Достапни линкови

Кој ги контролира вработувањата во администрацијата пред избори?


Илустрација. Администрација, шалтери
Илустрација. Администрација, шалтери

Институциите мора да подготвуваат анализи за да можат да побараат одобрувања за вработувања, велат експертите откако пред изборите продолжуваат привремените вработувања во админстрцијата. Тие велат дека проблем е што недостасуваат аргумнтирања за новите вработувања.

На четири месеци пред предвремените парламентарни избори продолжуваат привремените вработувања во администрацијата кои со години наназад во континуитет се предмет на критики и во домашната јавност и во европските извештаи за напредокот на земјата со укажувања дека тие отвораат можност за полнење на институциите со партиски кадри.

Овој месец објавени се 43 огласи за нови вработувања и тоа за само четири дена. Минатиот месец пак беа објавени огласи за околу 130 вработувања во јавната и државната администрација.

Овие огласи повторно предзивикаа разочарувања во јавноста затоа што и покрај големите ветувања за професионализација на државната управа и јавниот сектор кој владата го потврди и со носење на стратегија за јавна администрација и натаму се примаат кадри без увид на јавноста за реаланите потреби од нови вработувања.

Министерот за информатичко општество Дамјан Манчесвки овие денови се правда дека нема предизборни вработувања и оти институциите имаат потреба од кадар затоа што на крајот на годината се прекинуваат договорите за вработување на определено време.

Но, главен проблем е тоа што не е доволно познато кои се аргументите на секоја институција зошто им се потребни вработувањата.

Факт е дека во јавниот сектор во овој момент голем дел од луѓето си заминуваат во пензија или заминуваат од јавната служба по други основи, вели Неда Малевска од Центарот за управување со промени, која, меѓутоа, нагласува дека вработувањата треба да бидат на некој начин контролирани. Таа укажува дека институциите треба да дадат одреден преглед за тоа колку луѓе од администрацијата заминуваат по основ на пензија или по други основи и на кој начин се надополнуваат овие вработувања.

„Институциите во овој момент мора да подготвуваат функционални анализи за да можат да побараат одобрувања за вработувања, значи тие мора да имаат аргументи зошто им се потребни нови вработувања во јавниот сектор и тоа на некој начин може да биде добра основа за рационализација, но исто така и за утврдувања на потребите за вработувања во јавниот сектор. Сепак, она што сега се случува во однос на огласувањата и вработувањата во овој период неколку месеци пред изборите остава впечаток дека станува збор за вработувања кои се непосредни пред избори што не мора да е така, но ако институциите даваат аргументи колку од луѓето заминале и од кои причина има потреба од нови вработувања веројатно перцепцијата би била поинаква”,вели Малевска.

Во меѓувреме се уште не е готова анализата што ја најавува министерот Манчевски за да се утврди каде има превработеност по што според најавите треба да се започне со префрлање на вишокот од кадарот во администрацијата од јавниот во приватниот сектор. За да ја долови состојбата, Манчевски напомена дека во јавната администрација и централните институции недостига кадар, а во јавниот сектор севкупно има превработеност.

Инаку Агенцијата за вработување престанува да објавува огласи за вработување 60 дена пред избори . Професорот Темелко Ристевски вели дека формално правно не е пробем што се распишуваат огласи за вработување, но оти не е јасно дали вистина се примаат луѓе таку каде што е потребно.

"Изборната кампања се уште не е почната така што формално правно гледано не е тоа проблем. Факт е дека има голем број вработени со договор на дело, и дека некаде во некои органи на администрацијата се потребни луѓе. Се намалува и бројот на вработени бегаат луѓе, си наоѓаат подобри решенија, платите во администрацијата се мали, бегаат во странство. Потреби има но колку, како, дали се тие вработувања повеќе од тоа што ни треба незнам, ни требаат прецизни показатели" вели професорот Темелковски.

Тој дополнува дека има потреба и од преминување на тие што се вработени по договор на дело во постојан работен однос.

Во моменотов има околу 130 илјади вработени во администрацијата, а се проценува дека околу 10 проценти од нив се вработени со договор на дело или се со времени вработувања Малевска вели дека и во европските земји се практикуваат времени вработувања, но оти проблемот кај нас е што нема увид за аргументите под кои се остваруваат.

Како и да е, граѓаните како да немаат друг избор зошто сите партии кои беа на власт во изминатите години покажаа дека се склони на вработувања на неколку месеци пред избори.

Во меѓувреме партиите продолжуаат да си ја префрлаат одговорноста.

Од ВМРО-ДПМНЕ, реагираа дека новите огласи зачестиле откако партиите кај претседателот на државата Стево Пендаровски се договориле за избори на 12 април догодина. Од таму рекоа дека наместо европски вредности, јавноста е сведок на расипничко искористување на буџетските пари за партиски цели. Од опозициската партија обвинија дека од 20.10.2019 година до денес, биле објавени над 1.200 јавни огласи за вработување, за над 2.200 извршители во институции, на определено и неопределено работно време.

Од СДСМ ги отфрлија ваквите обвинувања и рекоа дека времето на превработување на администрацијата поради партиски цели и добивање на повеќе гласачи за избори ќе остане запаметено како време на ВМРО-ДПМНЕ. Денес, секоја институција вработува според индивидуалните потреби, дали за нови работни позиции поради зголемен обем на работа и формирање на нови сектори, како и замена на постоечките со нови вработени поради пензионирање“, наведуваат од СДСМ.

Премиерот Зоран Заев во меѓувреме тврди дека администрацијата се намали за 25 илјади луѓе иако експертите и натаму нагласуваат дека на државата и е потребна мала и ефикасна администрација.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG