Достапни линкови

(Не)ефикасни мерки против аерозагадувањето


Електричен тротинет. Извор МИА.
Електричен тротинет. Извор МИА.

Клима инвертори, замена на системи за загревање, филтри за мали бизниси се дел од мерките со кои се најавува „сериозно намалување“ на загадувањето. Активисти велат дека се потрeбни радикални чекори за справување со проблемот, пред се околу палењето на ѓубриштата.

Субвенциите за електрични тротинети и за велосипеди, исто така, се дел од мерките на властите во борбата против аерозагадувањето. Зголемениот број граѓани кои ги користат како превозно средство е забележлив, но екологистите се сомневаат во тоа колкав ќе биде ефектот од вакви мерки во услови кога државните и општинските инспекторати тешко се справуваат на пример само со палењето отпад на отворено.

Скопски кеј - спорт со чад од запален отпад
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:34 0:00

Има десетици телефонски броеви на државни и општински инспекторати за пријавување загадувачи, но оние кои се рекреираат на скопската патека на кејот на реката Вардар скоро секојдневно дишат чад од запален отпад кој се чувствува од хотелот Александар Палас до плоштадот Македонија.

Оваа локација е само една од бројните во Скопје и другите градови каде се палат кабли или друг вид отпад. Стотици вакви видеа и фотографии граѓаните споделуваат во групите против аерозагадувањето на социјалните мрежи.

Чадот од запалениот отпад на отворено е само еден дел од проблемот за чие решавање неопходно е соочување и со посложените прашања, како што се емисиите од големата индустрија, домаќинствата, сообраќајот или урбанизацијата, кои претстојнава зимска сезона значително ќе го зголмеат нивото на аерозагадување.

Општина Карпош планира поефикасно спроведување на акции за превенција на палење отпад и шут на нејзината територија со помош на електрични тротинети кои на терен ќе ги користат нивните инспекциски и урбани служби.

Од општината велат дека шесте електрични тротинети како превозни средства кои не загадувааат, се мал сегмент во рамки на другите акции кои ги преземаат против загадувањето, како подигнување на нови зелени површини, хортикултурно уредување на маалски паркчиња и засадување нови дрвја.

„На овој начин, вклучително и со новите тротинети, општина Карпош согласно своите ингеренции придонесува за зачувување на животната околина и борбата против аерозагадувањето“, велат за РСЕ од Одделението за односи со јавност на општината.

Активистот Аријанит Џафери од граѓанската организација „Еко-герила“ од Тетово потенцира дека инспекциските служби на општините се многу важни за превенција на палењето отпад на отворено.

„Секој ден во Тетово и во Скопје гледаме дека некаде чадат запалени ѓубришта. Мислам дека инспекцијата треба да биде поодлучна и поодржлива.“

Тој позитивно ги оценува мерките за електричните тротинети, но смета дека за нивно користење неопходно е подобрување и на инфраструктурата во градовите.

Владата, пак, на еден месец пред почнувањето на грејната сезона најави пренамена на средства од Програмата за намалување на аерозагадување за 2019 со која државата планира за 50 отсто да го намали аерозагадувањето во рок од две години.

Заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули на прес-конференција соопшти дека пренамената е во насока на реализација на неколку мерки:

Замена на системот за затоплување во болницата во Струмица од нафта на гас, замена на опрема на нееколошки системи за греење во градинки, основни и средни училишта и здравствени објекти во 19 општини, проекти за енергетска ефикасност во 16 општини.

Макрадули рече дека во 8 општини вклучително Град Скопје се предвидени средства за ново урбано зеленило, прочистувачи на воздух во 34 училишта, средства за 30-ина филтри за малите компании во Полошкиот регион, но и уште една „голема компонента“ за домаќинствата да ги заменат печките на огревно дрво со инвертор клими, особено општините во Скопје, Тетово, Битола и Кичево каде ќе се доделуваат средства за целосна замена.

„Граѓаните во зоните каде загадувањето е енормно, ќе користат согласно закон можност стопроцентно да добијат поддршка од Владата, од буџетот, за замена на печките на огревно дрво со високо ефикасни инвертор клими.“

Макрадули рече дека ова се само дел од активностите кои заедно со Град Скопје и другите општини ќе учествуваат „во сериозно намалување на степенот на загаденост на воздухот“.

Сепак во овие планови не се спомнува загадувањето на големата индустрија која во повеќе студии и истражувања се јавува како најголем загадувач.

„Спречување на загадувањето од големата индустрија бара големи пари. Нашата држава не дава толку средства за животна средина и затоа сакаат со два милиона евра да направат помали чекори кои ни од далеку нема да бидат доволни за постигнување на целта на Владата за 50 проценти да го намали загадувањето во рок од две години“, вели Џафери, додавајќи дека големите проблеми треба да се решат со радикални чекори.

Од граѓанската организација „Колиција О2“ велат дека на три месеци до крајот на 2019 година, не се исполнети редица активности од Програмата за чист воздух.

„Нереализираните донации од донаторската конференција, немањето забрана за користење на јаглен, немањето закон за индустриски емисии, немањето потребни контроли на загадувачите, неисправните мерни инструменти, немањето јавен превоз кој нема да загадува, дивите населби и горењето кабли секојдневно, палењето отпад насекаде, на ниви, диви и градски депонии, итн.“

Од организацијата истакнуваат дека, покрај „долгата низа на ЌЕ активности од Програмата за 2019“, како што велат, „поразителна е изјавата на Макрадули“ дека ова е прва зима каде што борбата со аерозагадувањето започнала летово.

„Борбата против аерозагадувањето требаше да започне со првиот ден од формирањето на оваа Влада и да не престане. Ваква изјава, при крај на мандатот, само ја дава вистинската слика за тоа како оваа Влада (не) се справува со аерозагадувањето“, велат од „Коалиција О2.“

Макрадули во интервју за Радио Слободна Европа од април оваа година изјави дека „континуирано“ работат на мерки и активности за намалување на аерозагадувањето, во сегментите кои се дел од Планот за чист воздух, и оти граѓаните допрва ќе ги видат ефектите кога ќе почнат мерењата од октомври, кога ќе почне грејната сезона.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG