Достапни линкови

Десетици одобрени од илјадници барања на Турци за македонско државјанство


Илустрација, македонско и турско знаме
Илустрација, македонско и турско знаме

Само 43 турски граѓани од вкупно 10.500 кои побарале македонско државјанство добиле позитивен одговор од МВР. Оттаму велат дека иселениците не се изземени од безбедносни проверки кои ги налага законот пред некој да добие македонско државјанство.

Од вкупно 10.500 барања на турски граѓани за македонско државјанство во изминативе четири години, само десетици добиле позитивен одговор од македонското Министерство за внатрешни работи(МВР).

Оттаму за Радио Слободна Европа на 29 декември одговорија дека по спроведената постапка за стекнување на државјанство, донесени се 43 позитивни решенија за прием во македонско државјанство.

Претходно од Министерството, за РСЕ посочија дека законските измени во 2021 година придонесоа за енормно зголемување на бројот на барања за стекнување на македонско државјанство од иселеници кои живеат во Турција.

„Според извршените проверки за временски период од 2021-2025 година примени се околу 10.500 барања за стекнување/повраток на македонско државјанство“, беше посочено во одговорот на МВР.

Станува збор за измени на законот за државјанство поднесени од тогашната Влада предводена од коалицијата на СДСМ и ДУИ.

Тогашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски предложил во Собранието измени на законот со кој се дефинира што е иселеник.

Според законот, иселеникот и неговиот потомок од прво колено, може да се стекнат со македонско државјанство без при тоа тие да живеат во земјава, без да знаат доволно македонскиот јазик и без отпуст од претходното државјанство, правило што важи за странците.

„Иселеник, во смисла на овој закон, се смета граѓанин на Република Северна Македонија кој се иселил од Република Северна Македонија во друга држава, без оглед на полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба“, се вели во законот за државјанство.

На прашањето на РСЕ дали како овие 10 500 граѓани кои живеат во Р. Турција докажале дека се иселеници односно прво колено потомци на иселеници од Македонија, од МВР велат дека иселениците не се изземени од безбедносни проверки.

„Иселениците не се изземени од проверката на исполнетоста на законскиот услов кој регулира дека: „неговиот прием во државјанство на Република Северна Македонија да не ја загрозува безбедноста и одбраната на Република Северна Македонија“, односно за иселениците се прави безбедносна проверка согласно закон“, додаваат оттаму.

Интересот на турските граѓани за престој во земјава е забележлив во секојдневието. Од голем број на продавници кои нудат традиционална турска храна до млади луѓе кои шетаат низ центарот на Скопје.

Статистичарот Дончо Герасимовски вели дека мотив за зголемената побарувачка на македонски државјанства од турски граѓани може да биде бизнис, вработување или образование. Според него зголемениот интерес најмногу се гледа во бизнисот.

„Земете вие пример во оперативата на градежништвото, колку објекти во нашава земја се градат, станбени згради и тоа од голем и широк карактер коишто ги изведуваат компаниите од Турција. Тие сите за да го прават тоа согласно законски прописи, мора да го регулираат и своето државјанство. Се е во функција, во интерес на бизнисмените, на спортистите, на оние коишто имаат и заработувачка и добивка коишто имаат повеќе овде отколку во сопствените земји“, објаснува Герасимовски.

Со растот на интересот за државјанства, во земјава се забележува и раст на турскиот капитал, односно фирми отворени од турски сопственици.

Според податоците кои РСЕ ги доби од македонско-турската стопанска комора МАТТО, за 2024 година, бројот на регистрирани фирми со турски капитал од правни и физички лица изнесува 4.132.

Оттаму велат дека бизнис интересот произгледува од блиските македонско-турски односи.

„Кои се темелат на заедничката историска поврзаност од отоманскиот период, значителниот број иселеници од овие простори во Република Туркије, како и постоечките роднински и културни врски меѓу граѓаните на двете земји. Дополнително, Република Северна Македонија претставува стратешка врата кон пазарите на земјите членки на Европската Унија за компаниите од Република Туркије, што ја зголемува нејзината атрактивност како инвестициска дестинација“, се вели во одговорот за РСЕ од МАТТО.

Според пописот од 2021, кој е направен во период кога на сила стапиле измените на овој закон, во Северна Македонија 3,9 отсто граѓани се од турска етничка припадност.

Податоците покажуваат дека од 83 илјади етнички Турци, во земјава живеат речиси 71 илјада, додека останатите 12 илјади се нерезидентно население.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија во 2008-та година. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје. Во 2015-та година е добитничка на награда од УНХЦР за професионално известување за состојбата со бегалците, како и на неколку признанија за истражувачки стории. Од 2023 година работи како истражувачки новинар во Радио Слободна Европа, главно на теми поврзани со високо-профилен криминал и корупција.

XS
SM
MD
LG