Достапни линкови

Како да се почне зимата без загаден воздух во Тетово?


Архивска фотографија: Загаден воздух во Тетово
Архивска фотографија: Загаден воздух во Тетово

Еколошките невладини организации критикуваат дека Општина Тетово тешко се справува со проблемот со загадувањето. Властите, пак, велат дека работат на проблемот.

Дали повторно ќе се соочат со загадениот воздух и високи концентрации на отровните ПМ честички е прашање што ги мачи жителите на Тетово, со оглед дека така е речиси секоја зима со години наназад. Аријанит Џафери од еколошкото здружение Еко Герила смета дека во минатото се покажало дека општината тешко се справува со проблемот.

„Дека има нула денари за таа цел. Ние сме разочарани целосно од општинската власт во оваа насока. Мислиме дека немаат воопшто интерес да се справат со оваа работа“, рече Џафери.

Од општинската организација на партијата ДОМ сметаат дека е време за радикални мерки и на пример да не се дозволува возила надвор од Тетово да влегуваат во градот. Бараат возилата да се паркираат пред Тетово и за сите луѓе да има јавен превоз.

„Ќе биде ефикасен начин да слеземе под горната граница на концентрациите. Затоа што вториот чинител, а тоа е греењето на домаќинствата е потежок за решавање“, изјави Валентин Тасевски.

Заменик министерот Јани Макрадули вели дека од државниот буџет има повеќе проекти со кои се помага во намерата да се намали загадувањето во општините, па и во Тетово.

„Покрај што издвојуваме средства во планот за чист воздух за градинки и основни училишта, даваме, еве како пилот проект е избран Полошкиот Регион. Сакам да кажам дека планот за 2020 година веќе, зелениот кров и сончеви колектори на гимназија Моша Пијаде се влезени како дел од буџетот за следната година. Помагаме во собирање на отпад и носењето до Дрисла со субвенција од страна на државата, бидејќи граѓаните не треба да бидат жртви на локалната политика“, рече Макрадули.

Од Општина Тетово потенцираат дека постојано се работи со повеќе мерки и активности да се влијае во намалувањето на аерозагадувањето.

„Беше усвоен и акциониот план за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух со кој се предвидени поголем број на мерки како што е намалување на сообраќајниот метеж, тука би ја споменале и кампањата „Ден без автомобили“, кампањата „Во нас е проблемот, во нас е решението“. Општина Тетово создаде и веб портал каде граѓаните редовно ги информираме што сè се прави за заштита на животната средина“, изјави Снежана Новаковска од канцеларијата за комуникации и односи со јавноста.

Од април годинава жителите на Тетово не можат да проверат дали има присуство на отровните честички ПМ 10 и ПМ 2,5 на интернет страница на Министерството каде се објавуваат податоци од мерните станица за квалитетот на воздухот. Заменик министерот Макрадули при посетата на Тетово соопшти дека се набавени делови за мерни станици за повеќе градови, па очекува дека и од тетовската мерна станица ќе може да се добиваат резултати.

XS
SM
MD
LG