Достапни линкови

Кубачот на Шеќеринска призна вина, вели „ѝ помагал со повеќе сила“


Панче Ангелов, обвинет за насилство во инцидентите на 27 април во Собрание

Обвинетиот Панче Ангелов ја призна вината за нападот врз тогашната пратеничка Радмила Шеќеринска, а сегашна министерка за одбрана, за време на крвавите настани во Собранието на 27 април. Но и натаму тврди дека не сакал да ја повреди, туку со влечењето за коса сакал да ја тргне настрана.

Влечењето за коса на пратеничката Радмила Шеќеринска за време на инцидентите во Собранието на 27 април за обвинетиот Панче Ангелов било обид да ја тргне натрана, само што употребил повеќе сила отколку што требало. Таков беше неговиот денешен исказ во судот како дел од завршните зборови, откако пред судијката ја призна вината за, како што го нарече и самиот, „грозоморното дело“. Тој во обидот да ѝ се извини на Шеќеринска по барање на судот истакна дека за време на настаните во Собранието, како што вели, можеби малку преемотивно настапил, но не му била целта да ја повреди, туку сакал да ја тргне.

„Но, во тоа тргање употребив повеќе сила, јас повеќе не ни пробав да ја тепам или да ја малтретирам“, изјави денеска во судницата Ангелов, барајќи од судијката поблага казна, затоа што бил стар и сам и доколку одел во затвор нема кој да му помогне.

„Па викаат таму луѓе, женско е женско е, една е, пуштете ја и јас само ја земав и ја тргнав и толку беше моето насилство, ако тоа е насилство. Таа стоеше пред мене како вие што стоите пред мене, ништо не ја онадив“, изјави кусо пред новинарите Ангелов пред неговиот адвокат да го повлече за рака на страна.

Неговиот адвокат Драган Пешевски побара најниска казна и потенцира дека обвинетиот дури пред неколку дена сфатил какви последици ќе му донесе стореното кривично дело. Тој очекува најмала казна иако е свесен дека тоа ќе биде казна затвор, но со оглед на сите околности се надева на условна казна.

„Мене ми е јасно дека казната веројатно ќе биде затворска, но во овој случај постојат посебно олеснителни околности кои може да доведат и до изрекување на условна казна“, вели Пешевски.

Одговорност за сите мора да има, особено за тие кои го организираа и допринесоа да дојдеме во ситуација да се бориме за живот, изјави Шеќеринска.

„Денешните настани во судницата покажаа еден кукавичлук кој секој ден станува поевидентен. Луѓето кои ги организирале обвинетите, луѓето кои им ги отворија вратите на обвинетите, луѓето кои го мотивираа насилството ги нема никаде. Денеска се кријат и ги оставија и извршителите на свој товар да ја носат и нивната вина. На крај страшен беше коментарот дека се труделе да ни помогнат, јас не му посакувам никому некој да се труди да му помогне на овој начин“, изјави Шеќеринска.

Таа не одговори колкава штета ќе бара потоа во граѓанска парница.

Обвинетиот Панче Ангелов е обвинет за кривично дело насилство, за кое што е предвидена казна затвор во траење од 3 до 10 години.

Обвинителка Наташа Гоџовска смета дека тоа што обвинетиот го признал делото е потврда за доказите коишто биле приложени на судот и додаде дека признанието може е олеснителна околност најмногу до 70 отсто од казната.

„Го почитуваме признанието, но судот сепак треба да ги цени околности за стореното кривично дело и за подмолниот начин на кој што е искористена немоќта на оштетената“, кажа обвинителката.

Судијата рече дека пресудата ќе биде изречена в четврток на 12 октомври.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG