Достапни линкови

Турците бараат вработувања и втор службен јазик во општините каде се над 20 отсто


Северна Македонија - попис, 5 септември 2021 година.
Северна Македонија - попис, 5 септември 2021 година.

Комисијата за заштита од дискриминација утврдила дека општините во кои е зголемен бројот на турско население над 20 отсто, ги дискриминираат Турците. Од Сојузот на турски невладини организации најавија дека во следните недели слични претставки ќе има и за министерства, училишта, клиники...Според пописот од 2021, во Северна Македонија 3,9 отсто граѓани се од турска етничка припадност.

Две од вкупно три општини каде Турците се повеќе од 20 отсто, како и и Народниот правобранител ги дискриминирале граѓаните од турска етничка припадност, врз основа на вработувања и на јазик. Ова го утврдила Комисијата за заштита од дискриминација (КЗД) по претставки поднесени од Сојузот на турски невладини организации (МАТУСИТЕБ) кој обединува 66 здруженија на Турците во Северна Македонија.

Последната одлука на комисијата во која утврдува дискриминација е од 28 јануари. Сојузот почнал со претставките по април минатата година и ги поднесува во континуитет.

Претставките против општини следувале по резултатите од пописот во 2021 година, кои покажуваат дека бројот на турско население надминал 20 отсто во општините Карбинци, Василево и Конче. Повикувајќи се на уставното начело за соодветна и правична застапеност, реагирале дека турскиот јазик не се употребува како втор официјален јазик во овие општини.

Втората реакција е затоа што немало вработено Турци во општинските служби.

Тахсин Ибрахим, претседател на Сојузот на турски невладини организации, најавува дека во следните недели ќе има претставки и за министерства, училишта, клиники и други институции во кои сметаат дека Турците се дискриминирани.

„Државата направи две групи население - Македонци и Албанци. Не може во некое министерство да има 95 отсто Албанци, а нула Турци. И да видиме кој се изјаснил како Турчин за да се вработи, а не е Турчин. Во источниот крај на државата има само две училишта на турски јазик, а и тука нема наставници. Ги бараме правата што ни следуваат според Уставот и законите, ако треба ќе одиме и до судот за човекови права во Стразбур“, изјави Ибрахим за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Бројот на Турци порасна во Василево, Карбинци и Конче

Пописот од 2021 година покажал дека во струмичката општина Василево, бројот на турско население се зголемил за разлика од претходно - од вкупно 10.522 жители во општината, 2. 251 (или 21,3 отсто) се од турска етничка припадност.

Сојузот на турски невладини организации во претставката до Комисијата за заштита од дискриминација напишал дека според пописните резултати, жителите од турска етничка заедница, втора по големина во општината, се во нееднаква положба. Побарале турскиот јазик , покрај македонскиот, да е службен во општина Василево и да го има во називите на институциите, на огласните табли и во јавните документи.

Комисијата утврдила дека општина Василево ги дискриминирала Турците во општината затоа што не го почитувала Законот за јазиците, дека општината постапила со делумно поставување на двојазични табли на македонски и на турски јазик пред три села, но дека тоа не е доволно.

Градоначалникот на Василево, Славе Андонов, за РСЕ вели дека веќе почнале да ги исполнуваат условите според пописните резултати за застапеност на населението.

„Во мојот мандат, за првпат вработивме Турчин во општината. Веб - страницата на општината веќе е двојазична, имаме и табли двојазични. Ќе поставиме и двојазична табла на општинската зграда. Со оглед на тоа дека имаме 100 милиони денари долг, и сме најзадолжена општина според бројот на жители, толку можевме да направиме. Јавните документи не се преведени, треба да вработиме преведувач, но нема такво лице со завршен факултет што можеме да го вработиме“, изјави Андонов за РСЕ.

Комисијата за заштита од дискриминација утврди и дека општина Карбинци ги дискриминирала Турците, по истата основа - употреба на турскиот јазик и соодветна застапеност во вработувањата.

Карбинци има 3.420 жители, од кои 857 (25, 5 отсто) се од турска етничка припадност. Во оваа општина, Турци има во седум населени места под планината Плачковица.

Во претставката се наведува дека граѓани чија бројка е над 20 отсто во одредена општина, согласно Уставот и законите, им следуваат одредени права кои општинската администрација е должна да им ги овозможи. Во таа насока, се жалеле дека општина Карбинци не ја исполнува обврската за соодветна и правична застапеност на граѓаните според процентот од вкупното население во општината.

Подносителите напишале дека тоа е поразително за 25 отсто население од турска етничка заедница кои ги плаќа сите давачки кон општината.

Истото се однесува и на општина Конче, каде Турците се во значителен број. Но, градоначалникот Златко Ристов вели дека во оваа општина најмногу се практикува двојазичноста, дека ги превеле сите можни документи и дека имаат вработени од турската етничка заедница.

На тапет и Народниот правобранител

Не само општини - туку и Народниот правобранител прави индиректна дискриминација врз граѓани од турска етничка припадност, утврдила Комисијата за заштита од дискриминација на 28 јануари.

“Една од главните обврски на оваа институција е да се грижи за соодветната и правична застапеност. Но, тоа самата институција не го почитува“, реагирал Сојузот на турски невладини организации

Правобранителот одговорил дека ниту едно лице од турска заедница не конкурирало за вработување во институцијата.

Во 2023 година, во канцеларијата на Народниот правобранител имало 93 вработени, од кои 40 Македонци, 41 Албанец, четворица Срби, тројца Роми, но ниту еден Турчин, утврдила Комисијата. Ако правобранителот не вработи Турци, Комисијата ќе му поднесе прекршочна пријава.

Според пописот од 2021 година, во Северна Македонија има 58,44 отсто Македонци, 24,3 отсто Албанци, 3, 98 отсто Турци, 2,53 отсто Роми, 1,3 отсто Срби, 0,87 отсто Бошњаци и 0,47 отсто Власи. Според пописните резултати, турско население најмногу има во Скопје, па Гостивар, Центар Жупа, Пласница, Радовиш, Струмица и Струга.

Националното координативно тело за пописот на турскиот народ во Северна Македонија не ги призна објавените бројки за Турците во пописот и ги означи за нереални. Инаку, ова тело го сочинуваат сите турски невладини организации, политички субјекти од турската заедница, турски интелектуалци, професори и други влијателни личности од турската заедница во земјава, а беше формирано на почетокот на спроведување на последниот попис во 2021 година.

Уставниот суд на 9 октомври 2024 година ја укина алатката „балансер“, која функционираше претходните девет години при вработувањето припадници на етничките заедници, за да не се прават злоупотреби. Коалицијата „Вреди“, која е во владејачката коалиција, најави дека ќе предложи нов Закон за правична застапеност. Таков закон досега не е предложен.

Правичната застапеност на етнички заедници при вработувањата произлезе од Охридскиот рамковен договор, со кој се стави крај на конфликтот во Северна Македонија во 2021 година.

XS
SM
MD
LG