.
„Тие се интегрирале во локалните заедници, често манипулирајќи со млади луѓе за да работат за нив под превез на легитимно вработување, и ги презеле локалните правосудни системи и управувачки структури“, се наведува во извештајот.
Се додава дека „симбиотскиот однос“ меѓу колумбиските герилски групи и венецуелските државни функционери ги олеснил нивните операции, што, како што се наведува, „резултирало со минимално насилство, но со значајна контрола врз пограничните региони“.