Достапни линкови

Нема крај на проблемите со складирање на отпадот во Тетово


Тетово летниов период се соочува со огромни количини смет, што се собира поради зголемување на бројот на жители со доаѓањето на печалбарите. Наместо во станицата во Требош, сметот сега се собира во село Фалише, но се уште има неколку локации во градот кои наликуваат на диви депонии.

Сметот собран низ Тетово наместо во претоварна станица во Требош, сега се складира на нова локација во атарот на селото Фалише. Разлика меѓу двете места е што во Фалише ја нема машинеријата со која се компресираше сметот со цел што повеќе тони да бидат однесени одеднаш во регионалната депонија Дрисла. Поради ваквата ситуација се поставува прашањето дали Тетово наместо да го решава проблемот со собраниот отпад повторно го враќа на рангот на создавање на дива депонија само на друго место. Според тетовската градоначалничка Теута Арифи проценките се дека нема да ги имаат старите проблеми.

„Кога сме работеле за добивање дозволи за работа, имаме дозволи за двете локации. На времето кога сме ги подготвувале, сме подготвиле документација за двете позиции. Така што мислам дека нашето јавно комунално претпријатие проценило дека можеби во моментот им врши тука повеќе работа. Остануваат договорите со депонија Дрисла за носење на сметот таму додека претоварните што помалку да имаат работа“, изјави Арифи.

Сепак сметот ќе се остава на земја на просторот во Фалише.

„Планираме од 11 месец луѓе од Хрватска да ја монтираат истата компресија која што беше во Требош и да почнеме со тие контејнери големи од 35 тони“, изјави директорот на комуналното претпријатие Џелал Цека.

Тетово летниов период се соочува со огромни количини смет, што се собира поради зголемување на бројот на жители со доаѓањето на печалбарите. Црните точки како православните гробишта и други места наликуваа на диви депонии од каде се шири непријатна миризба, што ги плаши жителите за нивното здравје.

„Ова ѓубре е настанато после 2002 година. КСП (ЈКП) реши да стави контејнер голем. Иако немало никаква потреба. Со мотивација дека тука треба да се фрла ѓубрето од гробишта. Тие ставиле канти пред секоја врата на гробишта. Меѓутоа некој ги украл и сега донесуваат контејнер, а ѓубрево гледате самите дека нема врска со гробишта. Во тревата има фрлено коски од овие што колат нелегално, касапи“, вели жител на Тетово, кој живее во близина на гробиштата.

Во невладината организација Еко Герила сметаат Владата треба да ги одземе ингеренциите на Општина Тетово поради неисполнетите законски обврски и нерешени проблеми пред сè во областа на животната средина.

„Градот Тетово е претворен во урбана пропаст. Недостаток на јавна чистота, депонии за отпад во повеќето делови од градот, недостаток за вода за пиење во многу населби, недостаток за јавен превоз, недостаток на паркинг. Релевантните институции и инспекторати, заедно со сообраќајната полиција доживеаја тотален неуспех да воспостават ред и закон, да го спречат загадувањето на водата, воздухот и почвата“, рече Арианит Џафери од Еко Герила.

Децениски, сметот во Тетово се складира на повеќе места - на друга локација во Фалише, па кај железничката станица, како и на самиот влез на градот.

XS
SM
MD
LG