Осомничените за 27-ми април во суд, ВМРО-ДПМНЕ протестира пред суд

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

ВМРО-ДПМНЕ на протест по апсењето на нивни пратеници

Основното јавно обвинителство ја заврши предистражната постапка поврзана со настаните од 27 април. Група од 36 луѓе се осомничени за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“. Повеќето од нив се во Кривичниот суд. Пред Судот пак се одржуваат протести организирани од ВМРО-ДПМНЕ.

Стотина лица се собраа пред Основниот суд Скопје 1, каде во моментот се врши распит на приведените за настаните на 27 април во Собранието на Република Македонија. Меѓу приведените се поранешниот шеф на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, пратениците што ги отворија собраниските врати Сашо Василевски и Крсто Мукоски, како и пратениците Жаклина Пешевска, Љубен Арнаудов, актерот Владо Јовановски, членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Богдан Илиевски. На луѓето кои протестираа им се приклучи и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски со уште неколкумина пратеници и членови на партијата. Претходно од партиското седиште, тој побара безусловно запирање на сите процеси на политички прогон.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Груевски: Бараме итно стопирање на политичкиот прогон

„Ова е посипување на зла крв во целото општество. Во 21 век имаме процес против луѓе кои си ја сакаат својата земја, само затоа што гласно кажаа не на оваа хунта на власт. Нема да се заборави плачот на децата на Дурловски, на Жаклина, на Сашо, на децата на Крсто, на децата на сите оние кои утрово брутално ги апсеа пред нивните деца додека тие плачеа. Се прашувате зошто Дурловски од Миланската скала денес е со лисици на рацете, зошто Дамовски, еден креативен човек и режисер, го изнесуваат со комбе полицајци, зошто доктор Сашо е прогонуван исто како и доктор Љубен и Жаклина и Крсто и многу други кои поминуваат низ голгота - затоа што си ја сакаат земјата“, рече Груевски на прес-конференцијата.

Инаку, Основното јавно обвинителство денеска соопшти дека ја завршило предистражната постапка поврзана со настаните од 27 април. Група од 36 лица се сомничат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.

„По разгледување и анализа на прибраниот доказен материјал, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против триесет и шест лица поради основано сомнение за сторено кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од член 313 од Кривичниот законик“, се вели во соопштението од ОЈО.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Насилства во Собранието

Вечерта на крвавиот четврток, Чавков раководеше со оперативниот штаб на МВР. Од пониските структури на минситерството, тој беше посочен дека два часа не давал наредба за дејствување на полицијата, со што го довел во опасност животот на пратениците и новинарите. Прстот на вина и одговорност во него го впери и тогашниот министер Агим Нухиу, кој рече дека Чавков не му се јавувал на телефон во критичните моменти.

До насилствата на 27 ми април дојде откако парламентарното мнозинство го избра Талат Џафери за претседател. Со качулки на главите, дел од демонстрантите влегоа насилно во прес-салата на Собранието каде што претходно лидерот на СДСМ Зоран Заев одржа прес-конференција. Во салата во која беа политичарите и новинарите упаднаа маскираните лица кои ги тепаа политичарите, а повредија и неколку новинари.