Дурмиши: Треба да се зголемат казните за картелско здружување на трговци

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Дурмиши: Минималната плата е повеќе политичка тема

Казните што ги добија четири маркети за картелско здружување се мали и треба да се зголемат, смета министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши. Во интервју за Радио Слободна Европа тој вели и дека платите треба да растат под реален основ – со повисока продуктивност и повеќе инвестиции нагласувајќи дека во земјава има најмала продуктивност во регионот. Во интервјуто Дурмиши зборува и за потрошувачките кошнички, но и за тоа што се смени една година по трагедијата во Кочани кога се во прашање лиценците за дискотеки.

Министре Дурмиши, Сојузот на синдикати најавува нови блокади и генерален штрајк во текот на март. Дали можеби како Влада и како министерство го променивте ставот за зголемување на минималната плата?

Платите треба да растат, да бидеме јасни оти секогаш кога даваме изјави на некој начин не се разбереме добро, можеби одредени медиуми така не вадат. Но, растењето на платите треба да биде од реален економски раст, треба да биде од повисока продуктивност, повеќе инвестиции. Ние, како што гледате, градиме систем што ќе обезбеди трајно зголемување на животниот стандард на граѓаните. Повеќе од година и пол работиме на суштинско подобрување на системот и подобрување на законските решенија што се во делот на економијата, односно зголемување или подобрување на бизнис климата во земјата како аспирант за членство во Европската унија. Според законските решенија и според методологијата која е на сила за пресметување на минималната плата, таа ќе расте односно ќе се нивелира во март, што е за околу 1.600 денари.

Сепак, синдикатите велат дека тоа не е доволно.

Да. Тоа е системско решение и воедно ние не бегаме од дијалогот со синдикатите коишто бараат минималната плата да биде 600 евра. Зголемувањето мора да има реална економска основа. Тоа што докажува дека ние не бегаме од состаноците со нив за да разговараме во однос на минималната плата – само пред еден месец покажавме дека може да се постигне договор кога има добра волја од сите страни. Постигнавме договор со синдикатите од администрација каде што ќе се зголемат платите во јавниот сектор до 40% во наредните три години, што опфаќа околу 11.000 вработени во јавниот сектор. Исто така, треба да го напомнам и овој аргумент дека од податоците што ги имаме од Државен завод за статистика, 30.000 граѓани се тие што земаат минимална плата. Другите сите, и во јавниот и во приватниот сектор, земаат повеќе од минималната плата.

Видете и ова: Синдикален марш за 600 евра минимална плата

Но, и 30 отсто од вработените земаат плата под 500 евра, според податоците на Синдикатот.

Значи повеќето од околу 750,000 граѓани што се вработени во нашата земја земат повеќе од минималната плата. Само 30.000 од нив земаат минимална плата, што е 3% или 4%. Затоа јас секогаш сум кажувал дека ова е повеќе политичка тема. Ние сме покажале како држава дека ги покачуваме платите во јавниот сектор – тоа што го достигнавме минатите денови, во здравство сме ги зголемиле платите, во образование, во полиција, во Министерство за одбрана итн. о сите синдикати ние сме се договориле и сме постигнале договор каде што сме ги сме ги зголемиле платите за сите вработени во јавниот сектор.

Во приватниот сектор, ние сме кажале дека сме таму да помагаме и ако оние постигнат договор, ние сме таму да ги поддржиме двете страни. Воедно сме работеле да ја зголемиме продуктивноста оти имаме најмала продуктивност не само во државите што се во Европска унија, туку и во регионот. Имаме најмала продуктивност. Работиме да ја зголемиме продуктивноста преку поддршка на стопанството, преку поддршка на компаниите итн. Директно кога ќе се зголемува продуктивноста, кога ќе има движење на бизнис климата, автоматски ќе се зголемуваат и платите во приватниот сектор, бидејќи во јавниот сектор веќе сме го завршиле тоа.

Ја споменувате продуктивноста. Ете, на пример според податоците на меѓународната организација на трудот во Северна Македонија продуктивноста е поголема од Црна Гора, Србија, Албанија.

Ние податоците ги имаме земено од Евростат. Значи од таму сме ги ваделе податоците. Јас јавно сум го кажувал тоа и пред пратениците во Собранието и пред јавноста, најрелевантни се тие податоци коишто покажуваат дека имаме најмала продуктивност во земјите во регионот.

Што се случи со потрошувачките кошнички што ги најавивте како Влада?

Да, ние веќе направивме една наша методологија за пресметување на потрошувачка кошничка што ја споделивме со сите членови на Економско-социјалниот совет (ЕСС). Чекавме одговор од нив – да критикуваат, да дадат свои забелешки, да дадат свои предлози за таа методологија на пресметување на потрошувачката кошничка. За жал, до сега не сме имале ниту еден предлог, барем од тоа што јас го знам до сега. На наредната седница на што ќе ја имаме на ЕСС ќе ја отвориме како тема и после тоа ќе одиме со пресметување на наша потрошувачка кошничка која не ја оспорува синдикалната потрошувачка кошничка.

Синдикалната потрошувачка кошничка ги нема конкретните податоци и не објавува јасна слика пред јавноста поради тоа што сме кажале многу пати дека имаат ставено многу производи што не се трошат во тие временски периоди. Ние сме ја направиле потрошувачка кошничка со релевантните институции, со Министерството за финансии, со Управата за јавни приходи, заедно со Министерството за земјоделие – направивме една работна група којашто направи една потрошувачка кошничка која се базира на податоците од Државен завод за статистика.

Видете и ова: Трендафилов: Срамно е да се фалите со покачување на минималецот за 1.500 денари

Велите дека во синдикалната кошничка има производи што не се користат во одреден временски период, дека всушност не е релевантна. Дали вие мислите дека едно четиричлено семејство може да го преживее месецот со помалку од 1.100 евра?

Токму заради тоа ние велиме дека таму не се ставени податоците како што треба или тие трошоци што ги има едно четиричлено семејство. Токму поради тоа, овие денови ќе биде објавено пред јавноста потрошувачка кошница која реално ќе покажува колку се трошоците за едно четиричлено семејство, којашто е базирана од податоци од Државен завод за статистика. Таму има ставено, на пример, трошоци за кирија. Според податоците на Државниот завод за статистика во 2021 година кога е направен пописот, 90% од нашите граѓани живеат во свој сопствен дом. Затоа велам дека има и други работи коишто многу добро сме ги виделе, сме ги анализирале и сме направиле методологија една потрошувачка кошничка која ќе биде достапна за јавноста и реално.

Дали можеби планирате некаква потрошувачка кошничка или замрзнување на цените во пресрет на празниците Велигден и Рамазан?

Знаете дека минатата година ние се соочивме со поголема инфлација кога во овој временски период, особено за празниците, трговците знаејќи кои производи се трошат повеќе удираа на тие цени, односно ги зголемија цените на тие прехранбени производи. Знаејќи ги овој факт, ние административно со одлука на Влада по предлог на Министерство за економија и труд ги замрзнавме цените за на некој начин да им излеземе на пресрет на граѓаните за да бидат заштитени. Но, оваа година, еве минатиот месец имавме инфлација-0,7% што покажува дека одиме кон стабилизација на цените и не може секогаш со административни одлуки да влегуваме, да реагираме во пазарот бидејќи сме демократска држава.

Тие одлуки што ги преземавме во тој временски период ги дадоа своите резултати. Сега одиме во насока на поддршка на компаниите, на поддршка на стопанството, еве овие денови ќе биде објавен и оперативниот план за вработување, каде суштински влегуваме во една насока каде ќе ги поддржиме компаниите коишто ќе работат и на некој начин ќе ја подобруваат бизнис климата. Воедно, оваа година одевме и во делот на контролите, односно Државниот пазарен инспекторат направи повеќе контроли, имавме и позитивно мислење и од Европска унија каде што инспекторатот за 15% ги зголеми контролите. Имаше напишано околу 2,5 милиони евра казни за сите тие трговци што не ги почитуваа законите.

