Достапни линкови

Шаленберг: Едноставно е, Скопје испорача, сега е на ред Брисел!


Министерот Никола Димитров и Александер Шаленберг, австриски министер за Европа и надворешни работи

Австрија има јасен став дека Северна Македонија заслужува датум за почнување преговори со ЕУ. Ваква порака на поддршка денеска испрати австрискиот сојузен министер за Европа Шаленберг кој престојува во официјална посета на земјава, на неколку дена пред очекуваната одлука на Европскиот Совет

Членството во ЕУ е како „Тур д Франс“, патот е долг и напорен, има многу етапи, но нема сомневање кој треба да стои на стартната линија од тој процес. Вака сликовито австрискиот сојузен министер за Европа, интеграција и надворешни работи Александер Шаленберг, ја опиша позицијата на нашата земја во евроатлантскиот процес. Шаленберг изјави дека неговата посета во земјава е јасен и чист сигнал на поддршка од Австрија кон Северна Македонија на неколку дена пред да биде донесена конечната одлука од Советот на министри на ЕУ во Брисел во однос на датумот за почнување преговори.

„Ние веруваме дека заслужувате датум за преговори. Скопје испорача, сега Брисел треба да испорача. Толку е едноставно. Тоа е нашата позиција, и таква ќе биде на состанокот следната недела. Знам дека ќе има тешки дискусии, не секој го има истотото милење, но јас сум оптимист дека ќе добиете позитивен одговор и дека според нас треба да добиете зелено светло од Брисел. Можам да ве уверам дека австриските власти ќе се обидат да ги убедат другите земји членки со цел дебатата следната недела да се придвижи во вистински правец“, изјави министерот Шаленберг.

На новинарско прашање дали е можно на состанокот на Советот на министри да се одвојат Македонија и Албанија, министерот Шаленберг потенцираше дека и двете земји треба да добијат датум за преговори.

„Нашата позиција е многу јасна. Веруваме дека и двете земји и Северна Македонија и Албанија треба да добијат зелено светло во Брисел и треба да ги отворат претпристапните преговори за членство во Унијата“, изјави Шаленберг.

И македонскиот министер Никола Димитров смета дека е од државен интерес за нас и соседна Албанија да напредува и да добие датум за преговори, односно дека две земји е подобро од една, но сепак истакна дека не треба и да се дозволи едната држава да биде жртва на другата.

„Процесот на пристапување е процес на индивидуални постигнувања. И ако правите групи од земји се руши логиката на условеност на процесот. За нас најдобрата опција е двете земји да одат напред, но не смееме да дозволиме една да биде жртва на другата. Значи две е подобро од една, но една е подобро од нула, што е неуспех како за самата земја, но може и да ја сруши самата политика на проширување на Европската Унија“, изјави министерот Димитров.

Двајцата министри истакнаа дека односите меѓу двете земји се одлични, а економската соработка постојано расте. Фокусот на средбата бил претстојниот самит на министри во Брисел, па токму затоа Димитров зборувал за остварените реформи во земјава, уверувајќи го австрискиот министер дека денес македонското општество е позрело и подемократско.

Шаленберг се сретна и со премиерот Зоран Заев и претседателот Стево Пендаровски. Во соопштението од Владата се наведува дека на средбата било посочено дека има силен консензус во Австрија за позитивна одлука за Република Северна Македонија на октомврискиот Совет на ЕУ и дека таков јасен ќе биде и ставот на Австрија на Советот во октомври.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG