Достапни линкови

Датумот за ЕУ ќе донесе предвремени избори?


Зоран Заев и Христијан Мицкоски на трибини со новите партиски слогани
Зоран Заев и Христијан Мицкоски на трибини со новите партиски слогани

СДСМ тргна на „Прав пат„, а ВМРО-ДПМНЕ нуди „Обнова на Македонија“- двете најголеми политички партии наликува како да се во предизборна кампања. Според аналитичарите додека партии имаат свои пресметки, предвремените избори не се добри за државата која треба да се посвети на реформите.

Слогани, ребрендирање, секојдневни трибини, обраќања за реализираното или ветувања за подобра иднина- на околу една седмица пред одлуката на Европската унија за датум за преговори за зачленување на земјава, домашната политика се повеќе наликува на предизборна сцена.

„Земајќи ја предвид реториката на политичките партии и пораките што се праќаат од трибините доста е сигурно и дека во овој мандат нема да дочекаме редовни парламентарни избори“, вели Марко Трошановски од Институот за демократија.

Според него калкулација на владата е дека датум за отпочнување на преговорите земјата ќе добие и дека со него ќе може да капитализираат гласови. Датумот, вели Трошановски, би имал позитивен ефект, но на власта ќе и треба време и да ги убеди граѓаните дека ќе продолжи со реформскиот курс и ќе им го подобри суштински квалитетот на животот.

„Недобивањето на датумот пак сериозно би им одело во прилог на ВМРО-ДПМНЕ меѓутоа како што стојат работите извесно е дека ќе бидеме поддржани во европскиот пат. Земајќи ја предвид многу тесната разлика односно изадначеноста меѓу двете главни политички партии преку овие трибини се бара начин да мобилизираат што е можно повеќе гласачи“, вели Трошановски.

Според политичкиот аналитичар Џељаљ Незири, пак, предвремените избори некаде напролет се веќе извесни. Тие додава тој, веројатно се и некаков интерен договор меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во пакет со опозициската поддршка за реформските закони.

Но, додека и двете најголеми партии во македонскиот блок изгледа како да се во предкампања, во албанскиот партиски кампус нема вонредни активности.

„Албанскиот политички блок се соочува со криза која поради немање на кауза и теми од кои би граделе политики. Исто така проблем е и отсуството на внатрепартиски реформи со внесување на свежа крв во структурите кои потоа би имале и мотив да прават повидливи партиски активности“, вели Незири.

И Трошановски и Незири сметаат дека од друга страна на државата воопшто не и се потребни предвремени избори, туку и е потребно посветување на реформите и на преговарачкиот процес за Европската унија при евентуалното добивање датум.

Минатата недела претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го објави тимот негови советници, а е во постојани контакти и средби под мотото Обнова на Македонија. Истата недела и СДСМ го објави слоганот На прав пат, ја смени партиската позадина во црвена боја и тргна на граѓански трибини.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG