Животот во Турција стана и политички претежок, но и прескап за едно семејство, полесно ми беше да се преселам тука и да побарам македонско државјанство, објаснува 28 годишниот Бенк Бинѓул, за радио Слободна Европа. Тој веќе неколку месеци работи како менаџер во скопско кафуле во сопственост на турски бизнисмени.
Веќе две години изминале откако од Анталија се преселил со неговата сопруга Македонка во Скопје. За тоа добил дозвола за престој, а пред месец дена започнал со процедура за македонско државјанство. Вели дека му недостига родниот град поради животот на плажа покрај море, но тука му е поефтино.
„На пример во маркет, едно редовно пазарење за дома за зеленчук, јајца, месо, млеко, и тоа ако пазарувате минимално за дома, треба да платите околу 280-300 евра, но со овие пари во Скопје можете да го наполните вашиот стар автомобил, целиот багажник, предното седиште, задното седиште да е полно. Но, во Турција не можете да го направите ова бидејќи е невозможно“, вели Бинѓул.
Македонскиот јазик не го владее добро, но затоа вели дека вежба со неговата сопруга. Еден од условите кој според македонскиот закон треба да го исполни е да полага познавање на македонски јазик.
„Разбирам нешто на македонски, знам да читам на латиница, но не и на кирилица, тоа треба да го научам“, вели тој.
Но, овој услов не важи за оние кои ќе докажат дека имаат македонско потекло.
Турски бран на побарувачка за македонски државјанства
Покрај луѓето како Бинѓул кои бараат македонско државјанство поради брак со Македонка, по основ на македонско потекло во изминативе четири години вкупно 10 500 турски граѓани побарале македонско државјанство, покажуваат податоците кои Радио Слободна Европа ги доби од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Овие луѓе, според МВР, се државјани на Турција кои во македонските институции треба да докажат дека се иселеници од земјава, и дека имаат македонско етничко потекло.
Во одговорот за Радио Слободна Европа од МВР се вели дека причината за порастот на бројот на баратели за македонско државјанство се должи на последните законски измени.
„Законските измени во 2021 година придонесоа за енормно зголемување на бројот на барања за стекнување на македонско државјанство од иселеници кои живеат во Република Турција“, велат од МВР.
Новата дефиниција на „иселеник“ во Законот за државјанство
Станува збор за измени на законот за државјанство поднесени од тогашната Влада предводена од коалицијата на СДСМ и ДУИ.
Тогашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски предложил во Собранието измени на законот со кој се дефинира што е иселеник.
Според законот, иселеникот и неговиот потомок од прво колено, може да се стекнат со македонско државјанство без при тоа тие да живеат во земјава, без да знаат доволно македонскиот јазик и без отпуст од претходното државјанство, правило што важи за странците.
„Иселеник, во смисла на овој закон, се смета граѓанин на Република Северна Македонија кој се иселил од Република Северна Македонија во друга држава, без оглед на полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба“, се вели во законот за државјанство.
Според пописот од 2021, кој е направен во период кога на сила стапиле измените на овој закон, во Северна Македонија 3,9 отсто граѓани се од турска етничка припадност.
Податоците покажуваат дека од 83 илјади етнички Турци , во земјава живеат речиси 71 илјада, додека останатите 12 илјади се нерезидентно население.
Бизнис, вработување и образование мотиватор за миграција
Интересот на турските граѓани за престој во земјава е забележлив во секојдневието. Од голем број на продавници кои нудат традиционална турска храна до млади луѓе кои шетаат низ центарот на Скопје.
Статистичарот Дончо Герасимовски вели дека мотив за зголемената побарувачка на македонски државјанства од турски граѓани може да биде бизнис, вработување или образование. Според него зголемениот интерес најмногу се гледа во бизнисот.
„Земете вие пример во оперативата на градежништвото, колку објекти во нашава земја се градат, станбени згради и тоа од голем и широк карактер коишто ги изведуваат компаниите од Турција. Тие сите за да го прават тоа согласно законски прописи, мора да го регулираат и своето државјанство. Се е во функција, во интерес на бизнисмените, на спортистите, на оние коишто имаат и заработувачка и добивка коишто имаат повеќе овде отколку во сопствените земји“, објаснува Герасимовски.
Тој додава дека тоа влијае и врз структурата на населението по етничка припадност.
„Сите тие лица коишто припаѓаат на нашата земја, зависно од земјите коишто доаѓаат го зголемува бројот на таа етничка припадност,“ вели Герасимовски.
Со растот на интересот за државјанства, во земјава се забележува и раст на турскиот капитал, односно фирми отворени од турски сопственици.
Над четири илјади фирми во земјава основани со турски капитал
Според податоците кои РСЕ ги доби од македонско-турската стопанска комора МАТТО, за 2024 година, бројот на регистрирани фирми со турски капитал од правни и физички лица изнесува 4.132.
Оттаму велат дека бизнис интересот произгледува од блиските македонско-турски односи.
„Кои се темелат на заедничката историска поврзаност од отоманскиот период, значителниот број иселеници од овие простори во Република Туркије, како и постоечките роднински и културни врски меѓу граѓаните на двете земји. Дополнително, Република Северна Македонија претставува стратешка врата кон пазарите на земјите членки на Европската Унија за компаниите од Република Туркије, што ја зголемува нејзината атрактивност како инвестициска дестинација“, се вели во одговорот за РСЕ од МАТТО.
Во пораст е и бројот на студенти кои доаѓаат во земјава. Според професорот Кирил Барабареев кој предава на штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ вкупниот број на студенти од Турција кои во изминативе 12 години се запишале на штипскиот универзитет изнесува околу 900 студенти.
„А она што јас го знам во некои разговори со луѓе коишто сум ги разговарал е дека Турција има голем број на млади луѓе коишто не можат да се запишат во нивниот систем и дека тие млади луѓе заради тоа што начинот на студирање во приватно високо образование во Турција е доста висок веројатно тие бараат одредени Универзитети во регионот во којшто ќе сакаат да се запишат и и да студираат“, вели тој.
Македонски пасош и патување во Шенген зоната како мотиватор
Турските медиуми по настаните во Црна Гора, каде во октомври годинава краткотрајно беше укинат безвисниот режим за Турците по низа инциденти поради антитурскиот наратив, пишуваат дека Северна Македонија е новата привлечна дестинација за турските граѓани поради различните предности што ги нуди.
Еден од примерите кои што ги посочуваат дел од медиумите е дека за нив е привлечна можноста за безвизно патување во Шенген зоната со македонски пасош. Дополнително се посочува брзата и евтина процедура за основање на фирма и прифатливите трошоци за живот како кирија, храна и превоз кои се пониски во споредба со Турција.
„Близина до Европа, -и покрај тоа што не е членка на ЕУ, нејзината стратешка локација на Балканот овозможува лесен пристап до Европа“ се вели во нивната анализа.
Во меѓувреме Црна Гора на 24 декември ги укина визите за турските државјани и го намали дозволениот престој од 90 дена како што е во Шенген зоната на 30 дена со цел, како што вели црногорската влада, да се спречи нелегалната миграција и во согласност со визната политика на Европската Унија.
Според последната измена на европските правила за безвизното патување од минатиот месец отворена е можноста за побрзо суспендирање на безвизното патување за земјите надвор од ЕУ што претставуваат загриженост за миграцијата или безбедноста.
Северна Македонија заедно со Албанија, Црна Гора, Косово, БиХ и Србија спаѓаат во групата на земји кои може да се соочат со засилен мониторинг на спроведување на новите правила. Дел од причиние поради кои може да се воведат рестрикции се слаба усогласеност со визната политика на Европската унија, паралелно со управување на програми за државјанство за инвеститори, таканаречени „златни пасоши“, кои овозможуваат добивање државјанство без реална и докажлива врска со земјата.
Дополнително се разгледуваат и безбедносни ризици поврзани со хибридни закани, вклучително и политичко користење на миграцијата и слабости во безбедноста на личните документи, што дополнително ја усложнува позицијата на третите земји кои имаат безвизен режим со ЕУ.