Достапни линкови

Прво избори, па закон да ги стопира партиските вработувања во администрацијата


Илустрација
Илустрација

Власта предлага забрана на привремени вработувања, а во исто време вработува во јавниот сектор токму на овој начин. Одложената примена на законот од 2025 е да помине и овој круг на избори, па да поминат и локалните избори. Тоа е голем ризик за политичка корупција, вели Нури Бајрами од Антикорупциска

Јавна тајна е кој се вработува преку Агенции за привремени вработувања, ни рече сопственик на една од тие агенции, коментирајќи ја намерата на власта со закон да ги запре вработувањата во јавниот сектор што се прават на овој начин.

Во јавен сектор спаѓаат вработени во образованието, здравството, администрацијата, локалната самоуправа, културата, судството и низа други институции.

„Преку нас ги вработуваат нивните, од штаб, од партија. Тие имаат веќе избрани луѓе, ние само треба да ги спроведеме процедурите за се да биде законски“, ни рече сопственик на Агенција за привремени вработувања во Скопје, кој сакаше да остане анонимен.

Според него, среќа е што и фабриките бараат вработени преку агенции, “па и да забранат привремени вработувања во администрација, ќе продолжиме да работиме со приватниот сектор“.

Кога фирма од приватен сектор бара работник, Агенцијата прави избор на кандидати, ги бара најсоодветните од базата, прави селекција според квалификациите. Кога бара министерство или општина, агенцијата не прави ништо од ова бидејќи однапред им е посочен „најсоодветен“ кандидат.

Нури Бајрами, член на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), вели дека нема седница на која комисијата не разгледувала таков предмет.

„Од 2019 година бараме да се укине овој начин на вработување. Цел мандат ни помина во тоа. Праксата ни покажа привремените вработувања се ексклузивно многу искористени и ги негираат сите други начини на вработување. Има партиски листи до агенциите, никаква транспарентност како се бираат кандидати, работни места креира кој како ќе му текне. Одложената примена на законот од 2025 е да се помине и овој круг на избори, потоа да поминат и локалните избори, па после кој што сака нека прави. Тоа е голем ризик за политичка корупција, непотизам, кронизам и го руши целото владеење на правото“, изјави Бајрами за РСЕ.

Предлогот на закон за вработените во јавниот сектор е еден од петте закони за реформи во јавната администрација што минатата недела „излезе“ од Владата. Предлагачот, Министерството за информатичко општество и администрација(МИОА) предлага овие законски решенија да се донесат во Собранието по скратена постапка и со ЕУ знаменце.

Но, и во таков случај, овој закон нема веднаш да ги стопира вработувањата во јавниот сектор преку Агенции за привремени вработувања - бидејќи истиот ќе почне да се спроведува од 2025 година.

Во пролетта 2024 година, во Северна Македонија ќе има парламентарни и претседателски избори. Законот ќе стапи на сила после овие избори. Објаснувањето од надлежното министерство е дека се потребни минимум шест месеци за да се донесат подзаконски акти. Вработувањето во државни и јавни институции и онака е забрането од денот кога ќе се донесе одлуката за распишување на избори додека тие завршат, па ќе нема вработувања во тој период, сметаат во МИОА.

И сега „врие“ од привремени вработувања

Преку Агенција за привремени вработувања, Министерството за правда ќе вработи тројца службеници во Кабинетот на министерот. Огласот е објавен на електронскиот систем за јавни набавки. Агенциите имаат рок да се пријават до задутре, 14 декември.

Од Министерството за РСЕ прецизираа дека огласот е за тројца посебни советници: шеф на кабинетот на министерот, посебен советник за меѓународна соработка и посебен советник за ЕУ интеграции и меѓународна соработка. Секој од нив ќе добива месечен надомест по 55.000 денари. Нивните функции ќе траат додека трае и мандатот на министерот.

„Согласно член 22 став (1) алинеја 6 од Законот за вработени во јавниот сектор, утврдено е склучување на договор за вработување на определено работно време и заради пополнување на посебни работни места во кабинетите на министрите, заради извршување на работни задачи на посебни советници. Согласно ставот 8 од истиот член, вработувањето на посебните советници покрај на јавен оглас, може да се изврши и преку склучување на договор за отстапување на вработен преку агенција за привремено вработување“, велат за РСЕ од Министерството за правда.

Во ова министерство преку Агенција за привремени вработувања ангажирани се уште 11 лица.

Но, Министерството за правда не е единствена институција која бара кадар токму преку привремени вработувања. Во моментов, на сајтот e-nabavki.gov.mk услуги од овие агенции бараат 15 институции. Меѓу нив се Македонската академија на науките и уметностите(МАНУ), министерствата за финансии, за правда, за труд и социјална политика, Општина Битола, Клиника за ревматологија, градинки, јавни претпријатија...

„Сега, вработувањата на партиски кадри се или преку договор на дело, или преку авторска агенција, или преку Агенции за привремени вработувања. Третиот начин е најлегална форма на вработување - затоа што со тоа работникот добива плата, осигурување и се што законски му следува, за разлика од првите два начини“, ни рече сопственикот на Агенција за привремени вработувања.

Листа на огласи за вработувања преку Агенции за привремени вработувања објавени на интернет-страницата e-nabavki.gov.mk, 11 декември 2023
Листа на огласи за вработувања преку Агенции за привремени вработувања објавени на интернет-страницата e-nabavki.gov.mk, 11 декември 2023

Вкупно 180 реализирани договори за привремени вработувања имало само во тековната 2023 година, покажуваат податоците од електронскиот систем за јавни набавки. Најмногу се општини, основни училишта и јавни претпријатија. Вредноста на тендерите за избор на Агенција за привремени вработувања е различна - по 300.000 евра, 400.000 евра и повеќе. Сите заедно, на годишно ниво, „тежат“ милиони евра.

Димитар Атанасовски, сопственик на агенцијата „ЕСИ вработување“, вели дека забраната за вработување во јавен сектор преку Агенции за привремени вработувања може сериозно да се одрази врз оние кои работат исклучиво со тендери.

„Добиваме големи тендери, но не одат сите пари за агенцијата. На пример, од тендер вреден 10 милиони денари, агенциската провизија во просек е пет отсто годишно. Толку е заработката, а плаќаме плати, придонеси за вработените, сите имаме депонирано по најмалку 50.000 евра банкарска гаранција“, вели Атанасовски за РСЕ.

„Јуриш“ за гласови пред избори

Овој закон треба да обезбеди дека во постапката за вработување секогаш ќе се избира најдобро рангираниот кандидат. Но, додека да почне да се применува - карванот ќе врви како и досега.

„Овој тип на вработувања особено се интензивираат пред избори и остава простор за сомнеж дека ова е еден начин да се придобие гласачкото тело“, вели Неда Малеска Сачмароска, извршна директорка на Центар за управување со промени(ЦУП), за РСЕ.

Неда Малеска Сачмароска, извршна директорка на Центар за управување со промени(ЦУП)
Неда Малеска Сачмароска, извршна директорка на Центар за управување со промени(ЦУП)

Сачмароска има 25 години работно искуство поврзано со реформи во јавната администрација, па го објаснува патот како привремено вработените стануваат - трајно вработени во администрацијата. Иако законот определува дека овие вработувања можат да траат најмногу една година, вели таа, а во пракса институциите ги обновуваат секоја година со истите лица менувајќи ја само нивната позиција.

„Оваа законска одредба дава можност да се заобиколи редовната постапка преку оглас и спроведување на сите фази од постапката, до конечна одлука. Институциите врз основа на одредбите од Законот за трансформација во редовен работен однос лицата кои се ангажирани врз основа на привремени вработувања и врз основа на договор на дело, надвор од редовна постапка, со трансформација, ги вработуваат на неопределено време“, вели Сачмароска.

Бројката на вработени преку Агенции за привремени вработувања не е позната. Податоците што Центарот за управување со промени ги прибавил според слободен пристап до информации од јавен карактер, упатуваат дека овој процент изнесува меѓу 7 отсто и 9 отсто од вкупниот број на вработени во јавниот сектор (минатата 2022 година биле 129.374 вработени, според извештајот на МИОА).

Според тоа, велат од ЦУП, може да се смета дека има уште најмалку 10.000 вработени врз основа на договори за привремени вработувања.

Азир Алиу, министер за информатичко општество и администрација
Азир Алиу, министер за информатичко општество и администрација

Според Азир Алиу, министер за информатичко општество и администрација, државата креира рамка, а дали ќе има злоупотреби со цел да се постават партиски кадри, најмногу зависи од политичарите.

„Ако некој претендира дека во иднина нема да има злоупотреби со партиските вработувања, тогаш тој е наивен. Ние сме толку креативни, што и да донесеме сто закони, во сто и првиот ќе најдеме дупка. Така што, одговорно тврдам дека стопроцентното елиминирање на партиските вработувања е илузија. И во светот нема стопроцентна заштита од ваквите влијанија“, рече Алиу на минатонеделниот брифинг со новинарите.

Во изминатите години привремените вработувања редовно беа критикувани и во извештаите на Европската комисија. Овие вработувања се оквалификувани како „намерни, политички и самоволни вработувања“.

„Северна Македонија е умерено подготвена во однос на реформата на јавната администрација. Постигнат е ограничен напредок со донесувањето на новата Стратегија за реформа на јавната администрација и на придружниот акциски план во јули 2023 година. И покрај тоа што го почна процесот пред 5 години, земјата сè уште не ја донесе ревидираната законска рамка за управување со човечки ресурси... Законодавството сè уште не ги прифатило препораките на Државната комисија за спречување на корупцијата за непотизам, кронизам и политичко влијание при вработувањето во јавниот сектор и при именувањето членови на надзорните и на управните одбори“, пишува во Извештајот на Комисијата за 2023 година.

Во 2014 година беше донесен Закон за трансформација во редовен работен однос, кој им овозможи на државните институции и на јавните претпријатија да им понудат редовен работен однос на неопределено време на волонтерите, хонорарците, ангажираните со договори на дело и вработените само на одреден период. Но, и покрај стапувањето на сила на овој закон, привремените вработувања веќе една деценија опстојуваат во јавниот сектор во Северна Македонија.

XS
SM
MD
LG