Достапни линкови

Инфлацијата не попушта - Владата се закани со „клуч на врата“ за некои маркети


North Macedonia - Customer in market
North Macedonia - Customer in market

Резиме

  • Инфлацијата официјално порасна за 4,1% на годишно ниво, а премиерот Мицкоски најавува построги санкции и можни затворања на маркети кои ќе продолжат со нефер трговски практики.
  • ССМ предупредува дека работниците ја плаќаат цената, со најниски плати, поскапа струја и раст на цените, додека контролите не даваат резултати.
  • Економистот Арбен Халили порачува решението е системско – зајакнување на Комисијата за заштита на конкуренцијата, постојан мониторинг на цените и поттикнување на домашното производство.

Инфлацијата во Северна Македонија и натаму останува висока речиси двојно над просекот во Европа и покрај уверувањата на Владата и институциите дека спроведуваат мерки и изрекуваат казни за компаниите кои ги прекршуваат законите.

Наместо смирување, цените и натаму растат, како што покажуваат и новите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) објавени на 8 јануари кои велат дека само во текот на на 2025 година во просек е поскапено за 4,1 процент, а цените на мало пораснале за 3,7 отсто.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека одредени маркети го кршат Законот за нефер трговски практики и посочи дека може да се соочат и со затворање.

„Ние веќе неколку месеци испраќаме контроли. Има ланец маркети кои се соочија со казни. Но, ако продолжат вака да го изигруваат Законот за нефер трговски пракси, тогаш ќе мора да стават клуч на врата“, рече Мицкоски.

Празнично поскапување

Податоците на ДЗС покажуваат дека најмногу пораснале цените во рестораните и хотелите - 7,2 проценти, рекреацијата и културата - 6,4 проценти, алкохолните пијалаци и тутунот - 5,9 проценти, а поскапувања кај храната и безалкохолните пијалаци - 5,2 проценти.

Во Севрна Македонија само од ноември до декември 2025 година трошоците за живот се зголемиле за 0,4 проценти.

Граѓаните со кои разговаравме велат дека имало поскапувања и за време на новогодишните празници, кога традиционално се зголемува потрошувачката.

Според нив, поскапеле речиси сите основни прехранбени производи: месото, овошјето, сувомеснатите и млечните производи, како и чоколадите и слатките, ни раскажа Весна од Скопје.

Таа вели дека цените не само што останале високи, туку дополнително биле зголемени во однос на претходните поскапувања.

„Ова не беа исти цени како претходно, имаше нови уште повисоки износи на рафтовите“, вели таа.

Континуираниот раст на цените, според економскиот аналитичар Арбен Халили, веќе не може веќе да се оправува како привремена празнична појава, туку како што посочува, тоа е резултат на отсуство на долгорочни и развојни економски мерки.

„Несомнено е дека Владата веќе подолг период не успева преку фискалните мерки да влијае врз нивото на инфлацијата. Доколку покачувањето на цените беше изразено само во текот на декември или во првата половина на јануари, тоа ќе можеше да се оправда како резултат на пазарните реакции, особено во предпразничниот период“, вели Халили.

Трендафилов: Владата се обидува да ја елиминира вредноста на синдикалната кошничка
please wait

No media source currently available

0:00 0:18:08 0:00

ССМ: Највисокa инфлација, најниски плати

Сојузот на синдикатите на Македонија вели дека македонските работници 2026 година ја започнуваат со една од највисоките инфлации во Европа, од друга страна со најниски плати и со зголемени трошоци за електрична енергија.

Контролите или не се спроведуваат доследно, или не даваат резултати, вели Слободан Трендафилов - претседател на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).

Според него, државата и сега располага со јасни законски механизми и инспекциски служби и треба веднаш да ги стави во целосна функција, додавајќи дека „не смее повторно да се дозволи газдите да ја изиграат Владата, а цената за тоа да ја плаќаат граѓаните и работниците.“

„Во никој случај непринципиелниот однос на газдите на маркетите, нивното ,,картелско здружување" за вештачкото зголемување на цените не смее да падне на грбот на работниците, затоа што ставањето клуч на врата нема ништо да ги чини газдите, а работниците ќе ги чини се“, вели Трендафилов.

Картелското здружување

Неколку ланци маркети веќе беа казнети за прекршување на Законот за нефер трговски практики, во истрага која траеше речиси една година.

Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) во неоември 2025 санкционираше четири големи трговски ланци и Сојузот на стопански комори, а истрагата ја започна во февруари.

Комисијата секој од маркетите ги казна со 50 илјади евра, а Сојузот на стопански комори со 18,6 илјади евра, поради, како што наведое, забрането договарање и усогласено дејствување поврзано со ценовната политика.

Од Комисијата за Радио Слободна Европа велат дека откако било утврдено дека четирите големи маркети – Веро, Тинекс, КАМ и Рептил – заедно со Сојузот на стопански комори, координирале став за неприфаќање нови и зголемени ценовници од добавувачи, ја замениле независната конкуренција со усогласено однесување.

„Таквата координација претставува класичен „by object“ картел, кој според Законот за заштита на конкуренцијата е најтежок облик на повреда“, велат од Комисијата за заштита на конкуренцијата.

Од Комисијата објаснуваат дека висината на казните е одредена согласно законските одредби, при што биле земени предвид тежината на прекршокот, бројот на учесници, начинот на нивната соработка и доказите обезбедени во текот на постапката.

Во однос на времетраењето на истрагата, од КЗК велат дека постапката траела речиси една година поради обемноста и сложеноста на случајот.

Во тој период биле прибирани докази од повеќе извори, анализирана електронска комуникација, собирани материјални докази и сослушувани засегнатите страни.

„Целта беше да се обезбеди целосно, објективно и правно сигурно утврдување на фактите пред донесување на одлуката“, велат од КЗК.

Мицкоски - следуваат построги казни

Премиерот Мицкоски деновиве најави дека ќе предложат нови законски измени во првиот квартал од 2026 година со кои ќе ги зголемат казните за трговските ланци што вршат нефер трговија.

„Кога ќе бидеме целосно подготвени, а тоа ќе биде наскоро, ќе започнеме да преземаме жестоки мерки“, рече Мицкоски.

Од ССМ велат дека околу 20 проценти од граѓаните живеат во сиромаштија со месечни приходи под 31.200 денари, и според нив тоа јасно покажува дека мерките за зголемување на платите, ограничување на цените и на трговските маржи требало да се преземат многу порано.

Во однос на најавите за построги казни и можни затворања на маркети, економскиот аналитичар Халили смета дека ваквите пораки имаат ограничен ефект доколку не се поддржани со системски решенија.

Тој нагласува дека проблемот со високите цени не може да се реши само со казни и политички изјави, туку со зајакнување на Комисијата за заштита на конкуренцијата, постојан мониторинг на цените и долгорочна политика што ќе обезбеди реална конкуренција и вистинска заштита на потрошувачите.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG