Македонскиот премиер Христијан Мицкоски одлучи своите дипломатски активности да ги засили во други светски центри, наместо во Брисел откако реши да чека гаранции од Европската Унија дека нема да има нови барања од бугарската влада за да го направи и последниот чекор кон отворањето на кластерите од пристапните преговори. Од седиштето на ЕУ одговорот останува ист - преговорите формално ќе почнат со вклучување на Бугарите во Преамбулата на Уставот.
Само во изминатава недела Мицкоски договори блиска соработка со Унгарија и Турција и беше коспонзор на предлог-резолуцијата на САД за ставање крај на војната во Украина во која Русија не беше спомената како агресор.
На средбата во Будимпешта, со унгарскиот претседател Виктор Орбан беше најавена нова заедничка економска зона меѓу Северна Македонија, Унгарија и Србија.
„Ова не е замена за интеграцијата (во ЕУ), но може да се смета како утешна награда за изградба на еден заеднички регион со Србија и со Северна Македонија“, рече Орбан на заедничката прес конференција.
Со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на 28 февруари, Мицкоски потпиша заедничка политичка декларација за основање на Совет за соработка на високо ниво. Ердоган, пак, изјави дека покрај економската соработка со Мицкоски разговарале и за глобалните прашања, како што се воените конфликти во Украина и Газа.
„Тука разменивме одредени мислења и за нас клучно е во Украина и натаму да се води разговор и по мировен пат да се разреши тој проблем. Понатаму, во Палестина имаме заедничко мислење да се формираат две држави“, рече Ердоган.
Претходно на 22 февруари македонската влада беше коспонзор на американската нацрт-резолуција во ОН за ставање крај на војната во Украина. Македонските претставници во ОН гласаа воздржано и за европската и за американската резолуција.
Ваквите дипломатски потези на Мицкоски во јавноста ги отворија прашањата дали македонската надворешна политика ја менува страната, односно дали се оддалечува од евроинтегративниот пат, зближувајќи се со стратешките партнери кои не се секогаш на иста дипломатска линија со европската дипломатија.
Меѓу САД и ЕУ
Според поранешниот амбасадор во Вашингтон и универзитески професор Васко Наумовски, македонската стратешка цел е европската интеграција, но во меѓувреме се обидува да води поавтономна надворешна политика, затоа што формално не ги започна преговорите за членство во ЕУ.
„Доколку Македонија ги имаше започнато преговорите за членство, тогаш самата ЕУ ќе можеше да изврши притисок Македонија да се усогласи со нејзините ставови, но во оваа ситуација тешко е да се каже дали воопшто постои единствен став на целата Европска Унија за клучните прашања, знаејќи дека добар дел од членките на ЕУ не се конзистентни во своите ставови“, вели Наумовски.
Тој смета дека односите кои што земјава ги има со ЕУ, треба да си продолжат во рамките на проширување на Унијата, но во поглед на надворешно политичките прашања, приближувањето до позициите на САД ќе значи дека државата ќе има став кој што не секогаш ќе биде компатибилен со поголемиот дел од земјите членки на ЕУ.
„Нашата позиција треба да се бара некаде меѓу ставовите на САД и ЕУ“, додава Наумовски.
Зачестените посети и средби на Мицкоски со политичари од Вашингтон, Будимпешта и Истанбул, универзитетскиот професор за меѓународни односи, Ненад Марковиќ ги гледа во рамките на суверенистичката филозофија на делување.
Прегрупирање на кампусите
Суверенистички блок е одредена, понекогаш и неформална, политичка алијанса на партии или поединци кои се фокусираат на заштита и зајакнување на националниот суверенитет.
Марковиќ забележува во тој политички блок постои одреден вид на координација или договарање за заеднички наредни чекори. За него тоа е очекувано, имајќи предвид дека ВМРО-ДПМНЕ и Мицковски го сигнализираа тоа уште пред изборите.
„Многу е јасно дека пораката од нашата Влада, е дека не премногу се смета на ЕУ, дека не се смета премногу на некаков заеднички настап, односно дека иницијативите ќе бидат билатерални или мултилатерални во веќе политички блок кој веќе го спомнав. Очигледно се прегрупираат кампусите политички на глобално ниво, и ние фаќаме приклучок, со некој сосема поинаков кампус, на начин кој е до сега прилично нов и неиспитан. Ќе видиме какви ќе бидат резултатите“, вели Марковиќ.
Политичкиот аналитичар Благојче Атанасовски смета дека премиерот Мицковски и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски се оддалечуваат од ЕУ.
„Тоа е дефинитивно импулс за нов курс односно напуштање на концептот на европските интеграции, вели Атанасовски.
Марковиќ, пак, смета дека зголемени дипломатски активности во Вашингтон, Будимпешта и Истанбул не претставуваа „вртење грб на ЕУ“, туку обид за изнаоѓање на баланс меѓу двете приказни во надворешната политика.
„Тоа што помалку или повеќе успешно го прават (Алекасандар ) Вучиќ, до некаде и (Виктор) Орбан, со тоа што Орбан, малку порадикално одвнатре делува, малку поинаку. Србија и Македонија не се во ЕУ, па сепак мора да имаат малку повеќе такт, и повеќе сенс за тие работи. Меѓутоа пораката е јасна - Ние сметаме дека понатаму не може да се оди под овие услови, и тоа го ставаме на некаков политички стенд бај, обидувајќи се да фатиме приклучок кон некоја друга приказна. Како тоа ќе го доживее ЕУ останува да видиме,“ вели Марковиќ.
За Наумовски новата дипломатска стратегија на власта не е причина за оддалечување од европскиот пат, туку недоволната посветеност на самите земји членки на Унијата на процесот на проширување.
Новото нормално
За само осум месеци, колку што е на функција, Мицкоски три пати беше во посета на Вашингтон, меѓу кои и на инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
По учеството на Конференцијата за конзервативна политичка акција (CPAC) во Вашингтон, Мицкоски порача дека оттаму „доаѓа новото нормално“ и тој сака прв да фати место.
„Мора да го запоседнеме теренот и да се пронајдеме во новото нормално, тоа е мојата кампања. Од друга страна, мора да кажеме и која е нашата фрустрација и болка“, изјави Мицковски на Конференцијата во Вашингтон.
Претходно, во јануари македонскиот премиер присуствуваше на инаугурацијата на Доналд Трамп, а во Вашингтон беше и на почетокот на неговиот мандат предводејќи ја делегацијата што учествуваше на Самитот на НАТО.
Во меѓувреме, во неговиот мандат по победата на изборите во мај 2024, беа одржани две меѓувладини конференции со Унгарија, таканаречениот „непослушен партнер на ЕУ“, земја од која Владата на Мицкоски зеде кредит од една милијарда евра. Првата беше во септември во Охрид, а втората се одржа вчера во Будимпешта.
За време на засилената дипломатија на македонските власти во фокусот е и економската соработка.
Според податоците од македонскиот државен Завод за статистика, македонскиот извоз во Унгарија минатата година изнесувал 308 милиони долари, додека увозот на унгарски производи во земјава изнесувал 232 милиони долари.
Македонските производи кои пристигнале на американскиот пазар лани биле во вкупна вредност од 118 милиони долари, додека увозот на американски производи на македонскиот пазар изнесувал 196 милиони долари.
За разлика од овие две земји, турско- македонската трговска размена е поголема. Македонскиот увоз на турски производи лани изнесувал 816 милиони долари, додека извозот 165 милиони долари. Ердоган изјави дека очекува годинава овие бројки да се дуплираат.
Најголем трговски партнер на Северна Македонија лани била Германија. Вкупно 40 отсто од целиот македонскиот извоз на производи завршува на германскиот пазар. Во текот на минатата година овој извоз изнесувал 3,3 милијарди долари, додека македонскиот увоз на германски производи изнесувал 1,3 милијарди долари.