Во однос на трговските практики, година ипол откако стапи на сила новиот закон за нефер трговски практички, дали ги добивме ефектите што ги очекувавме како држава?

Значи носител на законот е Министерството за економија и труд, а надлежна е Комисија за заштита на конкуренција во делот на неговото спроведување. Законот од негово донесување во март 2024 година, имаше период од шест месеци за усогласување. Мора да се потенцира дека со овој закон не се влијае директно на малопродажните цени, туку јасно го ограничува рабатот до 10% меѓу трговците односно купувачите што може да го побараат и добијат од страна на производителите и добавувачите. Пред да се донесува овој закон, рабатот не беше 10% туку можеа да играа со рабатот и на некој начин беше нелојална конкуренција и се воведовме во ситуација каде што имавме и зголемување на малопродажните цени на пазарот. Комисијата континуирано го следи функционирањето на пазарите, ги анализира на пазарните движења, има прибирање на информации. Знаете дека има фатено четири трговци коишто се договорија меѓу себе како картел да ги зголемат цените. Таму веќе има пишано казни, они можеа да се жалат во Управен суд. Исто така и стопанството…

Сметате дека тие казни од 50.000 евра беа до доволни?

За компаниите, според мене, не се доволни. Треба да направиме измени во наредниот период во законот за да се зголемат казните за на некој начин во наредниот период да не влегува никој вака да се договара и да добива на грбот на граѓаните.

Видете и ова: Казните од по 50 илјади евра за картелско здружување на маркети се фарса

Се навршува речиси една година од трагедијата во дискотеката во Кочани. Што вие конкретно во вашиот ресор сменивте во однос на лиценците на угостителските објекти?

Знаете дека ние направивме многу повеќе контроли после трагедијата. Тие контроли и понатаму ги правиме. Предложивме измени на законот во делот каде странката сама, своерачно со една изјава известува дека ги исполнува минималните технички услови каде што ниту таа изјава не требаше ниту да се заверува на нотар – само се поднесуваше една изјава до Пазарен инспекторат и тука завршуваше цела постапка. Веќе имавме состанок со сите угостители, со сите сопственици, со стопанство каде што има луѓе што ја вршат оваа дејност односно – ноќен клуб, кабаре итн. И ги известивме за сите овие промени што ќе ги направиме во законот. Значи, прво ќе треба да биде поднесено барање до Државен пазарен инспекторат. После известувањето, ќе треба инспекторите да излезат на терен, да проверат, со записник да направат слики дали стварно странката ги исполнува минималните технички услови.

После измените на законот што ќе ги направиме, ќе достигнеме до целта да ги заштитиме сите граѓани. Без овој услов нема да може ниту една од странките да ја врши оваа дејност. Дополнително во законот ќе вметне и барање од општината односно странката ќе треба да аплицира до општината и да не извести нас како Министерство дали објектот е легализиран, дали постои, дали има дозвола за градење итн. На пример, ако нема дозвола за градење или ако е дивоградба нема да може да ја врши таа дејност. Со овие две клучни измени ќе бидат заштитени граѓаните.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Кочани: Едни рани се лекуваат, други се отвораат

Периодов повторно се зборува за реконструкција на Владата во наредните месеци. Очекувате ли вие да бидете дел од реконструкцијата или дали во коалицијата ВЛЕН имате некоја конструкција за тоа кој би можел да биде променет?

Ние сме фокусирани на работата, посветено работиме, секојдневно и макотрпно да ги завршиме тие работи коишто сме ги кажале пред јавноста и пред граѓаните во кампањата за парламентарните избори во 2024 година. Такво нешто немам слушнато ако има во наредниот период тука сме не бегаме, ќе ја известиме јавноста. Сега за сега, посветено работиме на задачите што ги имаме во ресорот.