Достапни линкови

Нухиу – Структури во МВР направија штета, но ќе одговараат


Архивска фотографија: Министерот за внатрешни работи Агим Нухиу
Архивска фотографија: Министерот за внатрешни работи Агим Нухиу

Министерот за внатрешни работи Агим Нухиу соопшти дека до владата поднел предлог за разрешување на Митко Чавков од функцијата директор на Бирото за јавна безбедност.

Дел од структурите на МВР во четвртокот предизвикаа голема штета на државата и на демократските вредности, но враќање назад нема, работите мора да се расчистат до крај и секој ќе одговара за своите постапки. Ова на денешната прес-конференција во МВР го кажа министерот за внатрешни работи Агим Нухиу.

Тој соопшти дека до владата поднел предлог за разрешување на Митко Чавков од функцијата директор на Бирото за јавна безбедност. Тој рече дека со писмена наредба го назначил Горанчо Савовски, државен советник во БЈБ, за координатор на оперативниот штаб во МВР. На чело на штабот досега беше Чавков.

Савовски беше поставен за директор на БЈБ, по оставката на министерката Гордана Јанкулоска во мај 2015 кога, кога Чавков беше поставен за министер.

„За да ја поправиме оваа штета ќе биде потребно време и ангажман, не само од МВР, но и од другите институции, како Јавното обвинителство и судството“, рече Нухиу.

Министерот рече дека формирал работна група составена од професионалци во МВР, која треба да утврди дали оперативниот штаб и организационите единици во МВР постапувале согласно утврдените процедури пропишани во МВР, за направени пропусти, пречекорувања на овластувањата или за неизвршување на работни задачи и обврски, кога во четвртокот демонстрантите упаднаа во Собранието и тепаа пратеници од новото парламентарно мнозинство.

„Заклучоците на работната група ќе бидат дел од известувањето до Јавното обвинителство за натамошно постапување за работата на оперативниот штаб“, рече Нухиу.

Тој ги повика сите вработени во МВР да се вклучат активно и да доставуваат службени материјали за настаните во Собранието во четвртокот.

„На МВР му се потребни професионалци кои во иднина ќе бидат столб на оваа институција“, рече Нухиу.

МВР соопшти дека за насилствата во Собранието досега привеле 12 луѓе, а по осуммина се уште се трага. На шестмина од приведените им е одреден притвор од осум дена, за едно лице мерка домашен притвор, а за две лица мерка - претпазливост.

Министерството за внатрешни работи претходно соопшти дека досега поднеле кривични пријави за 20 идентификувани лица учесници во нередите во парламентот, а по основ за сомненија за „учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење службено дејствие“ и „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“.

Покрај ова до ОЈО Скопје поднесени се извештаи за досега собраните сознанија околу организаторите на протестот, како и за лица кои им ја отвориле вратата од Собранието на демонстрантите.

Полицијата продолжува со натамошна идентификација на учесници во насилствата, како и околу вчера откриената импровизирана експлозивна направа на првиот кат во зградата на Собранието. Се работи за плинска боца од 300 милилитри на која со селотејп лента била залепени петарди поставени една до друга.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG