Достапни линкови

Oсмани демантира дека ЕУ ќе постави „правосуден борд“


Архивска фотографија- Вицепремиерот Бујар Османи
Архивска фотографија- Вицепремиерот Бујар Османи

Во очекување на одлуката за датум за преговори за зачленување во ЕУ, опозицијата тврди дека е можно да има „датум за датум“ и најавува „правосуден борд“ во Македонија за средување на правосудството и борба против корупцијата. Вицепремиерот Бујар Османи негира дека има таков предлог.

Никогаш пред нас не е ставен на маса предлог за „правосуден борд“ кој би претставувал нов услов за почеток на преговорите за зачленување во Европската унија, вели вицепремиерот Бујар Османи за Радио Слободна Европа.

„Но, во исто време, ние немаме дилеми дека процесот на преговори е еволуиран, дека се научени голем број лекции од минатото, кои неминовно упатуваат на нова методологија и засилен мониторинг на преговорите за сите идни земји – членки“, вели Османи.

Прашањето за „правосуден борд“ кој би го пратиле европските институции во Македонија го отвори потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски.

„Тие претставници на европските институции би ја средувале државата во делот на правосудсвото и борба против корупцијата поради тоа што институциите под притисок на оваа влада покажаа дека не може да се носат со тој предизвик“, рече Николоски на емисијата Топ Тема.

Османи, пак, целосно ја отфрла можноста таков борд да биде услов за почеток на преговорите.

„Нема ништо ново, ниту спектакуларно во фактот кој Франција јавно го повторува веќе цела година, дека очекува реформа на Европската Унија, пред таа да биде проширена, за што одредени промени се очекуваат и во рамката за водењето преговорите. Она што е најважно за нас е дека ниту еднаш до сега не се спомнале никакви услови за старт на преговорите, туку начин како истите да станат поефикасни, поквалитетни и да дадат подобар резултат за земјите кои преговараат“, вели Османи.

Николоски „правосудниот борд“ го спореди со финансискиот борд кој го имаше Бугарија во 1997 година. Таквото тело беше воведено во соседната земја по големата економска криза за време на владата на Иван Костов кој дојде на чело на источниот сосед по големите протести кои ја урнаа владата на Жан Виденов. Меѓународните финансиери се согласија да и дадат пари на владата во Софија но само ако се формира валутен борд составен од странци.

Сега, во светло на случајот „Рекет“, опозицијата тврди дека тоа го отежнува патот на Македонија кон Европската унија оти земјите-членки наоѓале аргумент во корупцијата и во тоа како правосудството ги води случаите, да не и дадат датум на Македонија за почеток на преговорите.

За тоа дали земјава ќе добие датум ќе се знае кон средината на октомври. На вчерашниот амбасадорски совет во Брисел не беа донесени нови нацрт заклучоци за Северна Македонија и за Албанија, а Франција сѐ уште нема конечен став и како што јави МИА се чека одлуката лично да ја донесе претседателот Емануел Макрон.

И одлуката на Холандија не е докрај извесна но холандскиот премиер Марк Руте синоќа во Берлин по средбата со германската канцеларка Ангела Меркел рече дека тие „се помалку загрижени за Северна Македонија, а повеќе за Албанија, во однос на одлуката за одредување датум за почеток на преговорите со ЕУ оваа есен„.

XS
SM
MD
LG