Достапни линкови

Сите вработени во канцеларија, општините нефункционални


Општина Тетово
Општина Тетово

Големиот број на вработени во државни и локални институции не би бил проблем доколку повеќето од нив работат на давање услуги за населението. Сепак, во Македонија по партиски заслуги се вработуваат на бирократски канцелариски работни места.

Општините и државните институции вработуваат многу повеќе од колку што е потребно, но во насока на обезбедување на гласови на избори, а не за функционалноста на установата. Вака експертите по јавна администрација ги толкуваат состојбите во Општина Тетово, каде неодамна новиот градоначалник Биљал Касами објави дека затекол 340 вработени и 350 хонорарци, за кои најави дека ќе анализира дали се потребни за функционирање на локалната самоуправа.

„Од политичка гледна точка, овој клиентелистички пристап е успешен во насока на добивање на гласови, но има несогледливи негативни последици поврзани со буџетски проблеми, односно намалување на просторот за капитални инвестиции“, објаснува Мемет Мемети, професор на УЈИЕ.

Тој посочува дека има глобална тенденција за намалување на вработените во јавниот сектор која треба да се прави и кај нас. Причини за тоа се негативна перцепција за вработеноста во јавниот сектор, како и неефикасноста на нудење на услуги како кај приватниот сектор.

„Еден од основните столбови на јавниот менаџмент е приватизација односно аутсорсинг или контрактирање на услуги кои ги нуди јавниот сектор да се испорачаат преку приватниот или невладиниот сектор“, изјави Мемети.

Големиот број на вработени во државни и локални институции не би бил проблем доколку повеќето се луѓе кои даваат услуги за населението. Кај нас, според професорот Мемети, луѓето се вработени во непродуктивни служби, односно за бирократија во канцеларии.

„Ние имаме околу 7 отсто од вкупниот број на население вработени во јавниот сектор. Тоа не е ни многу, не е ни малку. Проблемот кај нас е каде се тие вработени. Дали се вработени во институции кои испорачуваат услуги или се во институции кои регулираат политики. Во скандинавските држави имаме 14 отсто, но тие се вработени во институции кои нудат и испорачуваат услуги. Погледнете го нивниот просек на учител кон ученик, здравствен персонал - пациент и тука тие ја прават таа разлика. Ние каде што треба да ја понудиме таа услуга не стоиме добро, а имаме вработувања во државна администрација и на централно и на локално ниво, кои се непродуктивни“, појаснува професорот Мемет Мемети.

Сегашната состојба во општините, според професорот Вели Креци, може да се смени доколку се согледаат целите, буџетски можности и потребата за вработени.

„Во однос на општините треба да има детална анализа на работните места за да се утврди колкав број човечки ресурси е потребен за извршување на задачите кои произлегуваат од стратешките планови или од задачите кои мора општината да ги изврши. Според законот, мора да постои основа според која има потреба за работното место“, вели тој.

Општина Тетово се соочува и со долгови од над 24 милиони евра.

XS
SM
MD
LG