Јавните набавки да бидат појасни и подостапни за граѓаните

Тетовската градоначалничка Теута Арифи вели дека се следат законските процедури за јавните набавки, а се прават напори да се зголеми отчетноста. покажал мониторингот на Институтот за стратешки истражувања и едукација од Скопје на тоа како општините ги прават јавните набавки.

Две години Институтот за стратешки истражувања и едукација од Скопје испитува како општините ги прават јавните набавки и дали ја објавуваат таа содржина, а истражувањата покажуваат дека тоа не се прави доследно од страна на локалните самоуправи. Според согледувањата на Институтот, полошките општини немаат доволно документи и информации за јавен увид, изјави Дарко Спасевски од Институтот .

„Ги мериме сите параметри и истите индикатори, за да видиме каква е состојбата во 2017 и 2018 година. Нашите заклучоци кога ги споредуваме податоците од двете години кога се спроведе мониторингот се дека општините остануваат на исто ниво и добиваат една просечна оценка, а нивните поени кои што ги добија во истражувањето се помеѓу 50 и 60 проценти од 100 можни проценти“, изјави Дарко Спасевски од Институтот.

Мониторингот покажал и дека општините од Полошкиот плански регион имаат слаба отчетност и транспарентност.

„Во делот на отчетноста го анализиравме навременото објавување на информациите поврзани со целата процедура за јавни набавки на интернет страниците на општините. Она што може да заклучиме е дека тие се задржуваат на минимум законски обврски што ги имаат за објавување, додека сите оние што дополнителни информации да ја зголемат транспарентноста и отчетноста тие тоа не го прават и тие информации ги нема на интернет страниците и се застарени“, рече Спасевски.

Видете и ова: ЦГК - Министерството за здравство потрошило 39 милиони евра - најмногу пари за јавни набавки

Препораките на невладиниот сектор се да има повеќе активности во насока на информирање на граѓаните.

„Треба да ги објавуваат договорите за јавни набавки, во основа се задржуваат на плановите за јавни набавки, она што е законски услов, меѓутоа не ги објавуваат навремено огласите за јавни набавки, на нивните интернет страници. Тоа не мора да го прават треба да го прават на интернет страницата на бирото за јавни набавки, но добро е кога граѓаните и фирмите се корисници на интернет страниците на општините добро е кога сите овие податоци би ги имало и на страниците на општините подостапни и потранспарентни зошто секој не проверува секој ден на страницата на бирото за јавни набавки меѓутоа подостапни за граѓаните им е страницата на општината и затоа ние ги даваме овие препораки во делот на транспарентноста на општините“, истакна Спасевски.

Тетовската градоначалничка Теута Арифи вели дека се следат законските процедури за јавните набавки, а се прават напори да се зголеми отчетноста.

„Ние стриктно ги следиме законските процедури. Нормално секој предлог за зголемување на транспарентноста со позитивност ќе го гледаме и разгледаме но во однос на одржување на законските линии се придружуваме строго согласно закон“, изјави Теута Арифи.

Општините Тетово и Гостивар достигнуваат и милионски суми во евра за јавни набавки. Истражувањето е направено со прашалник кој содржи 35 индикатори за ист број области, мониторинг на веб страници и податоци од државните институции.